V<br></br>За Елдамар и принцевите на Елдалиите - Полиграматон

V

За Елдамар и принцевите на Елдалиите


Со време, свитите на Ванјарите и Нолдорите стигнаа до последните западни брегови на Вамошните Земји. На север овие брегови во древните денови по Битката на Силите се навалуваа саде на запад, па во најсеверниот дел на Арда само едно тесно море го делеше Аман, врз којшто беше изграден Валинор, од Вамошните Земји; но ова тесно море беше исполнето со резлив мраз од зулумите на Мелкоровиот лед. Затоа Ороме не ги поведе свитите на Елдалиите кон далечниот север, туку ги доведе до личната земја околу реката Сирион која подоцна ја крстија Белерианд; и од оние брегови каде што Елдарите за прв пат во дамнина со страв и восхит гледаа кон Морето, се протегаше океан, широк и темен и длабок, помеѓу нив и Планините на Аман.

Улмо пак, по молба на Валарите, дојде до бреговите на Меѓуземјето и им прозборе на Елдарите кои таму чекаа, загледани во темните бранови; и од неговите зборови и од музиката која ја иствори пред нив на роговите од школки, стравот од морето им се претопи во копнеж. Така Улмо откорна еден остров кој долго време беше стоел сам сред морето далеку од обата брега уште од превирањата при падот на Иллуин; и со помош на слугите го помести небаре е јак брод и го закотви во заливот Балар каде што Сирион си ги истураше водите. Тогаш Ванјарите и Нолдорите се испокачија на островото и беа одвлечени преку морето и најпосле втасаа до долгите брегови под Планините на Аман; и влегоа во Валинор и беа пречекани од неговото блаженство.  Но источниот ’рт на островот кој беше длабоко нагнетен во плитаците на устијата на Сирион се открши и остана и се вели дека тоа било островото Балар, до каде што подоцна Оссе често одеше.

Но Телерите и понатаму останаа во Меѓуземјето, зашто домуваа во Западен Белерианд далеку од морето и дури отпосле беа чуле за теклифот на Улмо; а и многумина сѐ уште го бараа Елве, владарот им и не им се тргаше без него. Но кога чуја дека Ингве и Финве и нивните народи заминале, многу од Телерите поитаа до бреговите на Белерианд и се вдомија близу Устијата на Сирион, чезнеејќи за побратимите кои им беа кинисале; и го зедоа Олве, братот на Елве, да им биде крал. Долго време останаа крај бреговите на западното море и Оссе и Уинен им дојдоа и се спријателија со нив; и Оссе ги учеше, седејќи на една карпа близу работ на копното и од него научија едночудо морски мајстории и морска музика. И така бидна да Телерите кои уште од прво ја милуваа водата и беа најслаткопојни меѓу Вилите се заљубат во морето, па песните им беа полни со звукот на бранови што удираат врз брегот.

Кога минаа многу години, Улмо ги послуша молитвите на Нолдорите и на кралот им Финве, кои го оплакуваа долгото отцепување од Телерите и го помолија да ги доведе во Аман, ако сакаа да дојдат. И овојпат многумина од нив се кандисаа; но на Оссе голем јад му падна на душа кога Улмо се врати до брегот на Белерианд за да ги земе во Валинор; зашто негова служба беше да ги варди морињата на Меѓуземјето и бреговите на Вамошните Земји и не му беше по ќеф што гласот на Телерите веќе нема да се слуша во неговата царштина. Некои ги убеди да останат; и тие беа Фалатримите, Вилите од Фалас, кои подоцна си направија жилишта во пристаните Бритомбар и Егларест; првите поморци во Меѓуземјето и првите бродоградители. Кирдан Бродоградецот им беше нив владар.

Роднините и пријателите на Елве Синголло исто така останаа во Вамошните Земји, сѐ уште барајќи го, иако ќе им беше мило да заминат во Валинор кај светлината на Дрвата, ако само Улмо и Олве беа волни да почекаат. Но на Олве му се брзаше; и најпосле главната свита Телери се качија на островото и Улмо ги одвлече кон далечините. Тогаш пријателите на Елве беа оставени; и се нарекоа Еглати, Арнисаниот Народ. Домуваа во кориите и ридовите на Белерианд, наместо крај морето, кое ги исполнуваше со жалост; но копнежот за Аман за навек им беше во срцата.

Но кога Елве се пробуди од долгиот занес, излезе од Нан Елмот со Мелиан и заедно се вдомија во коријата сред земјата. Иако голем мерак имаше повторно да ја види светлината на Дрвата, во лицето на Мелиан ја гледаше светлината на Аман небаре во најбистро огледало и со таа светлина беше задоволен. Народот се изнасобра околу него, целите радосни и сите се вчудовидоа; зашто иако беше бил личен и благороден, сега личеше како некој Маиарски цар со коса како сиво сребро, највисок од сите Чеда на Илуватар; и голема судба му се готвеше.

Оссе пак, ја следеше свитата на Олве и кога втасаа до Заливот на Елдамар (а тоа е Вилиндом) им свика, а тие му го познаа гласот и го измолија Улмо да ја запре пловидбата. И Улмо им ги услиши молбите и по негова заповед Оссе го сопре островот и го вкорени во темелите на морето. На Улмо му беше и мило да стори вака, зашто ги разбираше срцата на Телерите и на советот на Валарите беше против теклифот и беше со ум дека ќе е подобро ако Квендите останат во Меѓуземјето. На Валарите не им се направи ќефот кога дознаа што сторил; а Финве се нажали кога Телерите не дојдоа, а уште повеќе кога му кажаа дека го арнисале Елве знаејќи дека веќе никогаш не ќе го види, сѐ додека не се сретнат во дворовите на Мандос. Но островот веќе не беше помрднат и остана сам сред Заливот на Елдамар; и го нарекоа Тол Ерессеа, Осаменото Острово. Таму домуваат Телерите, како што посакаа, под ѕвездите на небесата, а сепак во доглед на Аман и вечноживиот брег; и од таа долга одделена живејачка на Осаменото Острово настана цепењето на нивниот говор од оној на Ванјарите и Нолдорите.

Нив Валарите им дадоа земја и жилиште. Дури и сред блескавите цвеќиња во Дрвоосветлените градини на Валинор напати копнееја да ги видат ѕвездите; па затоа беше створен јаз во големите ѕидишта на Пелорите; и таму во една длабока долина што се спушташе до морето Елдарите кренаа висок, зелен рид: Туна го нарекоа. Од запад го осветлуваше светлината на  Дрвата, а на исток секогаш беше во сенка; и оттаму гледаше кон заливот на Вилиндом и Осаменото Острово и Сенишните Мориња. И низ Калакирја, Преминот на Светлината, бликаше сјајот на Блаженото Царство потпалувајќи ги темните бранови со сребо и злато и го допре Осаменото Острово, па западниот брег му стана зелен и личен. Таму процветаа првите цвеќиња кои никнале источно од Планините на Аман.

Врз капецот на Туна беше изграден градот на Вилите, белите ѕидини и чардаци на Тирион; а највисока меѓу кулите на тој град беше Кулата на Ингве, Миндон Елдалиева, чиј сребрен фенер светеше надалеку низ морските магли. Ретки се човечките бродови кои ѝ го виделе тенкиот зрак. Во Тирион врз Туна Ванјарите и Нолдорите долго време живеаа здружени. И зашто од сите творби во Валинор најмногу го сакаа Белото Дрво, Јаванна им направи дрво налик на Телперион, само што беше помало и не даваше светлина од своето битие; Галатилион го крстија на синдаринскиот јазик. Ова дрво беше посадено во дворците под Миндон и таму расцвета и од неговите стракови во Елдамар едночудо дрва излегоа. Едно од нив подоцна беше посадено во Тол Ерессеа, каде што силно пркна и го крстија Келеборн; а од него пак, кога стаса време, како што на друго место ќе се раскажува, никна Нимлот, Белото Дрво на Нуменор.

Манве и Варда најмногу ги милуваа Ванјарите, Личните Вили; но Нолдорите му беа најмили на Ауле и тој заедно со слугите често одеше кај нив. Големи им станаа знаењето и вештината; но уште поголема им беше жедта за знаење, па наскоро во многу работи ги надмашија учителите. Говорот им беше разлеан, зашто многу ги љубеа зборовите и севезден бараа поарни зборови за сите нешта кои ги знаеја или замислуваа. И бидна да дуварџиите од дворот на Финве вадејќи камења во ридиштата (зашто им беше ќеф да градат високи кули) најпрви ги открија бесценетите камења од земјата и ги донесоа во небројни товари; и створија орудија за кроење и обликување на бесценетите камења и ги изрезбаа во многу облици. Не ги трупаа, туку широкоградо ги раздаваа и со трудот нивен сиот Валинор го обогатија.

Нолдорите потоа се вратија во Меѓуземјето и оваа сказна зборува најмногу за нивните дела; па затоа е редно тука да се кажат имињата и родите на нивните принцеви, онакви какви што подоцна беа на јазикот на Вилите од Белерианд.

Финве беше Крал на Нолдорите. Синови на Финве беа Феанор и Финголфин и Финарфин; но мајка на Феанор му беше Мириел Серинде, а мајка на Финголфин и Финарфин им беше Индис од Ванјарите. Феанор беше најјак во вештината на збор и рака и поучен од браќа му; душата му гореше како пламен. Финголфин беше најсилен, најтврдокорен и најјунак. Финарфин беше најличен и со најмудро срце; и подоцна им беше пријател на синовите на Олве, владарот на Телерите и се ќердоса со Еарвен, лебедната мома од Алквалонде, ќерката на Олве.

Седумте синови на Феанор беа Меидрос високиот; Маглор јакиот пејач, чиј глас се слушаше далеку по земја и по море; Келегорм личниот и Карантир црниот; Куруфин итриот, кој најмногу ја наследи мајсторијата на рацете на татка си; и најмалите Амрод и Амрас, кои беа браќа близнаци и си личеа и во лицето и во табиетот. Во подоцнежните денови станаа големи ловци во кориите на Меѓуземјето; а ловец беше и Келегорм кој во Валинор му беше пријател на Ороме и често одеше по рогот на Валата.

Синови на Финголфин му беа Фингон, кој потоа стана крал на Нолдорите од север и Тургон, владарот на Гондолин; а нив сестра им беше Аредел Белата. По годините на Елдарите беше помлада од браќата си; и кога израсна во полна става и убавина, беше висока и силна и многу сакаше да јава и лови низ шумите. Таму често беше во тајфата на синовите на Феанор, родата нејзина; но срцето од љубов на никој му го немаше дадено. Ар-Феиниел ја викаа, Белата Нолдорска Дама, зашто беше бледа, иако косата и беше темна и саде во руба од сребро и бело се носеше.

Синови на Финарфин му беа Финрод верниот (кој потоа го викаа Фелагунд, Владар на Пештерите), Ородрет, Ангрод и Аигнор; овие четворица беа толку блиски со синовите на Финголфин, што како родени браќа да беа. Имаа и сестра, Галадриел, најубавата од сета лоза на Финве; косата и зрачеше злато како да го имаше фатено во мрежа сјајот на Лаурелин.

Тука мора да се раскаже како Телерите најпосле втасаа до земјата Аман. Долги раздобја домуваа во Тол Ерессеа; но полека-полека срцата им се сменија и беа привлечени од светлината којашто течеше од преку морето до Осаменото Острово. Ем беа вљубени во музиката на бреговите, ем копнееја да си ги видат роднините и да го погледат раскошот на Валинор; и на крајот копнежот за светлината ги наваса. Така Улмо, потчинувајќи се на волјата на Валарите, им го испрати Оссе пријателот им, кој со тешко срце им го кажа занаетот на бродоградење; и кога ги изградија бродовите им донесе како поклон за разделба многу силнокрили лебеди. Тогаш лебедите ги повлекоа белите бродови на Телерите по безветерното море; и така најпосле и најнакрај дојдоа до Аман и до бреговите на Елдамар.

Таму се вдомија и ако им се посакаше, можеа да ја видат светлината на Дрвата и да газат по златните сокаци на Валмар и билјурните скали на Тирион врз Туна, зелениот рид; но најмногу пловеа со брзите бродови по водите на заливот на Вилиндом, или шетаа низ брановите на брегот додека косите им светкаа на светлината од зад ридот. Многу џеваири им дадоа Нолдорите, опали и дијаманти и бледи билјури, кои ги распослаа по бреговите и раштркаа по басените; чудесни беа плажите на Еленде во тие денови. И многу бисери самите извадоа од морето и дворовите им беа од бисер и бисерни беа палатите на Олве во Алквалонде, Пристанот на Лебедите, осветлен од многу фенери. Зашто тоа им беше градот и пристанот за бродовите; а тие пак им беа направени налик на лебеди, со златни клунови и очи од злато и црн килибар. Портата на тоа пристаниште беше свод од жива карпа мореизрезбарена; и стоеше врз синорот на Елдамар северно од Калакирја, каде светлината на ѕвездите беше бистра и јасна.

Како што врвеа годините, Ванјарите ја засакаа земјата на Валарите и бујната светлина на Дрвата и го арнисаа градот Тирион врз Туна и оттогаш домуваа на планината на Манве или околу рамнините и кориите на Валинор и се отцепија од Нолдорите. Но споменот на Меѓуземјето под ѕвездите остана во срцата на Нолдорите и тие се вдомија во Калакирја и во ридовите и долините до кај што се слушаше западното море; иако многу од нив често шетаа низ земјата на Валарите, одејќи на далечни патувања во потрага по тајните на земјата и водата и живите нешта, сепак народите на Туна и Алквалонде многу се зближија во тие денови. Финве беше крал во Тирион, а Олве во Алквалонде; но Ингве секогаш беше сметан за Врховен Крал на сите Вили. И оттогаш живееше крај нозете на Манве врз Таникветил.

Феанор и неговите синови ретко живееја долго време на едно место и патуваа надалеку и нашироко по синорот на Валинор, одејќи дури до границите на Мракот и студените брегови на Надворешното Море, барајќи го непознатото. Често беа гости во дворците на Ауле; но Келегорм повеќе одеше до домот на Ороме и таму дозна многу работи за птиците и ѕверките и сите јазици им ги знаеше. Зашто сите живи нешта што се или што биле во Кралството Арда, освен свирепите и злобни створови на Мелкор, живееја тогаш во земјата Аман; а имаше и многу други дијании што не беа видени во Меѓуземјето и што можеби сега никогаш не ќе бидат, зашто кројот на светот се има сменето.