III<br></br>За доаѓањето на вилите и заточеништвото на Мелкор - Полиграматон

III

За доаѓањето на вилите и заточеништвото на Мелкор


Долги времиња Валарите блажено домуваа во светлината на Дрвата зад Планините на Аман, но сето Меѓуземје лежеше во самрак под ѕвездите. Додека Фенерите светеа таму почна раст кој сега беше сопрен, затоа што пак сѐ беше темно. Но најстарите живи нешта веќе се имаа зададено: во морињата големите треви и на земјата сенките на големите дрва; а во долините на ридовите обвиени со ноќ имаше темни дијании стари и јаки. Валарите ретко кај доаѓаа до тие земји и шуми, освен Јаванна и Ороме; и Јаванна шеташе таму низ сенките, тажејќи одошто растот и умутот на Пролетта на Арда беа застанати. И таа заспа многу нешта кои во Пролетта се имаа разбудено, за да не остареат, туку да го чекаат времето на будење кое допрва требаше да дојде.

Но на север Мелкор си ја калеше силата и не спиеше, туку саде се кокореше и 'рмбаше; и злите нешта кои ги имаше извитоперено се рашетуваа по светот и темните и заспани кории беа опседнати од чудовишта и фрасни облици. И во Утумно си ги собра при себе демоните, оние духови кои први му пријдоа во дните на неговиот раскош и кои станаа најслични со него по расипаност: срцата им беа од оган, но беа наметнати во мрак и страв и трепет сееја; и имаа пламени камшици. Балрози беа крстени во Меѓуземјето во подоцнежните денови. И во тоа темно време Мелкор накоти многу други чудовишта од најразлични облици и сорти што долго време го мачеа светот; и царството катаден му се ширеше саде кон југ во Меѓуземјето.

И Мелкор направи и тврдина и оружарница недалеку од северозападните брегови на морето, да е кадар да го искрепи секој напад што би можел да се закрене од Аман. Со таа крепост повелаше Саурон, првиот мулазим на Мелкор; и беше крстена Ангбанд.

Бидна да Валарите свикаат совет, зашто се насекираа од аберот кој Јаванна и Ороме го беа донеле од Надворешните Земји; и Јаванна прозборе пред Валарите велејќи: „Моќници на Арда, сликата на Илуватар беше кратка и бргу се тргна, та да не можеме до ден да го погодиме назначениот час. Но во едно да сте сигурни: часот се ближи и во оваа ера кај ќе си го видиме умутот и ќе се разбудат Чедата. Зар ќе ги оставиме земјите на нивната домовина пусти и полни зло? Зар тие да шетаат во темница, а ние на светло? Зар Мелкор да го викаат господар, додека Манве седи на Таникветил?“

И Тулкас извика: „Јок! Станувајте да правиме џенг! Зар не почивавме доста од раскол и зар не си ја повративме силата? Зар засекогаш оној ќе ни пркоси?“

Но, по заповед на Манве, Мандос прозборе и рече: „Чедата на Илуватар навистина ќе дојдат во оваа ера, но дури допрва ќе стигнат. А судено е и Првородените да дојдат во темница и прво да се испулат кон ѕвездите. Голема ќе е светлината додека не замрат. Вечно Варда ќе ја викаат во нужда.“

Тогаш Варда замина од советот и погледна од височините на Таникветил и ја здогледа темнината во Меѓуземјето под небројните ѕвезди, бледи и далечни. Сетне отпочна голем труд, најголемото од сите дела на Валарите откако тие дојдоа во Арда. Ја зеде сребрената роса од бочвите на Телперион и од неа створи нови ѕвезди, уште посветли наспроти доаѓањето на Првородените; при што онаа чие име во временските длабини при трудовите на Еа беше Тинталле, Завалувачката, Вилите потоа ја викаа Елентари, Кралица на Ѕвездите. Карнил и Луинил, Ненар и Лумбар, Алкаринкве и Елеммире ги изнедри тогаш и многу други од древните ѕвезди ги собра и ги постави како нишани врз небото на Арда: Вилварин, Телумендил, Соронуме и Анаррима; и Менелмакар со сјајниот појас, кој ја навестува Последната Битка што ќе се води на крајот на дните. А високо на север, како опомена за Мелкор, ја постави да се ниша круната од седум силни ѕвезди, Валакирка, Српот на Валарите и знак на судот.

Се вели дека како што Варда привршувала со работата која баеги време ја вршела, кога Менелмакар најпрво се искачил по небото и синиот оган на Хеллуин замижуркал во маглите над границите на светот, во тој час се разбудиле Чедата на Земјата, Првородените на Илуватар. Крај ѕвездениот вир Куивиенен, Водата на Будењето, станале од сонот на Илуватар; и додека сѐ уште тивко стоеле крај Куивиенен со очите од сите работи најпрво ги здогледале ѕвездите на небото. И затоа тие отсекогаш ја сакале ѕвездената светлина, а Варда Елентари ја уважувале над сите Валари.

Низ промените на светот обликот на земјата и морето се разбивал и преправал; реките не ги задржале теченијата ни планините грамадноста; и до Куивиенен нема враќање. Но меѓу Вилите се вели дека тој лежи далеку на исток во Меѓуземјето и на север и дека бил залив на Затвореното Море Хелкар, а тоа море било на местото каде што некогашните корени на планината Иллуин беа биле, пред Мелкор да ја собори. Многу води се слевале таму од источните височини, а првиот звук што го чуле Вилите бил звукот на водата која течеле и звукот на водата која паѓала врз камењата.

Долго време Вилите домуваа во нивниот прв дом крај водата под ѕвездите и зачудено се шетаа по Земјата и почнаа да создаваат говор и да им даваат имиња на сите нешта кои ги гледаа. Самите се крстија Квенди, што значи оние кои зборуваат со гласови, зашто дотогаш уште немаа сретнато други дијании што зборуваат и пејат.

И еднаш се погоди да Ороме одјава на исток по лов; па сврте кон север крај бреговите на Хелкар и мина под сенките на Ороканите, Планините на Истокот. Тогаш ненадејно Нахар фати силно да ѕвиска и застана на место. И Ороме се зачуди и мирно почека и му се пристори како во тишината на земјата под ѕвездите да слуша оддалеку многу гласови како пејат.

И така Валарите најпосле ги најдоа, небаре потамина, оние кои толку долго ги беа чекале. И Ороме гледајќи ги Вилите не можеше да им се изначуди како на неочекувани битија чудесни и непредвидени;  и вечно ќе е така со Валарите. Зашто, иако од надвор од Светот може сѐ да е претсмислено во музика или предвидено во далечна слика, сите кои своевремено влегуваат во Еа ќе се пречекани како да дошле од нигде-никаде, како нешта кои се нови и непретскажани.

На почетокот Постарите Чеда на Илуватар беа посилни и покадри одошто покасно биднаа, но не и полични, зашто иако убавината на Квендите во деновите на младоста им беше поголема од сите други убавини кои Илуватар ги беше обвистинил, таа уште не витосала и живее на Запад и тагата и мудроста ја имаат збогатено. А Ороме ги засака Квендите и на нивниот јазик ги крсти Елдари, народот на ѕвездите; но тоа име потоа го носеа само оние кои тргнаа по него на патот кон запад.

Но многу од Квендите се исполнија со фрас кога го видоа него кај доаѓа; а ова беше масло на Мелкор. Зашто мудрите подоцна сознале и зајавиле дека Мелкор, вечно ококорен, прв дознал за будењето на Квендите и пратил сенки и ветроштини да ги наслушнуваат и зачекаат. И така бидна да неколку години пред доаѓањето на Ороме, ако некои од Вилите се оддалечеа и талнеа сами или неколкумина заедно, често ги снемуваше и никогаш не се враќаа; и Квендите велеа дека Ловецот ги фатил и им беше страв. И вистина, најдревните песни на Вилите чии одеци уште се паметат на Запад зборуваат за аветни облици кои војвале по ридовите над Куивиенен или минувале ненадејно преку ѕвездите; и за темниот Јавач со дивиот коњ кој ги гони оние кои ќе заскитаат за да ги фати и да ги проголта. А Мелкор многу ги мразеше и се плашеше од походите на Ороме, па или вистина праќаше некои од темните слуги престорени во јавачи, или ширеше лажни шепоти за Квендите да бегаат од Ороме ако некогаш го сретнат.

И така бидна да кога Нахар заѕвиска и Ороме вистински појде кај нив, некои од Квендите се сокрија, а некои избегаа и се изгубија. Но најсмелите кои останаа бргу осознаа дека Великиот Јавач не е авет од мракот, зашто светлината на Аман му беше на лицето и сите најблагородни меѓу Вилите тргнаа кон неа.

А за оние клетници кои Мелкор ги заптисал малку се разбрало. Зашто кој жив се спуштил во јамите на Утумно, или ја истражил темнината на умиштата на Мелкор? Но се мисли меѓу мудрите во Ерессеа дека сите Квенди кои му паднале в рака на Мелкор пред Утумно да се разбие биле фрлени в зандана и низ спори чинови на суровост биле расипани и поробени; па така Мелкор го закотил одвратниот сој на Орките, од завист и за подбив на Вилите на кои тие потоа им станаа најлути душмани. Зашто Орките беа живи и се множеа налик на Чедата на Илуватар; а ништо што има свој живот или налик на живот Мелкор не може да направи откако се побуни во Аинулиндалето пред Почетокот; така рекле стари. И длабоко во мрачните срца Орките го презираат Господарот на којшто од страв му служат, творецот саде на алот нивни. Ова било можеби најподмолното дело на Мелкор и најомразено во очите на Илуватар.

Ороме поживеа малку меѓу Квендите, а потоа бргу се врати по копно и по море до Валинор и однесе абер во Валмар; и раскажа за сенките кои го навасале Куивиенен. Тогаш Валарите се израдуваа, а сепак сред радоста беа во мисла; и долго беседеа што ќе е најарно да се стори за да се извардат Квендите од сенката на Мелкор. Но Ороме уште веднаш се врати во Меѓуземјето и се вдоми меѓу Вилите.

Манве долго се мислеше на Таникветил и побара совет од Илуватар. И кога повторно се спушти во Валмар ги свика Валарите во Судниот Обрач каде што дојде дури и Улмо од Надворешното Море.

Тогаш Манве им рече на Валарите: „Ваков совет ми пушти Илуватар во срцето: да пак го преземеме владението со Арда по секоја цена и да ги избавиме Квендите од сенката на Мелкор.“ Тогаш на Тулкас му се направи ќефот, но Ауле се натажи слутејќи ги раните врз светот што би се отвориле од тој раскол. Но Валарите се приготвија и го напуштија Аман спремни за бој, решени да ги нападнат тврдините на Мелкор и да го окончаат. Никогаш Мелкор не заборави дека оваа војна се водеше за атер на Вилите и дека тие се криви за неговиот погибел. Но Вилите немаа удел во тие дела и малку знаат за походот на силите од Западот против Северот во почетокот на нивните дни.

Мелкор ја дочека навалата на Валарите во северозападниот дел на Меѓуземјето и сиот тој предел беше пуздер сторен. Но првата победа на Западните свити беше брза и слугите на Мелкор избегаа од нив во Утумно. Тогаш Валарите минаа преку Меѓуземјето и поставија стража кај Куивиенен; и оттогаш Квендите не знаеја ништо за големата Битка на Силите, саде дека земјата се тресе и стенка под нив и дека водите се изместуваат и на север се гледаат светла како јаки огништа. Долга и мачна беше опсадата на Утумно и многу битки се водеа пред нејзините порти за кои меѓу Вилите се знаат саде гласини. Во тоа време обликот на Меѓуземјето се измени и Големото Море кое го цепеше од Аман се рашири и продлабочи; и продре во бреговите и направи длабок залив на југ. Многу помали заливи се направија помеѓу Големиот Залив и Хелкараксе далеку на север каде се допираа Меѓуземјето и Аман. Од нив, заливот Балар беше главен; и во него се влеваше силната река Сирион од новоиздигнатите балкани на север: Дортонион и планините околу Хитлум. Сите земјишта на далечниот север во тоа време беа испустени; зашто таму Утумно беше издлабена прекумерно длабоко и јамите ѝ беа полни со огништа и со големите свити на слугите на Мелкор.

Но најпосле портите на Утумно беа разбиени и таваните откорнати и Мелор се засолна во најдлабоката јама. Тогаш Тулкас се подаде како поборник на Валарите и се фати во костец со него и го спружи ничкум; и го врзаа со синџиот Ангаинор кој Ауле го беше исковал и го заточија; и светот долго време виде аир.

Но сепак Валарите не ги открија сите грамадни визби и пештери препредено скриени длабоко под тврдините на Ангбанд и Утумно. Многу злобни нешта останаа да војваат таму, а други се распрснаа и разбегаа во мракот и се разлутаа низ пустите места во светот, чекајќи позол час; а и Саурон не го најдоа.

Но кога Битката сврши и од гибелот на Север се кренаа големи облаци и ги скрија ѕвездите, Валарите го зедоа Мелкор во Валинор со врзани раце и нозе и со превез на очи и го доведоа до Судниот Обрач. Таму тој се простре пред нозете на Манве и помоли за прошка; но му ги одбија молбите и го фрлија в затвор во калето на Мандос од каде што никој не може да избега, ни Вала ни Вила ни смртен Човек. Грамадни и силни се тие ѕидишта и изградени се на западната страна на земјата Аман. Таму на Мелкор му беше пресудено да преседи три ери, а потоа повторно да му се суди и пак да може да бара прошка.

Тогаш Валарите повторно се собраа да се советуваат и се поделија во беседата. Некои, на коишто Улмо им беше челник, сакаа да ги остават Квендите слободно да шетаат кај сакаат низ Меѓуземјето и со мајсториите кои им беа подарени да ги подредат земјите и да им ги зацелат раните. Но на повеќето им беше страв да ги остават Квендите во опасниот свет сред измамите на ѕвездениот самрак; а беа исполнети и со љубов кон убавината на Вилите и ги сакаа да им прават друштво. Затоа најпосле Валарите ги повикаа Квендите во Валинор, за за навек да се збрани таму пред колената на Силите и светлината на Дрвата; а Мандос го прекрши неговиот молк и рече: „Така е судено.“ И од овој теклиф едночудо таксирати излегоа потоа.

Но Вилите прво не сакаа да го поризаат теклифот зашто дотогаш Валарите ги знаеја само по гневот кога војуваа, освен Ороме, па беа исполнети со фрас. Затоа пак им го пратија Ороме и тој избра конзули за да појдат во Валинор и да зборуваат во име на народот; а тоа беа Ингве, Финве и Елве, кои потоа станаа кралеви. И кога втасаа се исполнија со восхит од славата и величеството на Валарите и силно закопнеаа по светлината и раскошот на Дрвата. Тогаш Ороме ги врати во Куивиенен и му раскажаа на народот и ги поучија да го послушаат теклифот на Валарите и да заминат на Запад.

Тогаш бидна првото цепење на Вилите. Зашто родата на Ингве и повеќето од родите на Финве и Елве, поттикнати од зборовите на своите владари, се кандисаа да заминат и да тргнат по Ороме; и овие потоа беа познати како Елдари, името кое Ороме им го даде на Вилите на нивниот јазик на почетокот. Но многумина го одбија теклифот, претпочитајќи ги ѕвездите и широчините на Меѓуземјето место гласините за Дрвата; и тие се Аварите, Неволните и се расцепија од Елдарите и долги раздобја изминаа пред пак да се сретнат.

Елдарите сега фатија да спремаат голем поход од првиот нивни дом на исток; и се построија во три свити. Најмалата свита, која појде прва, беше предводена од Ингве, највеликиот големец на вилинската раса. Тој влезе во Валинор и седи крај нозете на Силите и сите Вили му го уважуваат името; и никогаш не се врати ниту пак се сврте кон Меѓуземјето. Негов народ беа Ванјарите, кои се Личните Вили, милениците на Манве и Варда и малкумина од Луѓето чинеле муабет со нив.

Потоа заминаа Нолдорите, крстени по мудроста, народот на Финве. Тие се Длабоките Вили, пријателите на Ауле; и се прославени во песна, зашто долго и луто се бореа и рмбаа низ северните земји во дамнина.

Најголемата свита замина најнакрај и тие се крстени Телери, зашто се забавија по патот и беа на два ума за дали да преминат од самракот кон светлото на Валинор. Водата нив им правеше најголем ќеф и оние кои најпосле стигнаа до западните брегови се заљубија во морето. Затоа во Аман ги завикаа Морски Вили, Фалмари, зашто правеа музика кај што удираа брановите. Имаа двајца владари, зашто многу ги имаше: Елве Синголло (што значи Сивоплашт) и брат му Олве.

Ова беа трите роди на Елдалиите кои, кога најнакрај преминаа кон најсамоти Запад во времето на Дрвата, ги завикаа Калаквенди, Вили на Светлината. Но и други Елдари имаше што тргнаа на западниот поход, но што се изгубија по долгиот пат, или скршнаа, или останаа на бреговите на Меѓуземјето; а од нив најбројни беа од родата на Телерите, како што сетне ќе се кажува. Се вдомија крај морето или навлегоа во кориите и планините на светот, но срцата им беа свртени кон Запад. Тие Вили Калакведите ги викаат Уманјари, зашто никогаш не стигнаа до Аман и Блаженото Царство; а Уманјарите и Аварите здружено ги викаат Мориквенди, Вили на Темнината, зашто никогаш не ја погледнале Светлината што беше пред Сонцето и Месечината.

Се вели дека кога свитите на Елдалиите го напуштиле Куивиенен, Ороме јавал пред нив на чело на Нахар, белиот му коњ поткован со злато; и минејќи кон север околу морето Хелкар, свртиле кон запад. Пред нив виселе големи облаци на Север, сѐ уште црни над воениот пустош и ѕвездите во пределот биле скриени. Тогаш имало баеги многу што се уплашиле и испишманиле и се вратиле и се заборавени.

Долг и бавен беше походот на Елдарите кон запад, зашто милјите на Меѓуземјето беа неброени и мачни и беспатни. Ниту пак на Елдарите им се вјасаше, зашто беа полни восхит од сето она што гледаа и им доаѓаше да се задржуваат на многу места и крај многу реки; и иако сите по патот одеа волно, многу од нив повеќе се плашеа од одредиштето одошто го исчекуваа. Затоа секогаш кога Ороме ќе ги оставеше, зашто си имаше и други работи, запираа и не продолжуваа дури не се вратеше тој за да ги води. И бидна да по многу години вакво патување Елдарите ги одведе патот низ една шума и така стигнаа до една голема река, поширока од сите кои дотогаш ги имаа видено; и од другата страна се гледаа планини чии остри капци како да продираа во царството на ѕвездите. Таа река, се вели, била токму онаа којашто потоа ја викаа Големиот Андуин и која од секогаш била вододелница на западните краишта на Меѓуземјето. А планините биле Хитеиглирите, Кулите на Магла, врз границите на Ериадор; но во тие времиња беа повисоки и пострашни и Мелкор ги имаше кренато за да ги спречат походите на Ороме. Така Телерите долго време останаа да живеат на источниот брег на таа река и беа со ниет тука да останат, но Ванјарите и Нолродите ја преминаа и Ороме ги одведе до планинските премини. И кога Ороме замина, Телерите ги погледнаа сеништните височини и ги фати страв.

Тогаш се подаде еден од свитата на Олве кој инаку секогаш беше последен; Ленве го викаа. Тој го арниса западниот поход и едночудо луѓе поведе јужно по големата река и за нив ништо не се знаеше меѓу родата им и долги години минаа пред да се чуе абер. Тоа беа Нандорите; и тие станаа одделен народ, поинакви од родата им, освен во тоа што и тие сакаа вода и најчесто живееја крај водопади и брзи потоци. Имаа поголемо знаење за живите нешта, дрвјата и тревките, птиците и ѕверовите, од сите други Вили. Во подоцнежните години Денетор, синот на Ленве, најпосле повторно се сврте кон запад и одведе дел од народот зад планините во Белерианд, пред изгревот на Месечината.

Најнакрај, Ванјарите и Нолдорите минаа преку Еред Луин, Сините Планините, помеѓу Ериадор и најзападниот предел на Меѓуземјето кој Вилите подоцна го крстија Белерианд; и челните чети го преминаа Долот на Сирион и се спуштија до бреговите на Големото Море помеѓу Дренгист и заливот Балар. Но кога го здогледаа голем страв ги обзеде и многу се повлекоа во кориите и балканите на Белерианд. Тогаш Ороме замина и се врати во Валинор да бара совет од Манве и ги остави.

А свитата на Телерите премина преку Магливите Планини и ги премина широките краишта на Ериадор, бодрена од Елве Синголло кој со душа чекаше да се врати во Валинор кај Светлината којашто ја беше видел; и не сакаше да се отцепи од Нолдорите, одошто беше голем пријател со Финве, владарот им. Така, по многу години и Телерите најпосле втасаа преку Еред Луин до источните предели на Белерианд. Тука застанаа и се задржаа на некое време на другата страна на реката Гелион.