XV<br></br>За Нолдорите во Белерианд - Полиграматон

XV

За Нолдорите во Белерианд


Се кажува како, предводен од Улмо, Тургон од Невраст го открил скриениот дол Тумладен; а тој (како што отпосле се дозна) лежеше источно од горните води на Сирион, сред прстен од високи и стрмни планини и никој жив не одеше таму освен орлите на Торондор. Но под планините имаше длабок пат издлабен во мракот на светот од води кои протекуваа и се влеваа во потоците на Сирион; и Тургон го најде овој пат и така стигна до зелените рамнини сред планините и го виде ридното острово кое таму се издигаше од тврд, мазен камен, зашто долот во древните денови беше бил големо езеро. Тогаш на Тургон му беше јасно дека го нашол местото по кое беше мечтаел и се реши таму да изгради личен град кој ќе е како паметник на Тирион врз Туна; па се врати во Невраст и остана таму да мирува, ама севезден се думаше како да ја оствари ваквата умисла.

По Дагор Агларебот пак, немирот кој Улмо му го вдахна во срцето му се врати, па ги свика најцврстите и највештите од неговиот народ и потајно ги поведе до скриената долина и таму го започнаа ѕидањето на градот кој Тургон го имаше издумано; и одоколу испоставија стража, та никој од надвор да не може да ги начека кај работат и силата на Улмо која течеше низ Сирион ги штитеше. Но Тургон сѐ уште најмногу се вртеше во Невраст сѐ додека најнакрај не бидна да градот е целосно соѕидан по педесет и две години тајно рмбање. Се вели дека Тургон назначил името да му биде Ондолинде на говорот на Вилите од Валинор, Карпа на Музиката на Водата, зашто на ридот имаше кладенци, но на синдаринскиот јазик името му се смени и стана Гондолин, Скриената Карпа. Тогаш Тургон се спреми да си замине од Невраст и да ги остави дворовите на Винјамар крај морето; и Улмо уште еднаш му дојде и му прозборе. И му рече: „Сега најпосле ќе одиш во Гондолин Тургоне; а јас ќе ја спотнам моќта моја во Долот на Сирион и сите нејзини води и ќе те скријам, та никој да не те види кај што одиш ниту пак некој ќе може да го најде тајниот влез наспроти тебе. Најдолго од сите царства на Елдалиите Гондолин ќе остане да стои против Мелкор. Но немој премногу да ги љубиш делата на рацете твои и кроежите на срцето твое; и запомни дека вистинската надеж на Нолдорите лежи на Запад и иде од Морето.“

И Улмо го опомена Тургон дека и врз него лежи Судот на Мандос кој Улмо немаше сила да го тргне. „Така, може да бидне“, рече, „да клетвата на Нолдорите и тебе те стигне на крајот и предавство да се собуди зад ѕидините твои. И тогаш оган ќе сака да ги голтне. Но ако те наваса ваквата беља, знај дека од Невраст ќе дојде еден за да те предупреди и преку него, наспороти гибел и оган, надеж ќе се роди за Вилите и Луѓето. Затоа остави во куќава силав и меч за кога ќе му дојде времето тој да може ги најде, та и ти да го познаеш и да не се излажеш.“ И Улмо му зајави на Тургон од каков тертип и ков треба да се шлемот и спремата и мечот што ќе ги остави.

Потоа Улмо се врати во морето и Тургон го испрати сиот свој народ, дури цела третина од Нолдорите кои го следеа Финголфин и уште поголема свита од Синдарите; и заминаа, чета по чета, потајно, под сенките на Еред Ветрин и незабележани втасаа до Гондолин и никој не знаеше каде беа пошле. И најнакрај стана и Тургон и тивко со сиот свој двор замина меѓу ридовите и влезе низ портите на планината и ги затвори зад него.

Долги години потоа никој не влезе внатре, освен само Хурин и Хуор; и свитата на Тургон никогаш не излезе, сѐ до Годината на Плачот по триста и педесет години, па и повеќе. Но зад кругот на планините народот на Тургон растеше и цветаше и си ги спотнаа вештините низ неуморен труд, па Гондолин врз Амон Гварет стана од личен поличен и кадар да се токми дури и со вилинскиот Тирион преку морето. Високи и бели му беа ѕидините и мазни скалите и вишна и јака беше Кулата на Кралот. Таму блескави шадрвани потскокнуваа и во дворот на Тургон стоеја кипови на Дрвата од дамнина кои самиот Тургон со вилинска мајсторија ги изрезбари; и Дрвото кое го направи од злато го крстија Глингал и Дрвото чии цветови ги направи од сребро го крстија Белтил. Но полична од сите чудесии во Гондолин беше Идрил, ќерката на Тургон, онаа која ја викаа Келебриндал, Сребренопета, чија коса беше како златото на Лаурелин пред доаѓањето на Мелкор. Така Тургон долго време живееше блажено, а Невраст беше пуст и остана празен од народ сѐ до запустувањето на Белерианд.

Додека скришно се беше ѕидал градот Гондолин пак, Финрод Фелагунд твореше во длабоките места на Нарготронд; но сестра му Галадриел домуваше, како што веќе се кажа, во кралството на Тингол во Дориат. И напати Мелиан и Галадриел си муабетеа за Валинор и за блаженството од дамнина; но во муабетот Галадриел не одеше подалеку од црниот час на смртта на Дрвата, туку секогаш се затишуваше. И Мелиан еднаш рече: „Има некоја сакалма која ви лежи на срцето тебе и на родата твоја. До толку ми се гледа, но друго ништо не можам да видам; зашто ни на сон ни во мисла не можам да догледам ништо што биднало или биднува на Запад: сенка се надвиснала над целата земја во Аман и се протега надалеку преку морето. Зошто не сакаш да ми кажеш повеќе?“

„Зашто таа сакалма е веќе помината.“ рече Галадриел; „и би ја воспримила радоста што тука е останата, на раат од спомени. А можеби и други сакалми допрва ќе следат, иако надежта уште се чини светла.“

Тогаш Мелиан ја погледа в очи и рече: „Јас не верувам дека Нолдорите пристигнаа како гласници на Валарите како што на почетокот се велеше; ниту пак дека стигнаа тогаш кога ние имавме иктиза. Зашто никогаш не зборуваат за Валарите, а ни абер ни збор не донесоа владарите нивни до Тингол ниту од Манве ниту од Улмо, дури ни од Олве, братот на Кралот и народот негов кој замина преку морето. Зошто, Галадриел, беше великиот нолдорски народ истеран од Аман в сургун? И какво зло лежи во синовите на Феанор што се толку надмени и толку бесни? На право те прашувам или не?“

„На право,“ рече Галадриел; „освен во тоа дека не бевме истерани, туку си заминавме сами по наша воља, наспроти таа на Валарите. И низ големи бељи и наспроти Валарите сме дојдени заради ова: да му се осветиме на Моргот и да го повратиме она што ни го украде.“

Тогаш Галадриел и раскажа на Мелиан за Силмарилите и за крвнината на Крал Финве во Форменос: но сепак не ја спомена Заклетвата ниту Родоморството ниту горењето на бродовите кај Лосгар. Но Мелиан рече: „Многу ми раскажа, но уште повеќе гледам. Како мрак да ставаш врз долгиот пат од Тирион, а таму гледам зло кое Тингол треба да го знае, та да знае што е и како е.“

„Можеби,“ рече Галадриел; „но не ќе дознае од мене.“

И Мелиан тогаш престана да ѝ зборува за ова на Галадриел, но му кажа на Крал Тингол сѐ што беше чула за Силмарилите. „Ова е голема работа,“ рече таа, „поголема дури и одошто Нолдорите си мислат; зашто Светлината на Аман и судбината на Арда се сега споени низ овие нешта, творби на Феанор, кој веќе го нема. Слутам дека со никаква сила Елдарска нема да се повратат и дека светот ќе се разбие од битки кои допрва ќе следат пред да му ги истргнат од раце на Моргот. Ете, Феанор веќе го зедоа на душа и ми се чини и едночудо други; но првиот од многуте животи кои ги зеле и ќе ги земат е оној на Финве, пријателот ти. Моргот го отепал, пред да пребегне од Аман.“

Тогаш Тингол се затиши, одошто беше исполнет со јад и јанѕа; но најнакрај рече: „Сега најпосле го разбирам пристигањето на Нолдорите од Запад, а многупати сум се думал. Не беа ни дошле нас на помош (освен потамина); зашто оние кои се останати во Меѓуземјето Валарите ги оставаат сами да си ја бркаат работата, освен во најголема иктиза. За освета и за извида на зијанот нивен се дојдени Нолдорите. Но со тоа ќе да се уште посигурни сојузници против Моргот, со којшто сега се знае дека никогаш нема да се помират.“

Но Мелиан рече: „Вистина за оваа работа се дојдени; но и за друго. Варди се од синовите на Феанор! Сенката од гневот на Валарите лежи врз нив; и ми се гледа како големо зло да сториле и во Аман и врз роднините им. Јад кој е саде успиен кај лежи меѓу нолдорските принцеви.“

А Тингол одговори: „Што имам јас со тоа? За Феанор сум чул само абер и се чини дека навистина бил велик. За синовите му непара ќеф ми прават работите што ги слушам; но сетики ќе му испаднат најсмртни душмани на нашиот душман.“

„Со две острици  ќе им се и мечевите и зборовите.“ рече Мелиан; и потоа веќе не зборуваа за оваа работа.

Не помина многу време, а меѓу Синдарите почнаа да се шепотат сказни за делата на Нолдорите пред да дојдат во Белерианд. Јасно се знаеше од каде доаѓаат и лошата вистина беше надуена и затруена од лаги; а Синдарите сѐ уште беа непретпазливи и доверливи, па Моргот (со право) ги избра нив за овој прв напад на неговиот лошотилук, одошто не го знаеја. И Кирдан, слушајќи ги ваквите мрачни гласини се насекира; зашто беше мудар и зашто бргу осозна дека биле вистинити или лажни, овој пат се пуштени од лошотилук, иако му се чинеше дека лошотилукот е оној на нолдорските принцеви поради љубомората меѓу нивните лози. Затоа испрати гласници до Тингол да му кажат сѐ што беше чул.

Се погоди да во тоа време синовите на Финарфин пак бидат на гости кај Тингол, зашто сакаа да си ја видат сестра им Галадриел. Тогаш Тингол, одошто многу беше понесен, луто му свика на Финрод велејќи: „Лошо си ми сторил роднино, што волку големи работи си сокрил од мене. Зашто сега дознав за сите злодела на Нолдорите.“

Но Финрод одговори: „Што лошо сум ти сторил господару? И какви злодела сториле Нолдорите во твоето кралство, за да се јадосаш? Ниту кон лозата твоја ниту кон народот твој не помислиле нешто лошо или направиле нешто лошо.“

„Ти се чудам на умот сине на Еарвен,“ рече Тингол, „што можеш да седиш на трпеза кај роднина ти со раце крвјосани од родата на мајка ти, без да пробаш да се одбраниш или пак прошка да побараш!“

Тогаш Финрод многу се насекира, но премолча, зашто не можеше да се одбрани без да ги накриви другите нолдорски принцеви; а тоа непара му се правеше пред Тингол. Но во срцето на Ангрод споменот од зборовите на Карантир повторно се поду во горчина и извика: „Господару, не знам какви лаги сте чуле ниту од каде; но не доаѓаме со крвјосани раце. Без кабает тргнавме, освен можеби од безумие што ги послушавме зборовите на бесниот Феанор и како од вино да се билјосавме, а и толку кусо. По патот ништо лошо не направивме, туку трпевме големи лошотии и ги опростивме. И поради тоа нѐ прават шепнипокровци пред тебе, а издајници пред Нолдорите: на правдина е, да знаеш, зашто од верност молчиме пред тебе, та вака да ни се лутиш. Но клеветот веќе нема да го трпиме, а ти ќе ја дознаеш вистината.“

Потоа Анрод фати горко да зборува против синовите на Феанор, раскажувајќи за крвта во Алквалонде и за Судот на Мандос и за горењето на бродовите кај Лосгар. И извика: „Чуму нас, ние кои го издржавме Резливиот Мраз, да нѐ викаат родоморци и предавници?“

„Но сенката на Мандос лежи и врз вас,“ рече Мелиан. Но Тингол долго време молчеше пред да прозбори. „Ајде, одете сега!“ рече. „Зашто уште ми врие во душава! Покасно може да се вратите ако сакате; зашто нема засекогаш да ви ги затворам портите вас, роднините мои, кои ве заптисало зло што не сте го створиле. А и со Финголфин и со неговите ќе останам пријател, зашто горко се искупиле за злото што го сториле. И нека во омразата кон Силата која ги изнедри сиве овие таксирати ни се изгуби јадот. Но чујте ме што ви велам! Никогаш веќе со уши не сакам да го слушнам јазикот на оние кои ми ги потепаа роднините во Алквалонде! Ниту ќе се говори некаде отворено во моето кралство дури мене сила ме крепи. Сите Синдари ќе ми ја почујат заповедта да ниту зборуваат на јазикот на Нолдорите ниту се одзиваат на него. А оние кои ќе го користат ќе се прогласени за непокајни родокрвници и родопредавници.“

Тогаш синовите на Финарфин со тешко срце си заминаа од Менегрот осознувајќи дека зборовите на Мандос вечно ќе се исполнуваат и никој од Нолдорите кои го следеа Феанор нема да може да се оттараси од сенката која лежи врз неговата лоза. И бидна онака како што Тингол рече; зашто Синдарите му ги почуја зборот и оттогаш низ цел Белерианд го отфрлија јазикот на Нолдорите и бегаа од оние кои го зборуваа на глас; а Сургунџиите го присвоија синдаринскиот јазик за катаден и Великиот Говор на Западот го говореа само нолдорските владари, меѓу себе. Но тој говор остана да живее како јазик на преданија секаде онаму каде што домуваше народ од таа сорта.

Бидна да Нарготород најнакрај биде целосно соѕидан (иако Тургон сѐ уште живеше во дворовите на Винјамар) и синовите на Финарфин се собраа на гозба; и Галадриел дојде од Дориат и поживеа малку во Нарготронд. Крал Финрод Фелагунд пак, немаше жена и Галадриел го праша зошто да е така; но додека таа зборуваше на Фелагунд му дојде претскажание и рече: „И јас ќе земам заклетва, та мора да сум слободен =за да ја исполнам и да заминам в темница. Ниту пак ќе остане нешто од моето царство за син да може да наследи.“

Но се вели дека таква ладна мисла до пред тој час го немало налегнато; зашто онаа која ја беше сакал била Амарие од Ванјарите, а таа не заминала со него в сургун.