VIII<br></br>За замрачувањето на Валинор - Полиграматон

VIII

За замрачувањето на Валинор


Кога Манве чу накај фатил Мелкор, му стана јасно дека има наумено да пребегне до старите тврдини во северниот дел на Меѓуземјето; и Ороме и Тулкас поитаа кон север да го претечат, но од него не најдоа ни трага ни глас зад бреговите на Телерите во празните пустелии близу Mразот. Оттогаш ја удвоија стражата долж северната авлија на Аман; но напразно беше, зашто уште пред да тргне потерата Мелкор се сврте за назад и потајно премина далеку на југ. Тогаш сѐ уште беше како еден од Валарите, па можеше да си го смени обликот или да шета необлечен како браќата му; но му беше пишано таа моќ засекогаш да ја изгуби.

Така незабележан најпосле стигна до темниот предел Аватар. Таа тесна земја лежеше јужно од Заливот на Елдамар под источното подножје на Пелорите и со долгите, печални брегови се протегаше кон југ, неосветлена и неистражена. Таму, под стрмните планински ѕидини и студеното мрачно море, сенките беа подлабоки и погусти од каде и да е во светот; и таму во Аватар, тајно и незнајно, Унголиант си го беше направила брглогот. Елдарите не знаеја од каде беше дошла; но некои рекле дека уште во дамнешни времиња се спуштила од мракот што лежи околу Арда, кога Мелкор за првпат со завист погледнал кон Кралството на Манве и дека на почетокот била една од оние кои ги расипал за да му служат. Но се беше одрекла од Господарот, желна за самата да царува со сопствениот си ламтеж, голтајќи сѐ што ќе навасаше за да си ја засити празнотијата; и пребегна на југ, бегајќи од нападите на Валарите и ловците на Ороме кои отсекогаш најбудно бдееја на север, додека југот долго време го немаа на мукает. Оттаму се беше завлекла кон светлината на Блаженото Царство, зашто ем за светлина гладуваше, ем ја мразеше.

Живееше во една пропаст и во облик беше како чудовишен пајак, предејќи црни пајажини во еден планински процеп. Таму ја исмука сета светлина што ја најде и ја преплете во темни мрежи на задушлива мрачнина, дотолку што веќе ни зрак не можеше да ѝ продре до брлогот, па беше мртва гладна.

Мелкор пак, појде во Аватар и ја побара; и пак се престори во обликот кој го беше носел како тиранин на Утумно: темен Владар, висок и ужасен. И таков за навек и остана. Таму во црните сенки каде што ни видот на Манве од највисоките дворови не можеше да дофати, Мелкор со Унголиант почна да крои освета. Но кога Унголиант му ја разбра намерата на Мелкор, беше на два ума, ем беше стрвна, ем се плашеше; и непара сакаше да се одважи да ги мине бељите на Аман при моќта на страшните Владари и не ѝ се мрдаше од дувлото. Затоа Мелкор и рече: „Прави како што ти повелам; па ако и после сѐ уште си гладна, ќе ти дадам сѐ што ти душа сака. Со две раце има да те гоштевам.“ Празен му беше заветот како и секогаш; и си се засмеа во себе. Така поголемиот арамија го намами помалиот.

Плашт од темнина испреде околу нив кога тргнаа Мелкор и Унголиант; Несветлина во која сѐ како да се ништеше и која ничји очи не можеа да ја продрат, зашто беше небидна. И така полека ги расткаја пајажините, јаже по јаже, од процеп до процеп, од издадени карпи до камени запци, јазејќи се саде нагоре, лазејќи и чипчејќи се, додека најпосле не стигна до најсамоти врв на Хјарментир, највисоката планина во тој предел од светот, далеку на југ од великиот Таникветил. Тие предели Валарите ги немаа на мукает, зашто западно од Пелорите беше празна земја на самрак, а на исток планините гледаа, освен кон заборавениот Аватар, само кон притулените води на беспатното море.

Но сега на врвот планината лежеше темна Унголиант; и направи скала од сплетени јажиња и ја фрли прудолу, а Мелкор се искачи по неа и стигна до височината и застана крај неа, гледајќи прудолу кон Варденото Кралство. Под нив се протегаа кориите на Ороме, а на запад мижуркаа полињата и пасиштата на Јаванна, позлатени од високото житје на боговите. Но Мелкор погледна на север и од далеку ја виде сјајната рамнина и сребрените куполи на Валмар кои светеа при смесувањето на светлините на Телперион и Лаурелин. Тогаш Мелкор гласно се засмеа и бргу скокна врз долгите западни падини; и Унголиант беше крај него и нејзината темнина двајцата ги криеше.

Тоа време пак, беше време на прослава како што Мелкор добро знаеше. Зашто иако сите приливи и годишни времиња беа по волја на Валарите и во Валинор немаше ни зима ни смрт, сепак живееја во Кралството Арда кое е само мал дел од двориштата на Еа чиј живот е Времето кое од првата нота до последното созвучје тече од Еру. И како што на Валарите им беше по ќеф (како што се кажува во Аинулиндалето) да се облекуваат во одежда налик на Чедата на Илуватар, така и јадеа и пиеја и ги собираа плодовите на Јаванна од Земјата којашто под Еру ја беа створиле.

Затоа Јаванна постави времиња за цутење и зреење на сѐ што растеше во Валинор; и при секоја прва жетва Манве приредуваше голема гозба за слава на Еру, кога сите народи од Валинор ја истураа својата радост низ музика и песна врз Таникветил. Тој час беше дошол и Манве приреди гозба пораскошна од сите дотогашни во времето пред Елдарите да дојдат во Аман. Зашто иако бегството на Мелкор предвестуваше ’рмбања и жалости и никој не можеше да претскаже какви други рани ќе се разотворат низ Арда пред пак да можат го потчинат, во тоа време Манве беше со ниет да го исцели злото што се беше пројавило меѓу Нолдорите; и сите беа поканети да му дојдат на гости во дворовите на Таникветил, па да ги заборават јадовите на принцевите им и да ги пустосаат лагите на Непријателот. Дојдоа Ванјарите, дојдоа Нолдорите од Тирион, се собраа и Маиарите, а Валарите се закитија со сета личотија и салтанати и пееја пред Манве и Варда во вишните дворови или играа врз зелените падини на Планината која гледаше на запад кон Дрвата. Тој ден сокаците на Валмар беа празни и скалилата на Тирион беа тивки; и сета земја спокојно спиеше. Само Телерите од другата страна на планините уште пееја на морските брегови; зашто не им береа гајле на годишните времиња и не мислеа на грижите на Владетелите на Арда ниту на сенката што беше паднала врз Валинор, зашто нив сѐ уште ги немаше стигнато.

Само една работа ја нагрди умислата на Манве. Феанор навистина дојде, зашто само него Манве со заповед го беше повикал; но Финве не дојде ниту пак некој друг од Нолдорите од Форменос. Зашто Финве беше рекол: „Сѐ додека син ми Феанор е сургун, та да не може да појде во Тирион, јас ќе сум обескрунет и нема да си го видам народот.“ И Феанор не дојде во свечена руба ниту се имаше закитено со злато или сребро или пак со некој бесценет камен; и не им даде на Валарите и Елдарите да ги видат Силмарилите, оставајќи ги заклучени во Форменос во железната одаја. Сепак, се сретна со Финголфин пред престолот на Манве и се помири со него барем во збор; и Финголфин му го опрости исукувањето на мечот, па му ја подаде раката и рече: „Како што ветив, така и ќе сторам. Те искупувам и сѐ ти проштевам.“

А Феанор му ја зеде раката молчешкум; но Финголфин рече: „Полубрат по крв, прав брат по срце ќе сум ти. Ти ќе одиш напред, а јас по тебе. И никаков јад веќе да не нѐ раздели.“

„Арно,“ рече Феанор, „Така нека биде.“ Но сѐ уште не го знаеја значењето што ќе го имаат тие зборови.

Се вели дека како што стоеле Феанор и Финголфин пред Манве, биднало смесувањето на светлините кога обете Дрва сјаеле, па стишениот град Валмар се исполнил со сјај од сребро и злато. И токму во тој час Мелор и Унголиант дошле вјасајќи низ полињата на Валинор, како сенката на црн облак што на ветрот мине по осветлена земја; и стигнале пред зеленото брдо Езеллохар. Тогаш Несветлината на Унголиант се искачила дури до корените на Дрвата и Мелкор срипал врз брдото и со црното копје ги срозал двете Дрва до сржта, длабоко ранувајќи ги и сокот им потекол небаре крв и се разлеал по земјата. Но Унголиант го исмукала, а потоа одејќи од Дрво до Дрво им го зарила црниот клун во раните сѐ додека не ги исцедила; и смртниот отров од нејзината уста им влегол во срцевината и ги пеплосал сосе корен сосе гранки и сосе листови; и така умреле. А таа уште жеднеела, па пошла до Бунарите на Варда и до капка ги испила; но Унголиант фатила да рига црни чуреи како што пиела и постанала толку подуена и одвратна што и Мелкор се исплашил.

Така големата темнина се спушти врз Валинор. Многу се зборува за делата во тие дни во Алдудението кое го напиша Елеммире од Ванјарите и кое сите Елдари го знаат. Но ни во песна ни во сказна не може да се собере сиот јад и ужасот што тогаш настапи. Светлината замре; но Темнината која следеше не беше само загуба на светлина. Во тој час се створи Темнина што не беше празна, туку како да беше нешто живо: зашто низ лошотилук се беше создала од Светлина и имаше сила да продре очи и да влезе во срцето и умот и самата волја да ја задави.

Варда погледа од Таникветил и ја виде Сенката како рее нагоре во ненадејни кули на мрачнина; Валмар беше батисал во длабоко море на ноќ. Набрзо Светата Планина стоеше сама, како последен остров сред удавениот свет. Сите песни замреа. Тишина фати во Валинор и ништо не се слушаше, саде оддалеку стигаше, носен од ветрот низ планинскиот премин, лелекот на Телерите како студен крик на галеби. Зашто во тој час задува студ од Исток и грамадните морски сенки се распослаа врз ѕидините на брегот.

Но Манве погледна од високото седиште и саде неговите очи ја продреа ноќта и видоа Темнина од најцрн мрак која не можеа да ја пробијат, огромна, но далечна, како ита кон север; и сфати дека Мелкор беше дошол и заминал.

Тогаш почна потера; и земјата татнеше под коњите на свитата на Ороме и огнот што избиваше од копитата на Нахар беше првата светлина што се врати во Валинор. Но штом стигнаа до Облакот на Унголиант Валарските јавачи беа ослепени и увилени и се раштркаа и не знаеја кој кај оди; и звукот на Валаромата спласна и замре. А Тулкас беше како фатен во црна мрежа вечерна и немоќен напразно го млатеше воздухот. А кога Мракот помина веќе беше касно: Мелкор беше пребегнал кај што му фати умот и неговата освета беше остварена.