XXIV<br></br>За Пловидбата на Еарендил и Војната на гнев - Полиграматон

XXIV

За Пловидбата на Еарендил и Војната на гнев


Светлиот Еарендил тогаш стана владар на народот кој домуваше близу устијата на Сирион; и за жена ја зеде Елвинг личната и таа му ги роди Елронд и Елрос, кои се наречени Полу-вилни. Но Еарендил место не го фаќаше и пловидбите околу бреговите на Вамошните Земји не му го услишија немирот. Два ниета имаше во срцето смесени во едно од копнеж по широкото Море: сакаше да отплови по него и да ги побара Туор и Идрил кои не се враќаа; и беше со мисла и да го најде крајниот брег и пред да умре да ја однесе пораката на Вилите и Луѓето до Валарите на Запад за да им ги трогне срцата, та да се сожалат на јадовите во Меѓуземјето.

Еарендил пак, веднаш стана пријател со Кирдан Бродоградецот кој домуваше на Островото Балар со оние од неговиот народ кои избегаа од обирот на Пристаните Бритомбар и Егларест. Со помош на Кирдан, Еарендил го изгради Вингилот, Пено-цветот, најличен од сите бродови од песните; златни му беа веслата и јапијата бела, исечена во брезовите кории на Нимбретил, а едрата му беа небаре месечева срма. Во Епопејата за Еарендил едночудо работи се пејат за неговите доживувања во длабочините и во земјите неизгазени и низ многуте мориња и многуте островија, но Елвинг не беше со него, туку жалосно седеше крај устијата на Сирион.

Еарендил не ги најде ни Туор ни Идрил ниту ја стори таа пловидба до бреговите на Валинор,  поразен од сенки и маѓепства и влечен од одбивни ветришта сѐ додека од копнеж по Елвинг не се сврте за дома кон брегот на Белерианд. И срцето му велеше да побрза, зашто некој ненадеен страв го имаше спопаднато на сон; за да не ветриштата на кои дотогаш беше јурел, сега не можат да го однесат онолку брзо колку што сакаше.

Кога до Меидрос пак, за прв пат стигна абер дека Елвинг е сѐ уште жива и дека домува крај устијата на Сирион со Силмарил при неа, од што се каеше за делата во Дориат си ја воздржа раката. Но со време, мислата за неизполнетата заклетва се врати да го мачи и него и браќа му и собирајќи се од раштрканите ловечки патеки, испратија пораки до Пристаните нудејќи пријателство, но и строга опомена. Тогаш Елвинг и народот на Сирион не сакаа да го предадат џеваирот кој Берен го беше освоил и кој Лутиен го беше носела и за кој личниот Диор имаше загинато; а уште помалку зашто владарот им Еарендил уште беше на море, а и им се чинеше дека во Силмарилот лежи иљачот и благословот кој им ги вардеше куќите и бродовите. И така бидна последната и најсурова крвнина на Вили од вилинска рака; и тоа беше третото од големите гревови остварени од проклетата заклетва.

Зашто синовите на Феанор што беа уште живи се спуштија одненадеж врз сургунџиите од Гондолин и остатокот на Дориат и ги уништија. Во таа битка некои од нивниот народ се тргнаа настрана, а некои и се забунија и беа потепани одошто ѝ се свртија на помош на Елвинг наспроти нивните владари (зашто таква беше жалоста и смутот во срцата на Елдарите во тие дни); но Меидрос и Маглор го добија мегданот, макар што потоа само тие останаа од синовите на Феанор, зашто и Амрод и Амрас загинаа. Прекасно дојдоа бродовите на Кирдан и Гил-галад Врховниот Крал вјасајќи им на помош на Вилите од Сирион; и Елвинг ја немаше, а и нејзините синови. Тогаш оние малкумина од народот кои не витосаа во нападот му се придружија на Гил-галад и заминаа со него во Балар; и раскажаа дека Елрос и Елронд се заробени и дека Елвинг со Силмарилот врз градите се беше фрлила во морето.

Така Меидрос и Маглор не го добија џеваирот, но тој не беше изгубен. Зашто Улмо ја изнесе Елвинг од брановите и ја престори во голема бела птица и врз градите како ѕвезда ѝ светеше Силмарилот како што леташе над водата да си го најде Еарендил, саканиот ѝ. Така една вечер, Еарендил од кормилото на бродот ја виде како доаѓа накај него како бел облак заитан - дотолку бидува, под месечината, како ѕвезда над морето што се движи по чудна патека, како блед пламен на олујни крила. И опеано е како таа паднала од воздухот врз гредите на Вингилот премрена и за малку што не загинала од толку што била забрзана и Еарендил ја зел в пазуви, но изутрината со восхитени очи ја видел крај себе жена си во нејзиниот сопствен облик, со косата врз неговото лице, кај спие.

Голема беше жалоста на Еарендил и Елвинг од запустувањето на пристаните на Сирион и заточеништвото на нивните синови и им беше страв да не ги отепаат; но не беше така. Зашто Маглор им се сожали на Елрос и Елронд и ги изварди и меѓу нив потоа се роди љубов каква што непара можеше да се очекува, но срцето на Маглор му беше болно и капнато од бремето на страшната заклетва.

Сепак, Еарендил веќе не гледаше надеж во земјите на Меѓуземјето и пак падна во очај и не се врати дома, туку уште еднаш тргна да го бара Валинор со Елвинг крај него. Сега тој најчесто стоеше на клунот на Вингилот и Силмарилот му беше врзан на чело; и светлината сѐ повеќе му раснеше како што се ближеа до Запад. И стари рекле дека преку моќта на тој свет џеваир со време дошле до води кои ничии галии, освен оние на Телерите, не ги беа знале; и стигнале до Маѓепсаните Островија и избегале од нивното маѓепство; и стигнале до Сенишните Мориња и ги поминале нивните сенки и го здогледале Тол Ерессеа, Осаменото Острово, но не се задржале; и најпосле го фрлиле сидрото во Заливот на Елдамар и Телерите го виделе доаѓањето на тој брод од Исток и се вчудовиделе, оддалеку гледајќи во светлината на Силмарилот, кој била многу силна. Тогаш Еарендил, прв меѓу живите Луѓе, стапна врз бесмртните брегови; и ѝ прозборе на Елвинг и на оние кои беа со нив, а тоа беа тројца морепловци кои имаа пловено по сите мориња  заедно со него: Фалатар, Ереллонт и Еирандир им беа имињата. И Еарендил им рече: „Овде само јас ќе згазнам, за да не паднете и вие под гневот на Валарите. Таа беља јас сам ќе ја пречекам, за атер на Двете Роди.“

Но Елвинг одговори: „Така нашите патишта за навек би се расцепиле, но знај дека сите бељи што тебе те чекаат и јас самата ќе ги пречекам.“ И скокна во белата пена и потрча кон него; но Еарендил се нажали, зашто се плашеше од лутината на Владарите на Западот спрема оние од Меѓуземјето кои ќе се осудат да го поминат таборот на Аман. И таму се збогуваа со придружниците во пловидбата и за навек се одделија од нив.

Тогаш Еарендил ѝ рече на Елвинг: „Почекај ме тука; зашто само еден може да ја однесе пораката што мене ми е пишано да ја носам.“ И сам се искачи кон земјата и стигна до Калакрија и му се виде празен и тивок; зашто исто како што Моргот и Унголиант пред толку раздобја беа дошле, така сега и Еарендил доаѓаше во време на прослави; и скоро сите Вили беа заминати во Валимар или се имаа насобрано во дворовите на Манве на Таникветил и малкумина беа останати да чуваат стража врз ѕидините на Тирион.

Но имаше некои кои го видоа оддалеку заедно со големата светлина што ја носеше; и веднаш појвасаа кон Валимар. Но Еарендил се искачи по зелениот рид Туна и го начека гол; и влезе во сокаците на Тирион кои беа празни и срцето му натежна, зашто се уплаши да не дури и Блаженото Царство го снашло некое зло. Зачекори по напуштените патеки на Тирион и правта врз неговата руба и чевли беше прав од дијаманти и тој сјаеше и болскотеше додека се качуваше по долгите бели скали. И гласно довикуваше на многу јазици и вилински и човечки, но никој не се најде да му одговори. Затоа најпосле се сврте кон морето; но баш како што тргна по патот за брегот, некој застана на ридот и со силен глас му викна, извикувајќи:

„Здравоживо Еарендиле, морепловецу најпрославен, бараниот кој довтасува неочекуван, пожелениот кој довтасува наспроти сета надеж! Здравоживо Еарендиле, носачу на светлината пред Сонцето и Месечината! Билјур на Чедата на Земјата, ѕвезда во темнината, џеваир на зајдисонцето, блескав во утрината!“

Тој глас беше гласот на Еонве, телалот на Манве кој доаѓаше од Валимар и го викаше Еарендил да појде пред Моќите на Арда. И Еарендил појде во Валинор и во дворовите на Валимар и веќе никогаш не стапна врз човечките земји. Тогаш Валарите седнаа заедно да се советуваат и го свикаа Улмо од морските длабини; и Еарендил им застана пред лицата и го зајави нарачот на Двете Роди. Прошка побара за Нолдорите и исав за нивните големи жалости и милост за Луѓето и Вилите и чаре за нивната иктиза. И молитвата му беше услишена.

Меѓу Вилите се вели дека откако Еарендил заминал да си ја најде жена си Елвинг, Мандос прозборел за каква судбина да го снајде и рекол: „Зар бидува смртен Човек неумрен да стапне врз вековечните земји и да остане жив?“ Но Улмо рече: „За ова тој се беше родил на веков. И ајде кажи да те чујам: дали е Еарендил син на Туор, од коленото на Хадор, или син на Идрил, ќерката на Тургон од вилинската лоза на Финве?“ И Мандос одговори: „Исто и Нолдорите кои своеволно заминаа в сургун не можат да се вратат тука.“

Но кога сѐ беше кажано, Манве пресуди и рече: „За оваа работа мене ми е даден изим да пресудам. Бељата која ја премости од љубов за Двете Роди нема да го снајде Еарендил ниту ќе ја снајде жена му Елвинг, која од љубов по него тргна в беља; но ни двајцата веќе нема никогаш да зачекорат помеѓу Вилите и Луѓето во Надворешните Земји. И ваква грамота прогласувам за нив: на Еарендил и на Елвинг и на синовите им, ќе им е дадено секој сам да си избере за која рода ќе си ја врзе судбината и во која рода ќе се слага.“

Кога Еарендил пак, долго време се беше забавил, Елвинг стана осамена и ја фати страв; и талкајќи крај ивиците на морето се приближи до Алквалонде каде што лежеа Телериските флоти. Таму Телерите се спријателија со неа и ги ислушаа нејзините сказни за Дориат и Гондолин и јадовите на Белерианд и се исполнија со жал и восхит; и кога Еарендил се врати, ја најде таму, кај Пристанот на Лебедите. Но не помина долго време и беа повикани во Валимар; и таму им беше зајавена грамотата на Првиот Крал.

Тогаш Еарендил ѝ рече на Елвинг: „Ти избери, зашто јас сум капнат од светов.“ И Елвинг избра да се слага во Првородените Чеда на Илуватар, поради Лутиен; и за нејзин атер и Еарендил го избра истото, макар што срцето повеќе го тргаше кон родата на Луѓето и народот на татко му. Тогаш по заповед на Валарите, Еонве замина до брегот на Аман каде придружниците на Еариндил уште седеа и чекаа абер; и зеде лаѓа и ги стави тројцата морепловци во неа и Валарите ги пуштија да пловат кон Исток, носени од силен ветер. Но Вингилот го зедоа и го осветија и го одведоа низ Валинор до самоти раб на светот; и таму помина низ Вратата на Ноќта и беше кренат сѐ до океаните на небесата.

Од лична-полична тогаш беше направена таа галија и беше исполнета со мижуркав пламен, чист и светол; и Еарендил Морепловецот застана зад кормилото болскотејќи од правта на вилинските бесценети камења; и Силмарилот му беше врзан на чело. Далеку пропатува со тој брод, дури до безѕвездените небиднини; но најчесто го гледаа наутро или навечер како мижурка на изгрејсонце или зајдисонце додека се враќаше во Валинор од пловидби надвор од синорот на светот.

На тие патувања Елвинг не одеше, зашто не можеше да го издржи студот и беспатните небиднини и помили ѝ беа земјата и слатките ветрови кои дуваа низ морето и ридовите. Затоа за неа беше изградена бела кула на север, врз границите на Расцепните Мориња; и таму напати се береа сите морски птици од земјата. И се вели дека Елвинг ги научила јазиците на птиците, чиј облик еднаш и самата го беше носела; и тие ѝ ја кажале мајсторијата на летот и крилјата ѝ биле бели и сребрено-сиви. И напати кога Еарендил враќајќи се повторно ќе се приближел до Арда таа ќе излетала да го пречека, исто како што беше летала во дамнина, кога тој ја спаси од морето. Тогаш далекугледните меѓу Вилите кои домуваа на Осаменото Острово ја гледаа како бела птица, сјајна, поаловена од зајдисонцето, како радосно рее за да го поздрави доаѓањето на Вингилот в пристан.

Кога Вингилот пак, за прв пат беше поставен да плови по морињата на небесата, се крена неочекуван, блескав и светол; и народот од Меѓуземјето го погледаа оддалеку и се зачудија и поверуваа дека е некој знак и го крстија Гил-Естел, Ѕвезда на Големата Надеж. И кога оваа нова ѕвезда се појави во квечерината, Меидрос му прозборе на брата си Маглор и му рече: „Сетики Силмарил ќе да е она што сега сјае на Запад.“

И Маглор одговори: „Ако вистина е Силмарилот што го видовме како пропаѓа во морето кај сега се крева преку моќта на Валарите, тогаш нека ни е мило; зашто величеството сега многумина ќе му го видат, а сепак од секое зло ќе е сигурен.“ Тогаш Вилите погледаа нагоре и веќе не очајуваа; ама Моргот се исполни со сомнеж.

Но се вели дека Моргот не го очекувал нападот кој го спопадна од Запад; зашто толку голема му беше станала гордоста што му се чинеше дека веќе никој никогаш нема да се закрене да прави џенг против него. А сметаше и дека засекогаш ги беше отуѓил Нолдорите од Владарите на Западот и дека, задоволни во нивното блажено кралство, Валарите веќе нема да ѝ го берат гајлето на неговата царштина во надворешниот свет; зашто на оној што е немилосрден, делата на милосрдие секогаш му се чудни и неочекувани. Но свитата на Валарите се подготви за битка; и под нивните бели бајраци маршираа Ванјарите, народот на Инве, како и оние од Нолдорите кои никогаш не се заминаа од Валинор и чиј водач беше Финарфин, синот на Финве. Малкумина од Телерите се кандисаа да тргнат во војна, зашто се сеќаваа на крвнината во Лебедниот Пристан и на сквернавењето на нивните бродови; но ја послушаа Елвинг која му беше ќерка на Диор Елухил и беше од нивни сој и испратија доволно морепловци да пловат со бродовите кои ја носеа свитата на Валинор кон исток преку морето. Но тие потоа останаа во галиите и никој од нив не стапна врз Вамошните Земји.

За походот на свитата на Валарите до северот на Меѓуземјето малку се кажува во сказни; зашто меѓу нив немаше никој од оние Вили кои домуваа и страдаа во Вамошните Земји и кои ги напишаа приказните за тие дни кои уште се паметат; и абер за овие работи им стигна дури отпосле, од нивните роднини во Аман. Но најнакрај моќта на Валинор се подаде од Запад и призивот на трубите на Еонве го исполни небото; и Белерианд пламна со величеството на нивниот силав, зашто свитата на Валарите беше построена во облици на младост, личотија и ужас и планините ѕунеа под нивните нозе.

Средбата на свитите на Западот и на Северот е крстена Големата Битка и Војната на Гнев. Таму беше собрана на куп сета сила на Престолот на Моргот, која беше станала толку голема што бројот не ѝ се знаеше, та ни Анфауглит не можеше да ја собере; и сиот Север се расплами во војна.

Но сѐ му беше џабе. Балрозите беа сотрени, освен некои кои побегнаа и се скрија во непристапни пештери во корените на земјата; и недобројните табури на Орки витосаа како слама во голем оган, или беа збришани како исушени лисја од пламен ветер. Малку останаа да го мачат светот во долгите години потоа. И оние малкумина кои имаа останато од трите лози на Вило-побратимите, човечките Татковци, се бореа на страната на Валарите; и најпосле се осветија за Барагунд и Барахир, за Галдор и Гундор, за Хуор и Хурин и за многу други нивни големци. Но голем дел од човечките синови, дали од народот на Улдор, или други коишто штотуку беа дошле од исток, маршираа со Непријателот и Вилите тоа не го забораваат.

Тогаш, гледајќи дека свитите му се соборени и моќта распрсната, Моргот стрпна и не се осмели самиот да излезе. Но го испушти врз душманите последниот очаен напад кој го имаше спремено и од јамите на Ангбанд се зададоа крилатите ламји кои дотогаш никој ги немаше видено; и толку ненадејна и погубна беше навалата на таа страшна флота што свитите на Валарите беа одвратени, зашто доаѓањето на ламјите беше со големи грмежи и громови и со луња од пламен.

Но дојде Еарендил, блескајќи со бел оган и околу Вингилот беа насобрани сите големи птици од небесата и војвода им беше Торондор и имаше битки низ воздухот преку сиот тој ден  и низ ноќта исполнета со сомнеж. Пред изгревот на сонцето Еарендил го отепа Анкалагон Црниот, најсилниот од сета аждерска свита и го сотре од небото; и тој падна врз кулите на Тангородрим и ги разруши со снагата. Тогаш сонцето изгреа и свитата на Валарите надвладеа и скоро сите ламји беа уништени; и сите јами на Моргот беа разрушени и таваните им беа откорнати и силата на Валарите се спушти сѐ до длабините на земјата. Таму најпосле ги чекаше Моргот, сам, а нејуначки. Побегна во најдлабоките рудници и фати да моли за мир и прошка; но му ги покосија нозете од под него и го спружија ничкум. Тогаш го врзаа со синџирот Ангаинор кој и пред тоа го беше носел и железната круна му ја прековаа во огламник за на врат и му ја наведнаа главата врз колената. И двата Силмарили кои му имаа останато на Моргот беа земени од круната и ненагрдени блеснаа под небото; и Еонве ги зеде за да ги варди.

Така ѝ се стави крај на моќта на Ангбанд на Север и злобното кралство беше поништено; и од длабоките зандани мношто робови излегоа, наспроти секоја надеж, на дневна светлина и го погледаа светот кој сега беше изменет. Зашто толку голема беше јароста на противниците што северните предели на западниот свет целите беа расцепени и морето гргаше низ многу провалии и сѐ беше направено русвај и голема бука бучеше; и реки имаа витосано или се имаа искривено по нови патишта и долините се имаа кренато и ридовите набиено; и Сирион веќе ја немаше.

Тогаш Еонве, како телал на Првиот Крал, ги повика Вилите од Белерианд да си заминат од Меѓуземјето. Но Меидрос и Маглор не сакаа да поризаат и се подготвија, макар целите капнати и полни презир, очајнички да пробаат да си ја исполат заклетвата; зашто беа спремни да се борат за Силмарилите, ако не сакаа да им ги дадат, дури и против победоносната свита на Валинор, макар и сами против сиот свет да би стоеле. Така, му испратија порака на Еонве порачувајќи му да им ги теслими џеваирите кои татко им Феанор во дамнина ги направил и кои Моргот му ги украде.

Но Еонве одговори дека правото на делото на татко им, кое синовите на Феанор порано го имаа, беше битисало, поради толкуте безмилосни дела, поради што биле заслепени од заклетвата, а најмногу поради што го отепале Диор и нападот врз Пристаните. Светлината на Силмарилите сега ќе заминела на Запад од каде што и беше дошла во почетокот; и Меидрос и Маглор ќе мора да се вратат во Валинор и таму да се потчинат пред пресудата на Валарите, чија грамота единствено би го натерала Еонве да им ги теслими џеваирите. Тогаш Маглор навистина сакаше да се покори, зашто жалеше во срцето и рече: „Заклетвата не ни брани да се стрпиме; и во Валинор можеби и сѐ ќе е простено и заборавено, та во мир да си го добиеме она што е наше.“

Но Меидрос одговори дека ако се вратат во Аман и ја изгубат благонаклонетоста на Валарите, тогаш заклетвата сѐ уште ќе им стои, но ќе нема никаква надеж за да се исполни; и рече: „Којзнае каква страшна судба би нѐ снашла ако не ги ризаме Силите во нивната земја, или ако некогаш се закренеме да правиме џенг во нивното свето царство?“

Но Маглор не сакаше да отстапи, велејќи: „Ако Манве и Варда самите го бранат исполнувањето на заклетвата за којашто нив ги зедовме како сведоци, зар не е таа поништена?“

А Меидрос одговори: „Но како ќе ни стигне гласот до Илуватар зад Круговите на Светот? И во Илуватар се заколнавме во лудоста и Вековен Мрак си свикавме врз нас ако не си достоиме на зборот. Кој ќе нѐ ослободи?“

„Ако никој не може да не ослободи,“ рече Маглор, „тогаш Вековниот Мрак навистина ни бил речение, било да ја одржиме заклетвата, било да ја скршиме; но сетики помало зло ќе сториме ако ја скршиме.“

Но Маглор сепак најпосле попушти пред волјата на Меидрос и седнаа да се советуваат како да се дограбат до Силмарилите. И се преправија и дојдоа вечерта во логорот на Еонве и се прикрадоа до местото каде што ги вардеа Силмарилите; и ги отепаа стражарите и ги зграбија џеваирите. Тогаш сиот логор се крена против нив и се спремија да умрат, бранејќи се до последно. Но Еонве не дозволи никој да ги отепа синовите на Феанор; и заминувајќи си неоспорени далеку избегаа. Секој за себе си зеде по еден Силмарил зашто рекоа: „Штом еден изгубивме и останаа саде два, а од браќа ни сме уште ние, јасно е дека нас ни било пишано да ги делиме наследијата на татко.“

Но џеваирот му ја изгоре раката на Меидрос со неподнослива болка и тој виде дека е онака како што им рече Еонве и дека правото да го поседува веќе не важи и дека заклетвата им е напразна. И од толкав страд и очај, се фрли во една зјајната провалија полна со оган и така битиса, a Силмарилот што го држеше потона во пазувите на Земјата.

А за Маглор се вели дека не можел да ја истрпи болката со која го измачувал Силмарилот и најпосле го фрлил во Морето и оттогаш севезден талкал по бреговите, пеејќи од мака и каење крај брановите. Зашто Маглор беше мајстор меѓу певците од дамнина, надмашен само од Деирон од Дориат, но тој веќе никогаш не се врати меѓу вилинскиот народ. И така бидна да Силмарилите си ги најдат долгите почивалишта: еден во воздухот на небесата, еден во огновите во срцето на светот и еден во длабоките води.

Во тие денови почаа да се градат едночудо бродови на бреговите на Западното Море; и оттаму Елдарите во многубројни флоти отпловија кон Запад и веќе никогаш не се вратија во земјите на плач и на војна. И Ванјарите се вратија дома под белите бајраци и тржествено беа одведени во Валинор; но радоста од победата им беше помрачена, зашто се враќаа без Силмарилите од круната на Моргот и знаеја дека тие џеваири веќе никогаш нема да се пронајдени и здружени, освен ако светот не се разбие и преправи.

И кога стигнаа на Запад, Вилите од Белерианд се вдомија на Тол Ерессеа, Осаменото Острово, што гледа и на запад и на исток; од каде што можеа да стигнат дури до Валинор. Повторно беа воспримени од љубовта на Манве и прошката од Валарите; и Телерите им го простија древниот јад и клетвата беше окончана.

Но сепак не сите Еладалии беа спремни да ги арнисаат Вамошните Земји каде што толку долго беа страдале и домувале; и некои уште долги години останаа во Меѓуземјето. Меѓу нив беа Кирдан Бродоградецот и Келеборн од Дориат со жена му Галадриел, која беше последната од оние кои ги поведоа Нолдорите од Белерианд в сургун. Во Меѓуземјето домуваше и Гил-галад, Врховниот Крал и со него беше и Елронд Полу-вилен кој избра, како што му беше допуштено, да се вброи меѓу Елдарите; но брат му Елрос избра да живее со Луѓето. И саде од овие двајца браќа меѓу Луѓето има дојдено крвта на Првородените и нишката на боженствени духови кои постоеја пред Арда; зашто тие беа синови на Елвинг, ќерката на Диор, синот на Лутиен, чедото на Тингол и Мелиан; а татко им Еарендил беше синот на Идрил Келебриндал, ќерката на Тургон од Гондолин.

А Моргот пак, Валарите го фрлија низ Вратата на Ноќта преку Ѕидините на Светот во Безвременската Небиднина; и на тие ѕидини вечно има стража и Еарендил будно варди од небесните бедеми. Но сепак лагите кои Мелкор, силниот и проклет Моргот Бауглир, Моќта на Ужасот и на Омразата, ги посеа во срцата на Вилите и Луѓето се семе кое не умира и кое не може да се сотре; и одвреме-навреме пак знае да за’рти и ќе раѓа мрачни плодови дури до најкрајните денови.

 

Тука свршува СИЛМАРИЛИОНОТ. Како што мина од висини и убавини во темнина и гибел, таква беше и судбината на Нагрдената Арда; и дали ќе фатат промени, та Нагрдувањето да се исправи, Манве и Варда можеби знаат, ама не откриле, а не се зајавува ниту во судовите на Мандос.