КВЕНТА СИЛМАРИЛИОН<br></br>Приказна за Силмарилите<br></br>I<br></br>За почетокот на дните - Полиграматон

КВЕНТА СИЛМАРИЛИОН

Приказна за Силмарилите

I

За почетокот на дните


Меѓу мудрите се вели дека Првата Војна почнала уште пред Арда да е целосно оформена и пред да има нешта кои растат и шетаат по земјата; и долго време Мелкор бил во надвласт. Но среде војната, дух со голема сила и закаленост им слегол на помош на Валарите, дознавајќи на далечното небо дека бој се води во Малечкото Кралство; и Арда се исполнила со звукот на неговата смеа. И така дошол Тулкас Силниот, чиј гнев мине како силен ветар раштркувајќи ги пред себе облаците и мракот; и Мелкор избегал пред јароста и смеата негова и ја арнисал Арда и долго време имало мир. И Тулкас останал и станал еден од Валарите на Кралството Арда; а Мелкор се смрштил во надворешниот мрак и оттогаш за навек го замразил Тулкас.

Во тоа време Валарите ги дуздисаа морињата и копната и планините и Јаванна најнакрај ги посади семињата кои долго време ги беше токмела. И зашто кога огновите беа потиснати или закопани под првобитните ридови имаше нужда од светлина, Ауле по молба на Јаванна створи два јаки фенери за осветлување на Меѓуземјето кои ги дигна сред опкружните мориња. Тогаш Варда ги наполни фенерите, а Манве ги освети и Валарите ги поставија на високи столбови, далеку повишни од сите планини во подоцнежните денови. Еден фенер кренаа близу до северниот дел на Меѓуземјето и го крстија Иллуин; а другиот беше кренат на југ и го крстија Ормал; и светлината на Фенерите на Валарите се разлеа низ Земјата, па се беше осветлено небаре е ден кој не изминува.

Тогаш семињата кои Јаванна ги беше посеала почнаа брзо да ’ртат и да листат и никнаа едночудо зелени работи и големи и мали, мовови и треви и големи папрати и дрва чии крошни беа крунисани со облаци небаре живи планини, но чии нозе беа завиени во зелен самрак. Се накотија и ѕверови и се вдомија во тревните рамнини или во реките и езерата, или се рашетаа под сенките на кориите. Цветовите уште се немаа расцветано ниту птиците распеано, зашто тие уште чекаа во пазувите на Јаванна да им дојде времето; но имаше изобилие кое таа го беше осмислила, а никаде не беше побогато од во најсредишните делови на Земјата каде што светлините на двата Фенери се среќаваа и смесуваа. И таму на островото Алмарен во Големото Езеро беше првото жилиште на Валарите кога сѐ беше младо и свежото зеленило уште беше чудо невидено во очите на створителите; и тие долго време беа задоволни.

Бидна да, додека Валарите си почиваа од работата и го гледаа растот и разгрнувањето на нештата кои ги беа скроиле и започнале, Манве приреди голема гозба; и Валарите со сите свои свити дојдоа по негова заповед. Но Ауле и Тулкас беа уморни; зашто занаетот на Ауле и силата на Тулкас непрестајно им беа служеле на сите уште од самиот почеток на нивниот труд. И Мелкор знаеше за сѐ што се правеше, зашто дури и во тоа време имаше тајни пријатели и ушаци меѓу Маиарите кои ги имаше свртено кон себе; и оддалеку во мракот се исполни со омраза одошто беше љубоморен на делата на врсниците негови, кои беше желен да ги стори негови поданици. Затоа собра при себе духови од дворовите на Еа кои ги беше извитоперил да му служат и ги наду градите. И гледајќи дека му дошло времето, се припари до Арда и ѝ се испули, па убавината на Земјата во Пролет уште повеќе го исполни со омраза.

Валарите пак, се имаа собрано на Алмарен не стравувајќи за ништо и од светлината на Иллуин не ја осознаа северната сенка која Мелкор надалеку ја фрлаше; зашто беше станат темен како Ноќта во Небиднината. И е опеано дека на таа гозба во Пролетта на Арда Тулкас се ќердосал со Несса, сестрата на Ороме и таа играла пред Валарите врз зелената трева на Алмарен.

Тогаш Тулкас, уморен и задоволен, легна и заспа и Мелкор осозна дека часот му беше чукнал. Така, помина над Ѕидините на Ноќта со свитата и дојде во Меѓуземјето далеку на север и Валарите не го сетија.

Мелкор тогаш поча да длаби и да гради огромна тврдина длабоко под земјата, под темните планини каде зраците на Иллуин беа студени и притулени. Таа крепост беше крстена Утумно. И иако Валарите сѐ уште не знаеја, сепак лошотијата на Мелкор и поморот на неговата омраза се растече оттаму и Пролетта на Арда се нагрди. Зеленилата закачија болештини и изгнијаа и реките се загушија од плевели и балган, мртваци се изнаправија, баздливи и отровни, гнездила за муви; и шумите станаа темни и опасни, врталишта на страв; и ѕверките станаа рогати чудовишта филдишлии и ја бојадисаа земјата со крв. Тогаш Валарите најпосле видоа дека Мелкор повторно се има фатено за работа и почнаа да му го бараат скривалиштето. Но Мелкор, верувајќи во силата на Утумно и јачината на слугите, наеднаш фати да прави џенг и го зададе првиот удар пред да се спремат Валарите; и ги кајдиса светлините на Иллуин и Ормал; и им ги сруши столбовите и им ги скрши фенерите. Во соборувањето на грамадните столбови, копното се разби и морето фати да се превира; и кога фенерите се излеаа погубен пламен се гргна врз Земјата. И обликот на Арда и сразмерноста на нејзините води и копна во тоа време се нагрди, па првобитната мостра на Валарите оттогаш веќе никогаш не се поврати.

Во збрката и темнината Мелкор побегна, иако сега страв го имаше фатено; зашто над татнежот на морето го чу гласот на Манве како силен ветар, а земјата се затресе под нозете на Тулкас. Но втаса до Утумно пред Тулас да може да го претече; и таму се сокри. И Валарите во тоа време не можеа да го совладаат, зашто поголемиот дел од силата им требаше за да ги зауздаат превирањата во Земјата и за да спасат од гибел сѐ она што можеше да се спаси од нивниот труд; а потоа пак, им беше страв повторно да ја параат Земјата сѐ дури не научат каде домуваат Чедата на Илуватар, кои требаше допрва да дојдат во време кое беше скриено од Валарите.

Така сврши Пролетта на Арда. Жилиштето на Валарите врз Алмарен беше разнебитено и веќе немаа домовина врз лицето на Земјата. Затоа си заминаа од Меѓуземјето и отидоа до земјата Аман, најзападното од сите копна врз границите на светот; чии западни брегови гледаат кон Надворешното Море кое Вилите го викаат Еккаиа и кое го опкружува Кралството Арда. Колку е тоа море широко саде Валарите знаат; а по него се Ѕидините на Ноќта. Но источните брегови на Аман беа на најсамоти крај на Белегеир, Големото Море на Запад; и зашто Мелкор се имаше вратено во Меѓуземјето и во тоа време не можеа да го совладаат, Валарите си го утврдија жилиштето и на морските брегови ги подигнаа Пелорите, Планините на Аман, највисоки на Земјата. И над сите Пелорски планини беше онаа височина врз чиј врв Манве си го постави престолот. Таникветил ја викаат Вилите таа света планина и Оиолоссе, Вечната Белина и Елеррина, Крунисана со Ѕвезди и многу други имиња имаат; но Синдарите во нивниот подоцнежен јазик ја викаа Амон Уилос. Од дворовите врз Таникветил Манве и Варда можеа да гледаат преку целата Земја, па сѐ до најсамоти Исток.

Зад ѕидините на Пелорите Валарите си ја поставија царштината во пределот кој се вика Валинор и таму им беа куќите, градините и кулите. Во таа вардена земја Валарите насобраа светлина во изобилие и сите најлични нешта што ги спасија од гибелот; и многу други уште полични создадоа, па Валинор стана поубав дури и од Меѓуземјето во Пролетта на Арда; и беше блажен, зашто Вечноживите таму домуваа и таму ништо не линееше ниту сивееше ниту дамка имаше врз цветовите или лисјата во таа земја ниту гнилост или болештина се фаќаше за живите нешта; зашто самите камења и води беа осветени.

И кога Валинор најпосле беше стокмен и палатите на Валарите поставени, сред рамнината зад планините го изградија нивниот град Валмар со многуте ѕвона. Пред западната порта имаше зелено брдо, Езеллохар, кое е наречено и Короллаире; и Јаванна го освети и долго седеше врз зелената трева и пееше песна на моќ во која се содржеа сите нејзини мисли за нештата кои растат на земјата. А Ниенна во тишина мислеше и го поеше брдото со солзи. Во тоа време Валарите се насобраа да ја слушаат песната на Јаванна и молчеливо седеа на советните престоли во Маханаксар, Судниот Обрач, близу златните порти на Валмар и Јаванна Кементари пееше пред нив, а тие гледаа.

И како што гледаа, на брдото изникнаа два тенки изданоци; и низ цел свет фати тишина во тој час ниту пак имаше некој друг звук освен распевот на Јаванна. Од нејзината песна фиданките пораснаа и станаа лични и вишни и процветаа; и така на светот се разбудија Двете Дрва на Валинор. Од сите нешта кои Јаванна некогаш ги направи, тие се најславни и со нивната судбина се проткаени сите сказни од Дамните Дни.

Едното имаше темнозелени лисја кои долу беа како сјајно сребро и од секој од неговите небројни цветови непрестајно капеше роса од сребрена светлина и земјата под него беше прошарана со сенките на расшумолените листови. Другото имаше младозелени лисја како новоотворена бука чии рабови беа од блескаво злато. Врз гранките му се нишаа цвеќиња во китки од жолт пламен, обликувани како светол рог од кои се истураше златен дожд врз земјата; и од цутот на тоа дрво извираше топлина и голема светлина. Телперион го викаа едното во Валинор; и Силпион и Нинквелоте и многу други имиња имаше, а Лаурелин беше другото; и Малиналда и Кулуриен и уште многу други имиња имало во песните.

За седум часа величеството на секое дрво се воскреваше до разгор и замираше до последно; и секогаш едното се будеше во живот еден час пред другото да престане да сјае. Така во Валинор два пати во денот имаше нежен час на блага светлина кога двете дрва најслабо светеа и златните и сребрени зраци им се смесуваа. Телперион беше постарото дрво и прво израсна и расцути; и првиот час кога просветe, тоа бело мижуркање како сребрена зора, Валарите не го слагаа во записот на часови, туку го крстија Часот на Отворање и од него ги бројат годините на нивното владеење во Валинор. Така, на шестиот час од Првиот Ден и од сите радосни денови оттогаш сѐ до Замрачувањето на Валиниор, Телперион го прекина цветањето; а на дванаесетиот час Лаурелин цутењето. И секој ден на Валарите во Аман содржеше дванаесет часа и завршуваше со второто смесување на светлините кога Лаурелин замираше, а Телперион се засилуваше. Но светлината што се излеваше од дрвата долго време тлееше пред да биде разнесена низ воздухот или да потоне во земјата; и росата на Телперион и дождот кој паѓаше од Лаурелин Варда го насобра во големи бочви како сјајни езера кои за сите земји на Валарите беа како бунари на вода и на светлина. Така почнаа деновите на Блаженството на Валиниор; и така почна и Слагањето на Времето.

Но како што ерите се ближеа до часот кој Илуватар го беше назначил за доаѓањето на Првородените, Меѓуземјето лежеше во самрак под ѕвездите кои Варда со нејзините трудови во Еа ги имаше изнедрено во дамнешните и заборавени години. И во темнината домуваше Мелкор и сѐ уште војваше во многу облици на моќ и страв и повелаше со студ и оган од врвовите на планините, па сѐ до длабоките печки кои се под нив; и сѐ што беше сурово или бесно или смртоносно во тие денови беше негово за да го повела.

Од убавините и блаженството во Валинор, Валарите ретко одеа зад планините до Меѓуземјето и нивната грижа и љубов ѝ ја оддаваа на земјата зад Пелорите. А сред Блаженото Царство беа палатите на Ауле и таму тој долго време работеше. Зашто во створувањето на сите нешта во таа земја тој имаше најголем удел и изнедри многу убави и стројни творби, некои на отворено, а некои скришно. Од него доаѓаат мајсториите и знаењето за Земјата и за сите нешта кои таа ги содржи: било мајсториите на оние кои не творат туку само сакаат да научат што е и како е, било мајсториите на занаетчиите: ткајачите, копаничарите, ковачите; па и орачите и полјоделците, иако последниве, како и сите други што работат со нешта кои растат и даваат плод, мора да се потпрат и на друшката на Ауле, Јаванна Кементари. Ауле го викаат Пријателот на Нолдорите, зашто тие од него научија многу работи во подоцнежните денови и се највешти меѓу Вилите; и по нивен тертип, спроти даровите што Илуватар им ги даде и самите придодаваа на неговите ученија и ќеф им правеа јазиците и писмата и формите на везење, цртање и резбарење. Нолдорите исто така први изнајдоа како се прават бесценети камења, а најличните од сите бесценети камења беа Силмарилите, ама тие се изгубени.

Но Манве Сулимо, највисокиот и најсветиот меѓу Валарите, седеше на границите на Аман и во мислите ги немаше арнисано Надворешните Земји. Зашто престолот му беше величествено поставен врз забот на Таникветил, највисоката од сите земни планини, исправена врз работ на морето. Духови во облици на соколи и орли непрестајно му долетуваа и одлетуваа од дворот; а очите им гледаа до морските длабочини и ги пробиваа скриените пештери под светот. Така му носеа абер за речиси сѐ што се збиднуваше во Арда; но некои нешта беа скриени дури и од очите на Манве и слугите на Манве, зашто кај што Мелкор седеше задуман во мрачни мисли, непродорна сенка беше распослана.

Манве не мисли на својата чест и не е зајадлив во моќта, туку со сѐ владее во мир. Од сите Вили најмногу ги сакаше Ванјарите и тие од него ги воспримија песната и поезијата; зашто поезијата му прави ќеф на Манве и песната на зборовите му е музика. Рубата му е сина и син му е огнот во очите и жезолот му е од сафир кој Нолдорите му го исковаа; и е поставен да биде регент на Илуватар, Крал на светот на Валарите и Вилите и Луѓето и челната одбрана од злото на Мелкор. Со Манве домува Варда најубавата, онаа која на синдаринскиот јазик е крстена Елберет, Кралица на Валарите, створителката на ѕвездите; и со нив има голема свита блажени духови.

А Улмо беше сам и не живееше во Валинор ниту пак одеше таму освен ако немаше иктиза од голем совет; од самиот почеток на Арда тој домуваше во Надворешниот Океан, каде и до ден денес домува. Оттаму ги повела теченијата на сите води, приливите, речните текови и сипењето на изворите, цедењето на сите роси и дождови во секоја земја под небото. Во длабоките места со мислите твори голема и ужасна музика и одекот на таа музика тече низ сите жили на светот со жалост и со радост; зашто иако е радосен шадрванот кој се издига на сонцето, кладенецот му е во бунарите на жалост неизмерена во темелите на Земјата. Телерите многу работи научија од Улмо и затоа нивната музика содржи и тага и маѓепство. Салмар дојде со него во Арда, оној кој ги направи роговите на Улмо кои никој не ги зборава штом еднаш ќе ги чуе; а и Оссе и Уинен, на кои им ја даде управијата над брановите и движењата на Внатрешните Мориња, како и многу други духови. И така преку моќта на Улмо дури и под мракот на Мелкор и понатаму живот струеше низ многу скришни мадеми и Земјата не умре; и за сите кои ќе се изгубеа во мракот или ќе залутаа далеку од светлината на Валарите, увото на Улмо секогаш беше отворено; ниту пак некогаш го арнисал Меѓуземјето и ништо од она што оттогаш биднало, било гибел, било промена, не престанал да го има на мукает и нема ни да престане, сѐ до крајот на дните.

А во тоа време на мрак и на Јаванна голем саклет и беше да ги арниса Надворешните Земји; зашто неа сѐ што расте ѝ е драго и тажеше за творбите кои ги беше отпочнала во Меѓуземјето, а кои Мелкор ги беше нагрдил. Затоа напуштајќи ја куќата на Ауле и цветните полјани на Валинор, напати доаѓаше да ги зацели раните на Мелкор, а кога ќе се вратеше, севезден ги бодреше Валарите кон онаа војна против неговото злобното владение која сетики ќе мораат да ја водат пред доаѓањето на Првородените. И Ороме, кротачот на ѕверови, понекогаш ќе одјаваше во темнината на неосветлените шуми; како силен ловец со копје и стрела, смртно гонејќи ги чудовиштата и свирепите створови на кралството на Мелкор, а белиот коњ Нахар му светеше како сребо во сенките. Тогаш заспаната земја се тресеше под тупотот на неговите златни копита и во самракот на светот Ороме ќе го разгласеше Валаромата, големиот рог, низ рамниците на Арда; при што планините ечеа и сенките на злото фаќаа усвет и самиот Мелкор трпнеше во Утумно, слутејќи го претстојниот гнев. Но штом Ороме ќе поминеше, слугите на Мелкор пак ќе се собереа; и земјите се исполнуваа со сенки и измами.

Сега е кажано сѐ за наравите на Земјата и нејзините владетели во почетокот на дните пред светот да стане онаков каков штого знаат Чедата на Илуватар. Зашто Вилите и Луѓето се Чедата на Илуватар; и одошто не ја разбраа во целост мелодијата со којашто Чедата имаа влезено во Музиката, никој од Аинурите не се осуди да додаде нешто во нивната мостра. И поради тоа Валарите нив повеќе им се како старешини и главатари одошто господари; и секојпат кога Аинурите си имале работа со Вили и Луѓе и се пробале сосила да ги натераат кон нешто кога не ја бивало со убаво работата, ретко кај испаѓало на арно, колку и да била арна намерата. Аинурите најмногу си имаа работа со Вилите, зашто Илуватар нив ги направи послични по табиет со Аинурите, макар помали во сила и стројност; а на Луѓето пак, им даде чудни дарови.

Зашто се вели дека по заминувањето на Валарите настапило тишина и едно цело раздобје Илуватар седел сам и замислен. А потоа прозборел и рекол: „Видете ја Земјата која ја сакам и која ќе им биде палата на Квендите и Атаните! Но Квендите ќе бидат најличните од сите земни дијании и ќе имаат и ќе зачнат и ќе донесат на свет најмногу убавини од сите мои Чеда; и ќе бидат најблажени во светот. Но на Атаните ќе им дадам нов дар.“ И така сторил да срцата на Луѓето секогаш се стремат надвор од светот и да немаат мир во него; но да имаат нарав да си го обликуваат животот сред силите и пишаниите на светот настрана од Музиката на Аинурите која на сите други нешта им е судбина; и така со нивните воздејства сѐ да е стокмено и во облик и во дело и светот да е исполнет од најпоследно до најмало.

Но Илуватар знаеше дека Луѓето оставени сред дармаданата на силите на светот често ќе талнуваат и нема сплотено да ги користат даровите и рече: „И тие, кога ќе им дојде време, ќе видат дека сѐ што прават на крајот само ѝ придава на славата на моето дело.“ Сепак Вилите мислат дека Луѓето често го секираат Манве кој најдобро го познава умот на Илуватар; зашто на Вилите им се чини дека Луѓето од сите Аинури најмногу се истерани на Мелкор, иако тој секогаш им се плашел и ги мразел, дури и оние кои му служеле.

Вкалемено во овој дар на слобода е да чедата на Луѓето само за кратко домуваат живи на светот и да не врзани за него, па така бргу си заминуваат до места непознати за Вилите. А Вилите пак, остануваат до крајот на дните и затоа љубовта кон Земјата и кон сиот свет им е посеопфатна и пожестока и како што врват годините, сѐ пожалосна. Зашто Вилите не умираат додека светот не умре, освен ако не загинат од меч или не овенат од јад (а подложни се и обете вакви умирачки); ниту староста им ја потчинува силата, освен ако не би се изморил човек од десет илјади векови; и умирајќи се берат во дворовите на Мандос во Валинор од каде што своевремено можат да се вратат. Но човечките синови вистински умираат и го напуштаат светот; па затоа се викаат Гости или Јабанџии. Смртта им е судбина, дар од Илуватар на кој како што врви времето дури и Силите ќе им позавидат. Но Мелкор ја беше фрлил својата сенка врз него и го замрсил со темнина и обродил зло од доброто и страв од надежта. Сепак, Валарите во дамнина им зајавиле на Вилите во Валинор дека Луѓето ќе се вклучат во Втората Музика на Аинурите; додека Илуватар пак не кажал каков ниет има за Вилите по крајот на Светот, а и Мелкор нема откриено.