II<br></br>За Ауле и Јаванна - Полиграматон

II

За Ауле и Јаванна


Се раскажува дека на почетокот Џуџињата ги направил Ауле во мракот на Меѓуземјето; зашто толку чезнеел Ауле по доаѓањето на Чедата, да има ученици за да им ги пренесе мајсторијата и занаетот, што не можел да истрае и да го дочека обвистинувањето на мострата на Илуватар. И Ауле ги направил Џуџињата онакви какви што и останале, па одошто облиците на Чедата коишто допрва требало да стигнат му биле нејасни во мислите и одошто моќта на Мелкор сѐ уште била над Земјата, посакал да се јаки и тврдокорни. Но од страв дека другите Валари ќе му го кудат делото, творел скришно и најпрво ги направил Седумте Татковци на Џуџињата во дворот под планините на Меѓуземјето.

Илуватар пак, знаеше за сево ова и уште истиот час кога работата на Ауле беше готова  и тој беше задоволен и почна да ги учи Џуџињата на говорот кој го беше скроил за нив, Илуватар му прозборе, а Ауле му го слушаше гласот и молчеше. И гласот на Илуватар му рече: „Зошто вака си сторил? Зошто се фаќаш за нешто за коешто знаеш дека немаш ни сила ни тестир? Зашто ти од мене го доби за дар само твоето битие и ништо друго; и затоа дијаниите на рацете и мислите твои можат да живеат само преку тоа битие, движејќи се кога ти ќе ги придвижиш со мисла, а ако со мислите си на друго место, ќе стојат простум. Тоа ли го сакаш?“

Тогаш Ауле одговори: „Јас таква надвласт не сакам. Сакав нешта набашка од мене, да ги сакам и да ги учам, за и тие да можат да ја сознаат убавината на Еа која ти си ја беше обвистинил. Зашто чинам има едночудо место во Арда за многу кои би ѝ се радувале, а сепак е сѐ уште скоро празна и нема. И така од неистрајност, паднав в грев. Но поривот да творам ми е в срце одошто ти таков си ме беше створил;  и детето што не разбира, но што го видело татка си кај работи та зело и тоа да си игра не прави така за да се мајтапи со татковите дела, туку зашто крушата под круша паѓа. Но што да сторам сега за да не ми бидеш засекогаш лут? Како дете на татка си, тебе ти ги давам творбиве, делата на рацеве кои ти си ги направил. Прави со нив што сакаш. Или поарно да го уништам плодот на таа моја пуста вообразеност?“

Тогаш Ауле зеде еден голем чекан да ги сотре Џуџињата; и си заплака. Но Илуватар му се смилува на Ауле и на неговата желба одошто беше толку понизен; а Џуџињата се стрелушија од чеканот и се исплашија, па ги ничкосаа главите и паднаа на колена да молат за милост. И гласот на Илуватар му рече на Ауле: „Тоа што ми го нудиш уште веднаш го прифатив. Зар не гледаш дека дијанииве сега си имаат свој живот и зборуваат со свои гласови? Инаку не ќе ти се сепнеа од замавот или од заповедта на волјата твоја.“ Тогаш Ауле го фрли чеканот и му беше мило и му заблагодари на Илуватар велејќи: „Нека Еру ми ја благослови и оправи работата!“

Но Илуватар повторно прозборе и рече: „Како што им вдахнав битие на мислите на Аинурите на почетокот на Светот, така сега ти ја подзедов желбата и ѝ најдов место; но во ништо друго нема да ти го оправам мајсторлукот и ќе биде онаков каков што ти си го направил. Но едно нема да дадам: да овие дојдат пред Првородените од мојата мостра, та да си награден за неистрајноста. Засега ќе спијат во мракот под камењата и нема да излезат дури Првородените не се разбудат на Земјата; а дотогаш ќе чекаат и тие и ти, онолку колку што ќе треба. Но кога ќе дојде време ќе ги разбудам и ќе ти бидат челад; и често ќе има кавги меѓу твоите и моите, чедата што сум ги посинил и чедата што сум ги избрал.“

Тогаш Ауле ги зеде Седумте Татковци на Џуџињата и ги положи на далечни разделени места; и се врати во Валинор и чекаше додека долгите години се редеа.

Одошто требаше да втасаат во дните кога Мелкор уште повелаше, Ауле ги направи Џуџињата силни и истрајни. Затоа се цврсти како карпи, тврдоглави, брзо се спријателуваат и лутат и трпат ’рмбање и глад и телесни тегоби подобро од сите други народи кои зборуваат; и живеат долго, многу подолго од распонот на годините на Луѓето, но не вечно. Во стари години се мислело меѓу Вилите во Меѓуземјето дека кога ќе умрат Џуџињата се враќаат во земјата и во каменот од кој се створени, но тие самите не веруваат во тоа. Зашто велат дека Ауле Створителот, кој го викаат Махал, ги варди и ги збира во Мандос во посебни дворови; и дека им бил зајавил на нивните Татковци во дамнина дека Илуватар ќе ги освети и ќе им даде место меѓу Чедата, на Крајот. Тогаш задача ќе им биде да му служат на Ауле и да му помагаат во повраќањето на Арда по Последната Битка. Исто така велат дека Седумте Татковци на Џуџињата се враќаат за пак да живеат меѓу своите народи и пак да ги носат своите исконски имиња: од кои Дурин беше најпрославен во подоцнежните години, таткото на родот најсрдечен со Вилите чии палати се во Казад-Дум.

Додека Ауле работеше за да ги направи Џуџињата ја криеше работата од другите Валари; но најпосле и се довери на Јаванна за тоа каков ниет беше зел и ѝ кажа сѐ што требаше да се случи. Тогаш Јаванна му рече: „Милослив е Еру. Сега гледам дека ти ликува срцето, а и со право; зашто не доби саде прошка, туку и бакшиш. Но затоа што ти ја скри мислата од мене сѐ додека не бидна, твоите чеда непара ќе ги сакаат нештата кои јас ги сакам. Ќе ги сакаат прво сопствените творби, исто како татко им. Ќе ја длабат земјата и не ќе водат сметка за нештата кои во неа растат и живеат. Едночудо дрва ќе го осетат угризот на безмилосните им балтии.“

Но Ауле одговори: „Исти такви ќе се и Чедата на Илуватар; зашто и тие ќе јадат и ќе градат. И иако творбите на кралството твое сами по себе имат вредност и би имале вредност дури и ако Чедата не би дошле, сепак Еру нив ќе им даде владение и ќе користат сѐ што ќе најдат на Арда: но сепак не, зашто Еру така беше замислил, без почит или без благодарност.“

„Освен Мелкор ако не им ги зацрни срцата.“ рече Јаванна. И не се успокои, туку срцето почна да ѝ тагува, плашејќи се од она што би можело да го снајде Меѓуземјето во претстојните години. Затоа отиде пред Манве и не го издаде муабетот на Ауле, туку рече: „Кралу на Арда, вистина ли е, како што ми кажа Ауле, дека Чедата кога ќе стигнат ќе имаат владение над сите мои творби, та да прават со нив што сакаат?“

„Вистина е,“ рече Манве. „Но зошто прашуваш, зашто не ќе да ти требало совет од Ауле?“

Тогаш Јаванна се затиши и си погледна во мислите. А потоа одговори: „Зашто срцето ми трепери кога ќе помислам на деновите што идат. Сите мои творби ми се драги. Зар малку е што Мелкор толку од нив нагрди? Зар ништо од она што го бев изнедрила не ќе е слободно од туѓа превласт?“

„Да е по твое, што би тргнала настрана?“ рече Манве, „Што ти е најдраго, од сето твое кралство?“

„Сѐ си има вредност,“ рече Јаванна, „и сечија вредност надополнува сечија друга. Но келварите можат да бегаат или да се бранат, а олварите кои раснат не можат. А меѓу нив, дрвата ми се најдраги. Ем долго ќе растат, ем брзо ќе се кутнати и ако не даваат плод, никој нема да им ја жали судбината. Тоа го гледам во мислите. Да дрвата зборуваат во име на сите други нешта со корен и да ги казнуваат оние кои ќе им згрешат!“

„Чудна ти е мислава,“ рече Манве.

„Но во Песната беше,“ рече Јаванна. „Зашто додека ти беше на небо и со Улмо ги градевте облаците и ги истуравте дождовите, јас ги кренав гранките на големите дрва за да ги примат и некои му запеаа на Илуватар сред ветерот и дождот.“

Тогаш Манве се замисли и мислата која Јаванна му ја беше ставила во срцето порасна и се разгрна, па Илуватар ја забележа. Тогаш на Манве му се виде како да околу него уште еднаш се воздига Песната и сега забележа многу нешто кои, иако и пред тоа ги беше чул, не ги беше забележал. И најпосле Сликата се возобнови, но сега веќе не беше далечна, зашто тој самиот беше во неа и виде дека сѐ се крепи на раката на Илуватар; и раката влезе во сликата и од неа излегоа многу чуда кои дотогаш беа скриени од него во срцата на Аинурите.“

Тогаш Манве се разбуди и слезе кај Јаванна во Езеллохар и седна крај неа под Двете Дрва. И Манве рече: „Ах Кементари, Еру прозборе велејќи: „Зар има некои од Валарите кои мислат дека не ја чув сета Песна, та до најситниот звук од најситниот глас? Еве! Кога Чедата ќе се собудат и мислата на Јаванна исто ќе се собуди и ќе свика духови оддалеку и тие ќе слезат меѓу келварите и олварите и некои таму ќе се вдомат и ќе се уважени и гневот справедлив страв и трепет ќе им сее. Така ќе е во времето кога Првородените се на моќ, а Второродените во младоста.“ Но зар не се спомнуваш Кементари дека мислата не ти пееше цело време сама? Зар не ни се сретнаа мислите, твојата и мојата, па заедно кај се раскриливме како големи птици што реат над облаците? И тоа ќе се оствари низ умислата на Илуватар и пред да се собудат Чедата ќе излезат, со крила како ветер, Орлите на Владарите на Западот.“

Тогаш на Јаванна ѝ падна мило, па стана, посигајќи со рацете кон небесата и рече: „Високо ќе се вишат дрвјата на Кементари, за да можат Орлите на Кралот во нив да живеат!“

Но и Манве стана и како толку да се имаше извишено што гласот како по патеките на ветерот да му стигаше до Јаванна.

„Не,“ рече, „само дрвјата на Ауле ќе се доволно високи. Во планините ќе живеат Орлите и ќе ги слушаат гласовите на оние кои нѐ викаат. А во шумите ќе шетаат Овчарите на Дрвата.“

Тогаш Манве и Јаванна си тргнаа секој по својот пат и Јаванна се врати кај Ауле; а тој си беше во вигната и тураше стопен метал во еден калап. „Широкоград е Еру,“ рече Јаванна. „Па сега нека ти берат ум чедата! Зашто ќе шета таква сила низ шумата чиј гнев лошо ќе минат ако го разбудат.“

„Сепак, ќе им треба дрво,“ рече Ауле и си продолжи со занаетот.