VI<br></br>За Феанор и одврзувањето на Мелкор - Полиграматон

VI

За Феанор и одврзувањето на Мелкор


Трите Елдарски Роди така најпосле се собраа во Валинор и Мелкор беше врзан. Ова беше Пладнината на Блаженото Царство и полноста на неговата слава и блаженство, долга низ годините, но во спомените прекуса. Во тие денови Елдарите израснаа и во снага и во ум, а Нолдорите сѐ повеќе се истакнуваа во вештина и знаење; и долгите години беа исполнети со нивните радосни трудови низ коишто многу нови нешта, лични и чудесни, беа створени. Тогаш за прв пат Нолдорите издумаа букви и Румил од Тирион беше името на учениот кој прв направи знаци погодни за бележење на говорот и песните, едни за резбање во метал и камен, други за цртање со четка или перо.

 Во тоа време во Елдамар, во дворот на Кралот на Тирион врз капецот на Туна се роди најстариот од синовите на Финве, а и најсаканиот. Куруфинве му беше името, но мајка му го викаше Феанор, Дух на Огнот; и така е запаметен во сите сказни за Нолдорите.

Мириел се викаше мајка му, која ја викаа Серинде поради нејзината мајсторија во ткаење и везење на која рамен ѝ немаше; зашто ниту меѓу Нолдорите немаше поизвештени раце од нејзините. Љубовта меѓу Финве и Мириел беше голема и милна, зашто беше започнала во Блаженото Царство во Деновите на Блаженство. Но кога беше тешка со синот, на Мириел и се истроши и душата и снагата и откако го роди чемрееше за да се ослободи од животото бреме, па кога го крсти, на Финве му рече: „Јас друго дете нема да ти родам; зашто силата што многу деца можеше да издои, сета замина во Феанор.“

Тогаш Финве се нажали, зашто Нолдорите уште беа во младоста на нивните дни и сакаше да му се изнародат уште многу деца во блаженството на Аман; и рече: „Та зар во Аман да нема иљач? Тука секоја тегоба може да се исцели.“ Но кога Мириел продолжи да линее Финве побара совет од Манве и Манве ја стави во грижа на Ирмо во Лориен. Кога се збогуваа (за на кратко, како што си мислеше) Финве се натажи, зашто му се виде како голем нек’смет да мајката си замине без да го види барем почетокот на детинството на сина си.

„Вистина е нек’смет,“ рече Мириел, „и би липала да не бев толку капната. Но не ме ставај кабает ни за ова, ни за сѐ она што ќе следи.“

Потоа замина во градините на Лориен и легна да спие; но иако личеше како да спие, душата ѝ излезе од телото и тивко премина во дворовите на Мандос. Измеќарките на Есте ѝ го вардеа телото на Мириел, па ѝ остана непосивеено; но таа не се врати. Оттогаш Финве живееше во жалост и често одеше до градините на Лориен и седејќи под сребрените врби крај телото на жена си, ја викаше со сите имиња по ред. Но напразно беше и во сето Блажено Кралство саде тој беше лишен од радост. А по некое време, веќе не одеше во Лориен.

Оттогаш сето своја љубов му ја подари на синчето, а Феанор раснеше брзо, како таен оган да се имаше завалено во него. Беше висок и со лично лице и заповеднички, со остри очи и коса црна како гавран; и во секој негов ниет беше желен и тврдокорен. Со арно малкумина можеа да го прекандисаат во нешто, а со лошо никој. Од сите Нолдори, тогашни или некогашни, стана најпрефриган во умот и највешт во рацете. Во младоста, надмашувајќи го делото на Румил, ги изнедри буквите кои се крстени по него и кои Елдарите продолжија да ги користат; и беше прв меѓу Нолдорите кој откри како може со мајсторлук да се створат бесценети камења поголеми и посјајни од оние во земјата. Првите бесценети камења кои Феанор ги направи беа бели и безбојни, но кога ќе се изнесеа под ѕвездите гореа со сини и сребрени огнови посветли од Хеллуин, а и други билјури направи со коишто можеа да се видат далечни работи, мали, но бистри, како низ очите на орлите на Манве. Повеќе водата стоеше одошто умот и рацете на Феанор.

Во раната младост Феанор се венча со Нерданел, ќерката на еден голем ковач по име Матан од сите Нолдори му беше најмил на Ауле; и од Матан научи многу за создавање на нешта од метал и од камен. Нерданел исто така беше со цврста волја, но беше потрпелива од Феанор, сакајќи повеќе да го разбере умот на другите наместо да го повела и прво го кротеше кога огнот на срцето премногу ќе му се усвитеше; но неговите подоцнежни дела ја сневеселија, па се отуѓија. Седум сина му роди на Феанор; и некои ѝ го наследија табиетот, но не сите.

Бидна да Финве за втора жена ја земе Индис Личната. Таа беше Ванја, блиска рода на Врховниот Крал Ингве, златокоса и висока и во ништо не беше како Мириел. Финве многу ја сакаше и пак се развесели. Но сенката на Мириел не се тргна ниту од куќата на Финве ниту од срцето негово; и од сите кои ги сакаше, паметот секогаш најмногу му беше во Феанор.

Татковата венчавка не му беше по ќеф на Феанор и не ја сакаше многу ниту Индис ниту Финголфин и Финарфин, синовите ѝ. Живееше одделен од нив истражувајќи ги пределите на Аман или потонат во книгите и мајсториите кои ги правеа ќеф. Во оние несреќни нешта кои подоцна се случија и во кои Феанор беше челник, многумина го гледаа учинокот на ова делење на куќата на Финве судејќи дека ако Финве ја беше истрпел загубата и се беше задоволел со гледањето на неговиот велик син, Феанор можеби ќе фател по други патишта и големо зло ќе се спречеше; зашто жалоста и расколот во лозата на Финве се врежани во спомените на нолдоринските Вили. Но чедата на Индис беа велики и величествени, а и нивните чеда; и ако не се родеа тие, историјата на Елдарите многу ќе се осиромашеше.

Но како што Феанор и нолдорските занаетчии со сласт работеа не гледајќи им крај на нивните творби и како што синовите на Индис пораснаа во силни мажи, полека се ближеше крајот на Пладнината на Валинор. Зашто бидна да на Мелкор, како што беа прогласиле Валарите, најнакрај му заврши робијата, три ери да е затворен сам во апсааната на Мандос. Најнакрај, како што Манве беше ветил, пак го доведоа пред престолот на Валарите. И им ја погледна славата и блаженоста и завист му се јави во срцето; ги погледна Чедата на Илуватар кои седеа крај нозете на Моќниците и омраза го исполни; го погледна азното од сјајни бесценети камења и ламтеж го фати за нив; но си ги сoкри мислите и си ја одложи осветата.

Пред портите на Валмар Мелкор се спростре крај нозете на Манве и фати да моли за прошка, заветувајќи се дека ако го остават да биде макар и најдолниот од сите слободни жители на Валинор, око на око нема да склопи, туку саде ќе им помага на Валарите во сета нивна работа, а најмногу во исцелувањето на многуте рани кои тој самиот ги беше отворил низ светот. И Ниенна му ја подзеде молбата, но Мандос молчеше.

Тогаш Манве го помилува; но Валарите сѐ уште не му даваа да оди кај што не ќе можат да го гледаат и имаат на мукает, па му наметнаа да живее само во ѕидините на Валимар. Но лични беа навидум сите зборови и дела на Мелкор во тоа време и Валарите и Елдарите видоа голем аир од неговата помош и совети, ако им фатеше ум да ги побараат; и затоа набргу му дадоа изим слободно да може да шета низ земјата и на Манве му се виде како да се беше излекол од злото. Зашто Манве во себе немаше злоба и неможеше да ја узнае и знаеше дека во почетокот, во мислите на Илуватар, Мелкор беше ист како него и не можеше да ги спознае длабините на срцето на Мелкор и не можеше да осозна дека сета љубов од него засекогаш си беше заминала. Но Улмо не се излага и Тулкас стискаше тупаници секогаш кога ќе го видеше Мелкор, душманот негов, кај мине; зашто иако Тулкас споро се гневи, споро и заборава. Но ја почитуваа пресудата на Манве; зашто оние кои се закренале да ја бранат власта од бунт, не смеат самите да се бунтуваат.

Во срцето пак, Мелкор најмногу ги мразеше Елдарите, ем зашто беа лични и радосни, ем зашто во нив ја гледаше причината за воскревањето на Валарите и неговиот погибел. И затоа уште повеќе се правеше како демек ги сака и им е пријател и севезден им се нудеше да им служи со совет и припомош во сите големи дела што ги правеа. На Ванјарите и понатаму им остана шубе да му веруваат, зашто живееја во светлината на Дрвата и ништо не им фалеше, а Телерите многу не ги есапеше, мислејќи ги недостојни, преслаби орудија за неговите умисли. Но Нолдорите со сласт го прифаќаа скриеното знаење кое им го откриваше; и некои послушаа зборови кои најарно ќе беше ако никогаш не ги чуеа. Мелкор потоа велеше дека Феанор од него скришно беше научил многу мајстории и дека тој му беше дал ум како да ги направи неговите најголеми творби; но лажеше од ламтеж и од завист, зашто никој од Елдалиите не го мразеше Мелкор повеќе од Феанор, синот на Финве, кој прв го крсти Моргот; и иако беше замрежен во пајажините на Мелкоровиот лошотилук против Валарите, со него муабет не чинеше и од него совет не бараше. Зашто Феанор беше теран само од огнот на сопственото срце, секогаш работејќи брзо и насамо; и не бараше помош и совет од никој од оние кои живееја во Аман, било големи или мали, освен, на некое време, од жена си Нерданел мудрата.