XVIII<br></br>За запустувањето на Белерианд и падот на Финголфин - Полиграматон

XVIII

За запустувањето на Белерианд и падот на Финголфин


Финголфин пак, Кралот на Северот и Врховен Крал на Нолдорите, гледајќи дека народот му беше станал броен и силен и дека Луѓето кои беа здружени со него се многумина, па уште и јунаци, повторно почна да му ја мисли како да го нападне Ангбанд; зашто знаеше дека живеат во опасност сѐ додека кругот на опсада e нецелосен и дека Моргот може слободно да војва низ длабоките рудници кроејќи лошотии какви што никој не би можел да насети пред тој самиот да им ги открие. Оваа мисла му се виде како мудра до колку што му фаќаше умот, зашто Нолдорите сѐ уште ја немаа узнаено грамадноста на моќта на Моргот ниту имаа сфатено дека таквата самостојна војна против него е бесцелна, било вјасале, било одлагале. Но одошто земјата им беше лична, а кралствата широки, повеќето од Нолдорите беа задоволни со нештата онакви какви што беа, мислејќи си дека такви и ќе останат, па не им се брзаше да се впуштат во напад каде што многумина сигурно би витосале, било во победа или во пораз. Затоа непара им се сакаше да го поризаат Финголфин, а синовите на Феанор пак, во тоа време, уште помалку. Помеѓу главатарите на Нолдорите само Ангрод и Аигнор беа на ист ум како и Кралот, зашто живееја во предели од каде што Тангородрим можеше да се соѕрее и заканата на Моргот севезден им беше во мислите. Така умислата на Финголфин не се исполни и земјата уште некое време виде мир.

Но кога шестото поколение на Луѓе по Беор и Марах сѐ уште се немаа замажено и четиристотини педесет и пет години беа поминале од доаѓањето на Финголфин, ги спопадна злото од коешто тој толку долго се беше плашел, а кое испадна пострашно и поненадејно од најцрната негова замисла. Зашто Моргот долго време и скришно си ја беше спремал војската, а лошотилукот во срцето му беше растел сѐ повеќе и повеќе и омразата кон Нолдорите му се продлабочуваше; и не сакаше само да ги сроза душманите, туку да ги уништи и испогани и земјите кои тие ги имаа заземено и разубавено. И се вели дека омразата му надвладеала над разумот, па ако само уште малку беше почекал да умислата во целост му се оплоди, Нолдорите за навек ќе витосале. Но наместо тоа, го презрел јунаштвото на Вилите, а Луѓето сѐ уште не ги ни есапел.

Фати зима, кога ноќта беше темна и без месечина и широката рамнина Ард-гален се простираше притулена под ладните ѕвезди од ридските хисари на Нолдорите до подножјето на Тангородрим. Стражарските огништа само мижуркаа, а стражари имаше малку; малкумина будни кај шетаа во логорите на коњаниците на Хитлум во рамнината. Тогаш ненадејно Моргот испрати големи реки пламен кои потекоа побрзи од Балрози од Тангородрим и се истурија низ целата рамнина; и Планините на Железо фатија да ригаат огнови со најразлични отровни шари и димот го смрде воздухот и беше смртен. Така витоса Ард-гален и огнови ѝ ги проголтаа тревите и стана изгорена и пуста пустелија полна со задушлив прав, јалова и безживотна. Оттогаш ѝ го сменија името и ја завикаа Анфауглит, Закатанчената Прав. Многу саѓосани коски останаа таму да лежат незакопани, зашто многу од Нолдорите витосаа во јанганот кога беа зафатени од разлеаниот пламен и не можеа да избегаат кон ридовите. Висините на Дортонион и Еред Ветрин го запреа пламениот порој, но сите нивни кории врз падините кои гледаа кон Ангбанд се потпалија и чадот изнаправи шашарма меѓу сардисаните. Со тоа започна четвртата од големите битки, Дагор Браголлах, Битката на Ненадеен Пламен.

На чело на огнот дојде Глаурунг Златниот, татко на ламјите, со сета своја сила и во неговата поворка имаше Балрози, а зад нив одеа црните војски на Орки во мноштво какво што Нолдорите дотогаш не беа ниту виделе ниту замислиле. И ги нападнаа нолдорските тврдини и го скршија таборот околу Ангбанд и ги потепаа сите што ги најдоа од Нолдорите и нивните сојузници. И Сиви Вили и Луѓе. Многу од најбодрите душмани на Моргот беа уништени во првите денови на таа војна, счудовидени и раштркани и во неможност да си ги зберат силите. Оттогаш во Белерианд веќе никогаш не престана да се војува; но Битката на Ненадеен Пламен се смета дека завршила со доаѓањето на пролетта, кога налетот на Моргот поднамалил.

Така заврши Опсадата на Ангбанд; и душманите на Моргот се раштркаа и се расцепија едни од други. Најголемиот дел од Сивите Вили пребегнаа на југ и ја арнисаа северната војна; многу беа примени во Дориат и кралството и силата на Тингол во тоа време многу порасна, зашто моќта на кралицата Мелиан беше проткаена околу неговите граници и злото не можеше да продре во тоа скриено кралство. Други се засолнаа во крепостите крај морето и во Нарготронд, а некои избегаа од земјата и се сокрија во Оссирианд, или преминувајќи ги планините се разлутаа бездомни низ дивината. И гласини за војната и за разбивањето на опсадата стигнаа и до ушите на Луѓето во истокот на Меѓуземјето.

Врз синовите на Финарфин нападот се спушти најжестоко и Ангрод и Аигнор погинаа; заедно со нив загина и Бреголас, владарот на лозата на Беор и многу од воините од тој народ. Но Барахир, братот на Бреголас беше во бојот поназапад близу Преминот на Сирион. Таму Крал Финрод Фелагунд вјасајќи од југ беше отсечен од неговиот народ и со мала дружина беше опколен во Мртвакот Серех и и него ќе го отепаа или пленеа, но Барахир се подаде со најхрабрите од неговите воини и го куртули и направи ѕид од копја околу него и со многу зијан успеаа да си пробијат пат надвор од битката. Така Фелагунд избега и се врати во длабоката тврдина Нарготронд, но даде заклетва дека ќе му пружи истрајно пријателство и помош во секоја иктиза на Барахир и целата негова рода, а како нишан на овој завет на Барахир му го даде својот прстен. Барахир сега со право беше владар на лозата на Беор и се врати во Дортонион, но повеќето од неговиот народ избегаа од домовите и се засолнија во калето во Хитлум.

Толку голем беше налетот на Моргот што Финголфин и Фингон не можеа да им дојдат на помош на синовите на Финарфин; и свитите на Хитлум беа со многу зијан истерани до тврдините на Еред Ветрин кои луто ги бранеа од Орките. Пред ѕидините на Еител Сирион загина Хадор Златнокосиот, бранејќи ја заштитницата на својот владар Финголфин, на шеесет и шест години и со него загина Гундор, неговиот помлад син, избоден од многу стрели; и Вилите ги оплакуваа. Тогаш Галдор Високиот го презеде господството на татка си. И поради јачината и висината на Сенишните Планини кои го искрепија огнениот порој и низ јунаштвото на Вилите и Луѓето од Север кои ни Орки ни Балрози во тоа време не можеа да ги совладаат, Хитлум остана неосвоен, како закана за крилото на јуришот на Моргот; но Финголфин беше отцепен од роднините од море од душмани.

Зашто во војната синовите на Феанор многу лошо минаа и скоро сите источни марки беа зазамени низ напади. Преминот Аглон беше провален, макар низ голем зијан за свитата на Моргот; и Келегорм и Куруфин по поразот пребегнаа на југ и запад до марките на Дориат и доаѓајќи најпосле во Нарготронд побараа прибежиште кај Финрод Фелагунд. И така бидна да нивниот народ ја наду силата на Нарготронд; но ќе беше поарно, како што потоа се виде, ако останеа на исток меѓу роднините им. Меидрос се покажа како јунак на кој рамен му немало и Орките усвет фаќаа кога ќе им се испулеше, зашто по страданието кое го беше тргал врз Тангородрим душата внатре му гореше како усвитен оган и беше како некојшто се вратил од мртвите. И така големата тврдина на Ридот Химринг не беше освоена и многу од најголемите јунаци кои имаа останато и од народот од Дортонион и од западните марки, се насобраа таму кај Меидрос, кој повторно го затвори Преминот Аглон на некое време за Орките да не можат да влезат во Белерианд по тој пат. Но ги навасаа јавачите од народот на Феанор врз Лотлан, зашто Глаурунг беше таму појден и минаа низ Маглоровиот Јаз и ја уништија сета земја помеѓу краците на Гелион. И Орките ја зазедоа тврдината на западните падини на планината Рерир и го испустија цел Таргелион, земјата на Карантир и го испоганија Езерото Хелеворн. Оттаму преминаа преку Гелион носејќи оган и ужас и навлегоа длабоко во Источен Белерианд. Маглор му се придужи на Меидрос врз Химринг, но Карантир пребегна и го здружи остатокот од својот народ со раштрканиот народ на ловците Амрод и Амрас и се повлекоа и го преминаа Рамдал на југ. На Амон Ереб поставија стража и нешто војска, потпомогнати од Зелените Вили; и Орките не дојдоа во Оссирианд ниту во Таур-им-Дуинат и јужните дивини.

До Хитлум пак, стигна абер дека Дортонион е загубен и синовите на Финарфин соборени и дека синовите на Феанор се истерани од нивните земји. Тогаш Финголфин го виде (како што му се чинеше) крајниот гибел на Нолдорите и пораз без извида за сите нивни лози; и исполнет со гнев и очај го јавна Рохаллор, неговиот голем коњ и одјава сам и никој не можеше да го сопре. Премина преку Дор-ну-Фауглит како ветер сред правта и сите што му ја видоа навалата се разбегаа стрелушени, мислејќи дека самиот Ороме ги беше навасал: зашто големо лудило и бес го имаше фатено, та очите му светеа како очите на Валарите. Така стигна сам до портите на Ангбанд и дувна во рогот и се расчука на портите томбаклии и го предизвика Моргот да излезе на мегдан гради в гради со него. И Моргот излезе.

Тоа беше последниот пат во тие војни да тој ги премине портите на неговата крепост и се вели дека нерадо го прифатил предизвикот, зашто иако силата му било поголема од сѐ друго на светот, само од Валарите имал страв. Но пред лицата на неговите војводи предизвикот не можеше да го одбие, зашто карпите ѕунеа од продорната музика на рогот на Финголфин и гласот бистро и гласно му се слушаше низ длабините на Ангбанд; и Финголфин го нарече Моргот дрслив и владар на робови. Затоа Моргот излезе, споро качувајќи се од подземниот престол и гласот на нозете му беше како грмеж под земјата. И се подаде обружан во црн оклоп и застана пред кралот како кула со железо крунисана и грамадниот му штит катран црн и ненагизден фрли сенка врз него како темен облак. Но Финголфин сјаеше одоздола како ѕвезда, зашто железната кошула му беше обложена со сребро и плавиот штит му беше накитен со билјури; и го извлече мечот Рингил кој блескаше како мраз.

Тогаш Моргот го истопори високо Гронд, Чеканот на Подземјето и замавна со него како со секавица. Но Финголфин срипа настрана и Гронд расцепи грамадно јамиште во земјата од каде нагрвалија чад и оган. Многупати Моргот се проба да го сотре, но секојпат Финголфин ќе скокнеше настрана, како гром што прска од под мрачен облак; и му зададе на Моргот седум рани и седум пати Моргот испушти крик на страд при што свитите на Ангбанд увилени се ничкосуваа и криците одекнуваа низ Северните земји.

Но најпосле Кралот се измори и Моргот го приклешти под штитот. Трипати беше здробен на колена и трипати пак стана и го крена скршениот штит и сронетиот шлем. Но земјата беше сета испорасцепена и издупена околу него, па се сопна и падна на грб пред нозете на Моргот и Моргот му стапна врз вратот со стапалото и тежината му беше како на паднат рид. Но сепак со последниот очајнички замав Финголфин го прободе стапалото со Рингил и бликна крв, црна и чадлива и ги исполни јамите на Гронд.

И така умре Финголфин, Врховниот Крал на Нолдорите, најгордиот и најголемиот јунак меѓу вилинските Кралеви од дамнина. Орките не се тагареа со победата во тој двобој пред портите; ниту пак Вилите го имаат опеано, зашто жалоста им е предлабока. Но сказната уште се памети, зашто Торондор Кралот на Орлите однесе абер во Гондолин и во далечниот Хитлум. И Моргот го зеде телото на вилинскиот Крал и го прекрши и ќе го им го фрлеше на волците, но Торондор дојде вјасајќи од неговото гнездо сред врвовите на Криссеигрим и се сви над Моргот и му го издраска лицето. Виорот од крилата на Торондор беше како звукот на ветриштата на Манве и го зграпчи телото во силните канџи и реејќи брзо над стрелите на Орките одлета со Кралот. И го положи врз еден планински врв кој на север гледаше кон скриената долина на Гондолин; и Тургон доаѓајќи изгради висока могила над татка си. Оттогаш никоја Орка не се осмели да ја премине планината на Финголфин или да му се приближи до гробот сѐ додека судбата на Гондолин не наваса и предавство не се роди меѓу неговата рода. Моргот од тој ден остана да куца на едната нога и болката од раните со ништо не можеше да си ја зацели, а на лицето му стоеше лузната што му ја направи Торондор.

Голем плач се расчу низ Хитлум кога се дозна за падот на Финголфин и Фингон ужалено го презеде господството со лозата на Финголфин и кралството на Нолдорите, а неговиот помлад син Ереинион (кој потоа беше наречен Гил-галад) го испрати во Пристаните.

Така моќта на Моргот ги засени Северните земји, но Барахир не сакаше да избега од Дортонион и остана да се бие со непријателот за секоја педа земја. Тогаш Моргот почна крвнички да го гони неговиот народ сѐ додека малкумина не останаа и сета шума на северните падини од таа земја малку по малку не се претвори во предел на таков фрас и мрачно маѓепство што ни Орките не влегуваа таму освен ако немаа голема нужда; и го викаа Делдуват и Таур-ну-Фуин, Шумата под Ноќна Сенка. Дрвјата кои растеа таму по опожарувањето беа црни и стуштени, а корените им беа заплеткани, грабајќи во мракот како канџи и оние кои ќе залутаа меѓу нив се загубуваа и ослепуваа и беа задавени или гонети од ужасни авети додека не поулавеа. Најпосле, толку очајна стана положбата на Барахир што жена му Емелдир Машкосрцевата (која беше со ум попрво да се бори со сина си и мажот отколку да избега) ги собра сите жени и деца кои имаа останато и им даде силав на оние кои сакаа да земат и ги поведе кон планините кои се протегаа одзади, додека најпосле по опасни патеки, низ зијани и алови, не дојдоа до Бретил. Таму некои беа примени да живеат меѓу Халадините, но некои преминаа преку планините до Дор-ломин кај народот на Галдор, синот на Хадор, а меѓу нив беа Риан, ќерката на Белегунд и Морвен, која ја викаа Еледвен, што значи Вило-сјај, ќерката на Барагунд. Но никои веќе не си ги видоа мажите кои ги беа оставиле. Зашто сите тие погинаа, еден по еден, сѐ додека на Барахир не му останаа само дванаесетмина: син му Берен и внуците Барагунд и Белегунд, синовите на Бреголас и девет верни слуги од неговиот двор чии имиња долго време се паметеа во песните на Нолдорите: Радруин и Даируин се викаа, Дагнир и Рагнор, Гилдор и Горлим несреќниот, Артад и Уртел и Хаталдир младиот. Одметници станаа без надеж, очајна дружина која не можеше да избега и одбиваше да потклекне, иако жилиштата им беа уништени и жените и децата заробени, отепани или избегани. Од Хитлум не стигаше ни абер ни помош и Барахир со дружината беа ловени како диви ѕверки и се повлекоа до јаловите балкани над шумата и талкаа меѓу цирковниците и карпестите батаци во тој предел, најдалеку од ушаците и уроците на Моргот. Кревет им беше плевелот, а покрив облачното небо.

Скоро две години по Дагор Браголлахот Нолдорите сѐ уште го бранеа западниот премин околу врутоците на Сирион, зашто моќта на Улмо течеше во тие води и Минас Тирит остана да крепи против Орките. Но најнакрај, по падот на Финголфин, Саурон, најголем и најужасен меѓу слугите на Моргот, кој на синдаринскиот јазик беше крстен Гортаур, дојде против Ородрет, караколот на кулата на Тол Сирион. Саурон сега беше станал маѓепсник со ужасна моќ, господар на сенки и на авети, полн со погана мудрост и сурова сила, обезличувајќи сѐ што ќе фатеше, искривувајќи сѐ над што владееше, владетел на врколаци; царштина му беше страданието. Го нападна Минас Тирит и го зазеде, зашто темен облак од страв се спушти врз оние кои го бранеа и Ородрет беше истеран и пребегна во Нарготронд. Тогаш Саурон го претвори во караула на Моргот, крепост на зло и закана и личната ада Тол Сирион стана проклета и беше наречена Тол-ин-Гаурот, Адата на Врколаци. Немаше жива дијанија што можеше да мине низ долината, а Саурон да не сети од кулата кај што седеше. И така Моргот го зазеде западниот премин и ги наполни со ужас полињата и кориите на Белерианд. До далеку од Хитлум неуморно ги гонеше душманите и им ги бараше скривалиштата и им ги зазеде тврдините една по една. Орките сѐ посмело талкаа на далеку и на широко, спуштајќи се долж Сирион на запад и Келон на исток и го опкружија Дориат и ги зулумеа земјите, та и ѕверки и птици да бегаат од нив и тишина и пустош полека се рашири од Север. Многу од Нолдорите и Синдарите заробија и ги одведоа во Ангбанд и ги сторија ргачи, терајќи ги да ги користат нивните вештини и знаење во служба на Моргот. И Моргот испраќаше ушаци кои беа зарубени во лажни облици и измама им течеше од устите; ветуваа лажни бакшижи и со препредени зборови гледаа да разбудат страв и љубомора помеѓу народите, обвинувајќи ги нивните кралеви и главатари за алчност и предавство на еден со друг. И поради клетвата од Родоморството во Алквалонде, Вилите често веруваа во ваквите лаги кои како што се затемнуваа времињата почнаа полека и да се обвистинуваат, зашто срцата и главите на Вилите од Белерианд станаа замаглени од очај и страв. Но Нолдорите најмногу стравуваа од предавството на оние нивни роднини кои беа ргачи во Ангбанд, зашто Моргот користеше некои од нив за своите злонамери, пуштајќи ги надвор како демек на слобода, но нивната волја остануваше врзана за неговата, па талкаа само за на крајот пак кај него да се вратат. И така дури и ако некои од заточениците вистински избегаа и се вратеа кај својот народ, непара беа добредојдени и талкаа сами, одречени и очајни.

На Луѓето Моргот им се правеше како демек ги сожалува, ако се најдеа такви да му ги слушаат пораките, велејќи дека таксиратот ги снашол само поради нивната служба кај бунтовните Нолдори, но од рацете на правиот Владар на Меѓуземјето би добиле чест и јуначки награди, само ако го остават бунтот. Но малкумина од Трите Едаински Лози го есапеа што им говори, дури и кога беа налегнати од страдание во Ангбанд. Затоа Моргот со жолчна омраза ги гонеше и катаден испраќаше гласници преку планините.

Се вели дека во тоа време Мургавите Луѓе за првпат влегле во Белерианд. Некои веќе потајно биле во служба на Моргот и дошле зашто тој беше ги повикал, но не сите, зашто гласини за Белерианд, за неговите земји и води, за неговите војни и богатства се имаа проширено надалеку и нашироко и заталканите нозе на Луѓето во тие денови постојано чекореа кон запад. Овие Луѓе беа куси и широки, долги и јаки во рацете, кожата им беше мургава или жолтеникава, а косата темна како што им беа и очите. Беа многу лози и некои повеќе ги сакаа Џуџињата од планините отколку Вилите. Но Меидрос, знаејќи ја слабоста на Нолдорите и Едаините додека јамите на Ангбанд се чинеа како секогаш да се полни-рамни, склучи сојузништво со овие новодојдени Луѓе и се спријатели со нивните најголеми главатари, Бор и Улфанг. И Моргот беше задоволен со ова, зашто самиот така беше намерил. Синовите на Бор беа Борлад, Борлах и Бортанд и ги следеа Меидрос и Маглор и ја изневерија надежта на Моргот и беа верни. Синовите на Улфанг Црниот беа Улфаст и Улварт и Улдор клетиот и тие го следеа Карантир и му положија заклетва за верност, а се покажаа неверни.

Непара се сакаа Едаините и Источниците и ретко се среќаваа, зашто новодојденците долго време домуваа во Источен Белерианд, а народот на Хадор беше затворен во Хитлум и лозата на Беор беше скоро сотрена. Народот на Халет на почетокот не ги фати северната војна, зашто домуваа на југ во Шумата Бретил, но сега имаше битки помеѓу нив и надојдените Орки, зашто беа тврдокорни луѓе и одбиваа со лесно да ги арнисаат кориите кои толку ги сакаа. И во приказните полни со порази од тоа време, делата на Халадините се паметат со чест: зашто по заземањето на Минас Тирит Орките дојдоа преку западниот премин и можеби ќе продолжеа со зулумите дури и до устијата на Сирион, но Халмир владарот на Халадините прати брз абер до Тингол, зашто си ги имаше за пријатели Вилите кои ги вардеа границите на Дориат. Тогаш Белег Силнолак, првиот каракол на марките на Тингол, доведе голема војска Синдари вооружени со секири во Бретил и задавајќи се од длабините на шумата Халмир и Белег, начекаа еден табур Орки на неспремно и ги сотреа. Оттогаш црниот наплив од Север се затиши во тој предел и Орките долги години потоа не се осмелуваа да ја преминат Теиглин. Народот на Халет сѐ уште домуваше во буден мир во Шумата Бретил и зад нивната стража Кралството Нарготронд виде раат и си ги присобра силите.

Во тоа време Хурин и Хуор, синовите на Галдор од Дор-ломин, домуваа со Халадините, зашто беа рода. Во деновите пред Дагор Браголлахот, тие две едаински лози се сплотија во голема гозба каде Галдор и Глоредел, чедата на Хадор Златокос, се венчаа со Харет и Халдир, чедата на Халмир, владарот на Халадините. Така бидна да синовите на Галдор пораснат во Бретил со стрико им Халдир, по адетот на Луѓето во тоа време и обајцата заминаа во бој против Орките, дури и Хуор, зашто не можеа да го сопрат, макар што имаше само тринаесет години. Но одошто беа во чета која се отсече од другите, беа изгонети дури до Бродот Бритиах и таму ќе ги заробеа или отепаа да не беше моќта на Улмо, која сѐ уште беше силна во Сирион. Магла се крена од реката и ги сокри од непријателите, па избегаа преку Бритиах во Димбар и заталкаа меѓу ридовите под стрмните ѕидини на Криссеигрим сѐ дури не се счудовидеа во измамите на таа земја и не знаеја на каде да фатат или како да се вратат. Таму ги догледа Торондор и на помош им прати два од неговите орли; и орлите ги кренаа и ги пренесоа преку Опкружните Планини до тајниот дол Тумладен и скриениот град Гондолин, кој никој Човек дотогаш го немаше видено.

Таму Кралот Тургон убаво ги пречека кога дозна од која рода се, зашто пораки и соништа му беа дошле по Сирион од морето од Улмо, Владарот на Водите, предупредувајќи го за претстојните таксирати и советувајќи го да им направи чест на синовите од лозата на Хадор која допрва ќе му пружи помош во нужда. Хурин и Хуор скоро една година домуваа како гости во кралскиот двор и се вели дека во ова време Хурин научил многу од мајсториите на Вилите и почнал по малку да се разбира и во умислите и намерите на Кралот. Зашто Тургон многу ги засака синовите на Галдор и често чинеше муабет со нив и сакаше да ги задржи во Гондолин повеќе од љубов одошто од неговиот закон да никој туѓинец, било Вила, било Човек, кој ќе го најде патот до тајното кралство и ќе го здогледа градот никогаш не си замине оттаму дури кралот не го отвори таборот и скриениот народ не излезе на виделина.

Но Хурин и Хуор сакаа да се вратат при својот народ и да земат удел во војните и јадовите кои во тоа време го имаа спопаднатo. И Хурин му рече на Тургон: „Господару, ние сме смртни и не сме како Елдарите. Тие долги години можат да траат, чекајќи ги битките против нивните непријатели во некои далечни дни, но нас времето ни е кусо и надежта и силата бргу ни сивеат. Освен тоа, ние не го пронајдовме патот до Гондолин и не знаеме каде точно лежи градов, зашто исплашени и саштисани бевме доведени преку патишта на небото и очите за среќа ни беа прекриени.“ Тогаш Тургон му ја услиши молбата и рече: „По истиот пат од кај што дојдовте имате изим да си одите, ако даде Торондор. Мака ми е што ќе се разделиме, но можеби за брзо, според слагањето на Елдарите, пак ќе се сретнеме.“

Но на Меиглин, сестричникот на Кралот кој повелаше голема сила во Гондолин, воопшто не му беше мака што ќе си одат, зашто и завидуваше на благонаклоноста на кралот кон нив одошто не сакаше никој од сојот на Луѓето; и му рече на Хурин: „Милоста на Кралот е поголема одошто знаеш, а и законот не е строг како што беше некогаш; зашто инаку не ќе имавте друг избор освен до крајот на животот тука да седите.“

Тогаш Хурин му одговори: „Милоста на Кралот е навистина голема, но ако не ни веруваш на зборот тогаш тебе ќе ти дадеме заклетва.“ И браќата се заколнаа никогаш да не ги откријат умислите на Тургон и да го чуваат во тајност сето она што го беа виделе во неговото кралство. Потоа си заминаа и орлите дојдоа и ги одведоа во ноќта и пред да зазори ги спуштија во Дор-ломин. Нивните роднини многу се израдуваа кога ги видоа, зашто гласници од Бретил им беа кажале дека се загинати; но браќата не му открија ниту на татка си каде биле, освен тоа дека биле спасени во дивината од орлите кои ги доведоа дома. Но Галдор рече: „Зар цела година седевте в дивина? Или пак орлите ве прибраа кај нив в гнездо? Сте нашле и храна и лична руба и како принцеви кај се враќате, наместо како диви чергари.“ А Хурин одговори: „Нека ти е мило што се вративме, зашто само под заклетва за тајност ни беше дозволено.“ Тогаш Галдор престана да ги распрашува, но и тој и другите ја погодија вистината; и со време чудниот к’смет на Хурин и Хуор стигна и до ушите на слугите на Моргот.

Кога Тургон пак, разбра за разбивањето на таборот на Ангбанд не му даде на никој од неговиот народ да замине во бој, зашто му се чинеше дека Гондолин е силен и дека сѐ уште не дошло време за да се открие. Но веруваше и дека крајот на Опсадата е почетокот на погибелот на Нодорите, освен ако не им стигне помош; па скришно испрати неколку гондолиндримски чети до устијата на Сирион и до Островото Балар. Таму направија бродови и запловија кон најсамоти Запад, по задачата на Тургон, пловејќи кон Валинор да бараат прошка и помош од Валарите и ги помолија морските птици да ги водат. Но морињата беа диви и широки и опсенети со сенка и маѓепство; и Валинор беше скриен. Па така ниту еден од гласниците на Тургон не стигна на Запад и многумина загинаа, а малкумина се вратија; а судбата на Гондолин се ближеше сѐ поблиску.

До Моргот стигнаа гласини за овие работи и и после сите победи место не го фаќаше и изгорен беше да чуе абер за Фелагунд и Тургон. Зашто за нив никој ништо немаше слушнато, а сепак не беа мртви; и се плашеше од она што можеа да му го сторат. На Нарготронд му го знаеше името, но не знаеше ниту каде е ниту колкава му е силата, а за Гондолин не знаеше ништо, па помислата на Тургон уште повеќе го копкаше. Затоа катаден во Белерианд праќаше сѐ повеќе и повеќе ушаци; но главните свити на Орки ги врати во Ангбанд, зашто осозна дека сѐ уште не може да се впушти во конечна и победничка битка сѐ додека не насобере нови сили и дека лошо го беше измерил бабаитлакот на Нолдорите и јачината на војските на Луѓето кои се бореа со нив. Иако голема му беше победата во Браголлахот и во годините што следеа и голем беше зијанот што му го имаше сторено на непријателот, неговите загуби не беа покуси и иако го држеше Дортонион и Преминот на Сирион, Елдарите закрепнувајќи од увиленоста која дотогаш ги беше налегнала сега започнаа да го повраќаат она што го имаа изгубено. Така Белерианд на југ неколку кратки години беше колку-толку во мир, но вигните на Ангбанд катаден работеа.

Кога поминаа седум години од Четвртата Битка, Моргот го повтори нападот и испрати голем аскер против Хитлум. Нападот во премините на Сенишните Планини беше лут и во опсадата на Еител Сирион, Галдор високиот, Владарот на Дор-ломин, загина од стрела. Таа тврдина тој ја држеше во име на Фингон, Врховниот Крал и на истото место и татко му Хадор Лориндол имаше умрено неодамна. Син му Хурин тукушто се беше замажил, но беше јак и во мисла и во снага; и ги истера Орките од Еред Ветрин, колејќи ги на големо и се пушти да ги гони надалеку преку песоците на Анфауглит.

Но на Крал Фингон му падна многу тешко да ја одврати војската на Ангбанд што беше слезена од север и бој падна врз самите рамнини на Хитлум. Таму Фингон беше надмашен, но бродовите на Кирдан носејќи едночудо војска допловија по Вливот Дренгист и во часот на најголема иктиза, Вилите од Фалас се впуштија против свитата на Моргот од запад. Тогаш Орките се растурија и се разбегаа и победата им припадна на Елдарите и нивната коњаница од стрелци ги изгонија сѐ до Железните Планини.

После тоа Хурин, синот на Галдор, владееше со лозата на Хадор во Дор-ломин и му служеше на Фингон. Хурин ја немаше грамадноста на дедовците му ниту на син му по него, но во снагата беше неуморен и издржлив, жилав и брз како сите од родата на мајка си Харет од Халадините. Жена му беше Морвен Еледвен, ќерката на Барагунд од лозата на Беор, онаа која пребегна од Дортонион со Риан ќерката на Белегунд и Емелдир мајката на Берен.

Во тоа време уништени беа и одметниците од Дортонион, како што сетне ќе се кажува и само Берен, синот на Барахир, се спаси и едвај стигна до Дориат.