XX<br></br>За Петтата битка: Нирнеит арноидиад - Полиграматон

XX

За Петтата битка: Нирнеит арноидиад


Се вели дека Берен и Лутиен се вратиле во северните краишта на Меѓуземјето и поживеале таму некое време како живи маж и жена; и повторно си ги зазеле смртните облици во Дориат. На оние кои ги видоа им падна ем жал, ем страв; и Лутиен појде до Менегрот и со допирот на раката ја исцели зимата на Тингол. Но Мелиан ја погледа во очите и ја прочита судбата која таму беше запишана и се завртe, зашто знаеше дека разделба повековна од крајот на светот беше застанала меѓу нив; и немало јад или зијан потежок од јадот на Мелиан Маиата во тој час. Тогаш Берен и Лутиен заминаа сами, не плашејќи се ни од жед ни од глад; и преминаа од другата страна на реката Гелион во Оссирианд и домуваа таму на зелената ада Тол Гален сред Адурант сѐ додека не секна секој абер за нив. Елдарите потоа ја завикаа таа земја Дор Фирн-и-Гуинар, Земја на Мртвите што Живеат; и таму се роди Диор Аранел прекрасниот кој потоа беше познат како Диор Елухил, што значи Тинголовиот Наследник. Никој смртник веќе не прозборе со Берен, синот на Барахир и никој не ги виде Берен и Лутиен кога го напуштија светот ниту дозна каде на крајот си ги положија телата.

Во тие денови Меидрос, синот на Феанор, се окуражи, осознувајќи дека Моргот не е несовладлив; зашто делата на Берен и Лутиен беа опеани во многу песни низ Белерианд. Но сепак Моргот можеше да ги сотре сите, еден по еден, ако пак не се обединат и склучат нов сојуз и заеднички совет; и ги отпочна оние совети за оправање на к’сметот на Елдарите кои се наречени Сојузот на Меидрос.

Но заклетвата на Феанор и лошотиите кои таа ги имаше изнедрено ја зацрни умислата на Меидрос и саде малкумина се нафатија да му помогнат. Ородрет не сакаше да му пружи помош на ниту еден од синовите на Феанор, поради делата на Келегорм и Куруфин; а Вилите од Нарготронд сѐ уште беа на ум дека ќе можат со тајност и скришност да си ги одбранат скриените тврдини. Така пристигна само една мала чета на чело со Гвиндор, синот на Гуилин, кој беше принц и голем јунак; и кој наспроти волјата на Ородрет замина во војната на север, затоа што жалеше за загубата на брата му Гелмир во Дагор Браголлахот. Го прифатија нишанот на лозата на Финголфин и чекореа под бајраците на Фингон; и од нив никој не се врати, освен еден.

Од Дориат не стигна многу помош. Зашто Меидрос и браќа му, одошто беа врзани за заклетвата, пред тоа му имаа испратено абер на Тингол и со надмени зборови го потсетија на нивното право, свикувајќи го да им го теслими Силмарилот или да им стане непријател. Мелиан го посоветува да им го предаде, но зборовите на синовите на Феанор беа горди и присилни и Тингол се разлути, споменувајќи си за страдот на Лутиен и крвта на Берен преку коишто џеваирот беше бил освоен, наспроти лошотилукот на Келегорм и Куруфин. И секој ден кога ќе го погледнеше Силмарилот, сѐ повеќе сакаше засекогаш да го задржи при себе, зашто таква му беше моќта. Затоа со жолчни зборови ги врати гласниците. Меидрос не му прати одговор, зашто тогаш беше почнал да го крои сојузот и здружувањето на Вилите; но Келегорм и Куруфин отворено се заветија дека ќе го отепаат Тингол и ќе му го уништат народот ако се вратат од војната како победници и ако самиот не им го предаде џеваирот. Тогаш Тингол ги утврди марките на неговото кралство и не појде во војна ни тој ниту некој друг од Дориат освен Маблунг и Белег, кои не сакаат да останат одделени од такви големи собитија. Тингол нив им даде изим да одат, но само ако не им служат на синовите на Феанор; па ѝ се придружија на свитата на Фингон.

Но на Меидрос помош му пружија Наугримите и со војска и со едночудо оружја; и вигните на Ногрод и Белегост постојано работеа во тие денови. И тој пак си ги собра браќа му и сите оние кои решија да ги следат; и Луѓето на Бор и Улфанг беа собрани и построени за војна, а тие пак, викнаа и други од нивните роднини од Исток. А на запад Фингон, кој отсекогаш беше пријател со Меидрос, седна да се посоветува со Химринг и во Хитлум Нолдорите и Луѓето од лозата на Хадор се подготвија за војна. Во шумата Бретил Халмир, владарот на Луѓето од Халет, си ја собра војската и ги наточија секирите; но Халмир умре пред да дојде војната и син му Халдир завладеа со народот. А и до Гондолин стигна абер, кај Тургон, скриениот крал.

Но Меидрос тргна прерано да си ја мери силата, уште пред планот убаво да му созрее; и иако Орките беа истерани од сите северни предели на Белерианд и дури и Дортонион на некое време беше ослободен, Моргот дозна за бунтот на Елдарите и на Вило-побратимите и почна да се мисли како да им се спротистави. Многу ушаци и завалувачи на предавства испрати меѓу нив, а тоа сега му појде од рака полесно од порано, зашто неверните Луѓе кои скришно беа во негова служба сѐ уште беа длабко навлезени во тајните на синовите на Феанор.

Најнакрај Меидрос, стокмувајќи ја сета сила што ја беше собрал од Вили и Луѓе и Џуџиња, се реши да го нападне Ангбанд од исток и од запад; и намераваше отворено и со кренати бајраци да одјава преку Анфауглит. И кога ќе ги извлече, како што се надеваше, војските на Моргот кон него, во тој миг Фингон да излезе од премините на Хитлум; и така мислеа да ја зачекаат силата на Моргот како помеѓу чекан и наковална и парчиња да ја сторат. И се договорија знак за ова да биде палењето на еден голем светилник во Дортонион.

На назначениот ден, во зорите на средлето, трубите на Елдарите го поздравија изгревот на сонцето и на исток беше подигнат бајракот на синовите на Феанор, а на запад бајракот на Фингон, Врховниот Крал на Нолдорите. Тогаш Фингон погледна од ѕидините на Еител Сирион и свитата му беше построена во долините и кориите во источниот дел на Еред Ветрин, добро скриена од очите на Непријателот, но знаеше дека е многу голема. Зашто таму беа збрани сите Нолдори од Хитлум заедно со Вилите од Фалас и четата на Гвиндор од Нарготронд и имаше и голема војска Луѓе: од десно беше свитата на Дор-ломин со целото јунаштво на Хурин и брат му Хуор, а при нив имаше дојдено и Халдир од Бретил со многу луѓе од кориите.

Тогаш Фингон погледна кон Тангородрим и темен облак ја имаше овенчано и црн чад почна да се крева; и знаеше дека гневот на Моргот е разбуден и дека им го прифаќа предизвикот. Сенка на сомнеж падна врз срцето на Фингон; и погледна кон исток, барајќи со вилинските очи да ја види правта на Анфауглит како се издига од под свитите на Меидрос. И не знаеше дека Меидрос беше спречен да тргне од лукавоста на Улдор клетиот, кој го измами со лажна опомена за напад од Ангбанд.

Но се чу извик, понесен по ветерот од југ од дол во дол и Вилите и Луѓето гласно извикаа од вчудовиденост и радост. Зашто неповикан и неочекуван, Тургон го беше отворил таборот на Гондолин и беше дошол со војска од десет илјади јунаци со сјајни железни кошули и долги мечеви и копја како шума. Тогаш, кога Фингон ја чу оддалеку силната труба на брата си Тургон, сенката му помина и срцето му се воздигна и на цел глас извика: „Утулие`н ауре! Аија Елдалие ар Атанатари, утулие`н ауре! Дојде денот! Гледајте елдарски народе и човечки татковци, дојде денот!“ И сите кои му го слушнаа силниот глас како одекнува низ ридовите одговорија извикувајќи: „Аута и ломе! Ноќта мине!“

Моргот пак, кој знаеше многу за она што го правеа и кроеја неговите непријатели, го избра часот и сметајќи на предавничките слуги да го задржат Меидрос и спречат здружувањето на неговите душмани, испрати навидум голема војска (која сепак беше само дел од она што го имаше спремено) кон Хитлум; и целите беа зарубени во кафена руба и сабјите и силавот им беа покриени и така стигнаа далеку преку песоците на Анфауглит пред некој да види дека доаѓаат.

Тогаш срцата на Нолдорите се распалија и војводите сакаа да го кајдисаат душманот врз рамнината, но Хурин ги одврати и им рече и да се вардат од лукавоста на Моргот, чија сила секогаш беше поголема одошто се чинеше и чија умисла подруга одошто тој откриваше. И иако знакот за доаѓањето на Меидрос сѐ уште немаше стигнато и меѓу свитите се рашири нетрпеливост, Хурин ги бодреше да истраат и да ги остават Орките да се разбијат при нападот врз ридот.

Но на Војводата на Моргот од запад му беше заповедано да повјаса и како што знае и умее да го извлече Фингон од ридовите. Затоа продолжи со маршот сѐ додека војската не му застана спрострена пред течението на Сирион, од ѕидините на тврдината Еител Сирион, сѐ до приливот на Ривил кај Мртвакот Серех; и од стражарниците на Фингон можеа да им ги видат очите на непријателот. Но никој не му го прифати призивот и Орките напразно подбуцнуваа како што гледаа кон тивките ѕидини и скриената закана од ридовите. Тогаш Војводата на Моргот испрати јавачи да се пазарат со непријателот пред челниот бедем на Барад Еител. Со нив го поведоа Гелмир синот на Гуилин, големец од Нарготронд кој го имаа сурдисано во Браголлахот и го имаа ослепено. Тогаш телалите на Ангбанд им го покажаа Гелмир извикувајќи: „Уште едночудо вакви ги имаме дома па поитајте ако сакате да си ги најдете; зашто еве што ќе ги снајде кога ќе се вратиме.“ И му ги отсекоа дланките и стапалата на Гелмир, а на крајот и главата пред очите на Вилите и го оставија.

Како за беља, баш на тоа место на челниот бедем се погоди да стои Гвиндор од Нарготронд, братот на Гелмир. И во тој час нему гневот му се усвити во лудило и скокна врз коњот со многу јавачи по него; и се вдадоа по телалите и ги потепаа и навлегоа длабоко во главната свита. И гледајќи го ова, целата Нолдорска свита се разгоре и Фингон си го стави белиот шлем и ги разгласи трубите и сета свита на Хитлум скокна прудолу од ридовите во ненадеен налет. Светлината од иссукувањето на нолдорските мечеви беше како оган во поле трски; и толку свирепа и брза им беше навалата што за малку и умислата на Моргот ќе се расипеше. Војската која тој ја имаше испратено на запад беше збришана пред да може да се зајакне и бајраците на Фингон минаа преку Анфауглит и се кренаа пред ѕидините на Ангбанд. Цело време на чело на мегданот беа Гвиндор и Вилите од Нарготронд и никој не можеше да ги сопре; и се втурнаа низ Портата и ги отепаа стражарите врз скалите на Ангбанд и Моргот затрепери врз длабокиот престол, слушајќи ги како му удираат врз вратите. Но таму ги опколија и ги потепаа сите освен Гвиндор кој го фатија жив, зашто Фингон не можеше да им дојде на помош. Низ многу тајни врати во Тангородрим Моргот ја испушти главната свита која дотогаш ја чуваше и Фингон со многу зијан беше истуркан од ѕидините.

Тогаш на рамнината Анфауглит, на четвртиот ден од војната, започна Нирнеит aрноидиадот, Неброени Солзи, зашто нема ни песна ни сказна во која може да се собере сета нејзина јад. Свитата на Фингон се повлече преку песокот и Халдир, владарот на Халадините, загина во заштитницата; со него погинаа и повеќето од Луѓето од Бретил и веќе никогаш не се вратија во нивните кории. Но на петтиот ден, како што паѓаше ноќ и сѐ уште беа далеку од Еред Ветрин, Орките ја опколија свитата на Хитлум и се бореа додека не се раздени, притискани сѐ повеќе и повеќе. Со утрото пристигна и надеж, кога роговите на Тургон се расчуја како што тој доаѓаше со главната свита на Гондолин која беше останала на југ за да го варди Преминот на Сирион, зашто Тургон ги беше одвратил повеќето од непромислениот налет. Сега вјасаше за да му дојде на помош на брата си; и Гондолиндримите беа силни и во железни кошули и нивните четите блескаа како челична река под сонцето.

Така фалангата на кралската гарда се проби низ редовите на Орки и Тургон со сабја си направи пат до брата си; и се вели дека кога Тургон со сретнал со Хурин кој стоел крај Фингон, двајцата слатко се засмеале среде битката. Тогаш надежта се возобнови во срцата на Вилите и токму во тоа време, во третиот час на утрината, трубите на Меидрос најпосле се расчуја како ечат од исток и бајраците на синовите на Феанор го кајдисаа непријателот одзади. Некои велат дека Елдарите во тој час можеле да издвојуваат победа, ако сите свити им останеле верни; зашто Орките се раштркаа и нивниот налет беше сопрен, а веќе некои и фатија да бегаат. Но баш кога претходницата на Меидрос се сретна со Орките, Морогот ги отпушти и последните сили и Ангбанд се испразни. Навалија волци и волчји јавачи, навалија Балрози и ламји и Глаурунг таткото на ламјите. Силата и ужасот на Големиот Аждер беа станале големи - дотуку бидува и и Вили и Луѓе сивееја пред него; и застана помеѓу свитите на Меидрос и Фингон и ги отцепи една од друга.

Но ниту со волк ни со Балрог ни со Ламја Моргот не ја постигна целта, туку со човечко предавство. Во тој час се откри заверата на Улфанг. Многу од Источниците се свртија и избегаа, одошто срцата им беа полни лаги и страв; но синовите на Улфанг ненадејно преминаа од кај Моргот и се нафрлија врз заштитницата на синовите на Феанор и во збрката што ја предизвикаа се доближија до бајракот на Меидрос. Не се засладија со наградата која Моргот им ја вети, зашто Маглор го отепа Улдор клетиот, челникот во предавството, а синовите на Бор ги отепаа Улфаст и Улварт пред и тие самите да загинат. Но се појави нова сила на зли Луѓе кои Улдор ги имаше повикано и скриено во источните ридови и свитата на Меидрос сега беше од три страни кајдисана и се разби и се раштрка и се разбега наваму-натаму. Но судбината ги спаси синовите на Феанор и иако сите беа ранети, никој не загина, зашто се собраа еден до друг и збирајќи го остатокот од Нолдорите и Наугримите околу нив, со сабја си направија пат надвор од битката и избегаа далеку кон планината Долмед на исток.

Последна источна сила која истраја беа Џуџињата од Белегост и со тоа и се прославија. Зашто Наугримите трпеа оган повеќе и од Вилите и од Луѓето, а и адет им беше во бој да носат големи маски со одвратни ликови кои баеги им се најдоа за против ламјите. И да ги немаше нив, Глаурунг и неговата пород ќе ги пеплосаа Нолдорите до последен. Но Наугримите се наредија во круг околу него кога ги кајдиса и дури ни неговиот јак оклоп не им беше рамен на ударите на нивните големи секири; и кога Глаурунг сиот збеснат се сврте и го покоси Азагал Владарот на Белегост и полази преку него, со последниот замав Азагал му зари нож во мевот и толку го рани што тој избега од мегданот и ѕверовите од Ангбанд увилени избегаа по него. Тогаш Џуџињата го кренаа телото на Азагал и го одведоа; и споро чекорејќи по него со длабоки гласови почнаа да пејат тажалка, како што беше редот во нивната земја кога ќе умреше некој и веќе не ги есапеа душманите околу нив и никој не се осмели да ги сопре.

Но на западниот мегдан Фингон и Тургон беа кајдисани од душмански наплив трипати поголем од сета војска која им имаше преостанато. Готмог, Владарот на Балрозите, прв војвода на Ангбанд се подаде и зари темен клин помеѓу вилинските свити, опколувајќи го Крал Фингон и туркајќи ги Тургон и Хурин кон Мртвакот Серех. Тогаш му се сврте на Фингон. Страшна беше таа средба. Најпосле Фингон остана сам со сета гарда испотепана околу него и се бореше со Готмог, кога дојде еден друг Балрог и го опаша со огнениот бич. Тогаш Готмог го покоси со црната секира и бел пламен прсна од шлемот на Фингон кога се расцепи. Така погина Врховниот Крал на Нолдорите; и го нагнетија во правта со топузите, а бајракот, син со сребро, му го исцапаа во блатото од неговата крв.

Мегданот беше изгубен, но Хурин и Хуор и остатокот од лозата на Хадор цврсто сепак храбро издржаа со Тургон од Гондолин и свитите на Моргот сѐ уште не можеа да го освојат Преминот на Сирион. Тогаш Хурин прозборе со Тургон, велејќи му: „Оди господару, додека е време! Зашто во тебе живее последната надеж на Елдарите и дури крепи Гондолин, на Моргот страв ќе му тлее во срцето.“

Но Тургон одговори: „Нема уште долго Гондолин да остане скриен, а кога ќе го најдат, ќе падне.“

Тогаш Хуор прозборе и рече: „Сепак ако макар уште малку истрае, од твојата лоза ќе излезе надежта на Вилите и Луѓето. Ова ти го велам господару, како што смртта надвиснала над мене: иако тука за навек ќе се разделиме и веќе нема да ти ги видам белите ѕидини, од тебе и од мене нова ѕвезда ќе се крене. Збогум!“

И Меиглин, сестричникот на Тургон, кој стоеше во близина ги чу овие зборови и не ги заборави, но ништо не рече.

Тогаш Тургон го послуша советот на Хурин и Хуор и свикувајќи ги сите оние кои имаа останато од свитата на Гондолин и оние од народот на Фингон коишто можеше да ги собере, се повлече кон Преминот на Сирион; и неговите војводи Ектелион и Глорфиндел му ги чуваа крилата од десно и од лево за никој од непријателите да не може да ги престигне. Но Луѓето од Дор-ломин ја вардеа заштитницата, како што им повелаа Хурин и Хуор; зашто во срцата не сакаа да ги напуштат северните краеви и решија ако не можат да си ги повратат домовите, тука до последен да изгинат. И така се извида предавството на Улдор; и од сите воени потфати кои човечките татковци ги сторија во име на Елдарите, последниот отпор на Луѓето од Дор-ломин е најпрославен.

Така бидна да Тургон си пробие пат кон југ сѐ додека, доаѓајќи зад гардите на Хурин и Хуор, не го премина Сирион и избега; и исчезна во планините и се сокри од очите на Моргот. Но браќата ги насобраа преостанатите Луѓе од лозата на Хадор околу нив и педа по педа се повлекоа, сѐ додека не дојдоа зад Мртвакот Серех, со потокот Ривил пред нив. Таму застанаа и веќе не попуштаа.

Тогаш сите свити на Ангбанд се нароија против нив и го прегазија потокот преку телата на мртвите и го опколија остатокот на Хитлум како надојден прилив околу карпа. Таму како што сонцето пловеше кон запад на шестиот ден и сенката на Еред Ветрин се затемуваше, Хуор погина прободен со затруена стрела во окото и сите јунаци од Хадор беа испотепани околу него на куп; и Орките им ги отсекоа главите и ги натрупаа како брдо од злато под зајдисонцето.

Така на крајот остана уште Хурин. Тогаш тој го фрли штитот и со двете раце се фати за секира; и во песни е опеано како секирата чадела од црната крв на тролската гарда на Готмог сѐ додека не се пеплосала и секојпат кога ќе отепал некој, Хурин извикувал: „Ауре ентулува! Пак ќе дојде ден!“ Седумдесет пати кај извика така; но најпосле го фатија жив, како што им заповеда Моргот, зашто кога Орките ќе го зграбеа, тој ќе им ги отсечеше рацете, но дланките и понатаму се држеа за него; и сѐ така се трупаа додека најпосле не падна закопан под нив. Тогаш Готмог го врза и го одвлечка во Ангбанд правејќи си мајтап со него.

Така заврши Нирнеит aрноидиадот, како што сонцето заоѓаше над морето. Во Хитлум падна ноќ и од Запад се зададе големо невреме со ветришта.

Големо беше тржеството на Моргот и умислата му се исполни баш како што му беше по ќеф; зашто Луѓето се потепаа меѓу себе и ги предадоа Елдарите и страв и омраза се разбуди меѓу оние кои требаше да се обединети против него. Од тој ден срцата на Вилите се отуѓија од Луѓето, освен од оние од Трите Едаински Лози.

Царството на Фингон пајдоса; и синовите на Феанор талкаа како лисја на ветер. Војските им беа раштркани и сојузите скршени; и започнаа живот во дивите гори во подножјето на Еред Линдон, смесувајќи се со Зелените Вили од Оссирианд, лишени од дамнешната им моќ и слава. Во Бретил, понекои од Халадините останаа да домуваат под закрилата на нивните кории и владар им беше Хандир, синот на Халдир; но во Хитлум никогаш не се врати никој од свитата на Фингон ниту од Луѓето од лозата на Хадор ниту пак стигна абер за војната и судбината на нивните владари. Но Моргот таму ги испрати Источниците кои беа во негова служба, бранејќи им ги богатите земји на Белерианд кои ги сакаа; и ги затвори во Хитлум и им забрани да го напуштат. Таква награда им даде за што го предадоа Меидрос: да ги пљачкаат и зулумат старите и жените и децата од народот на Хадор. Остатокот од Елдарите од Хитлум беа одведени во рудниците на север каде што ги спрегнаа да ’рмбаат како ргачи, освен некои кои му избегаа и кои пребегнаа во дивините и планините.

Орките и волците слободно се шетаа низ сиот Север и доаѓаа сѐ повеќе кон југ во Белерианд, дури и до Нантатрен, Земјата на Врби и до границите на Оссирианд и никој не беше безбеден ни в поле ни во дивина. Само Дориат остана и дворовите на Нарготронд беа скриени; но Моргот не им береше многу гајле, или зашто не ги познаваше добро, или зашто нив сѐ уште не им беше дошол редот во темните умисли на неговиот лошотилук. Така многумина пребегнаа во Пристаните и се засолнија зад ѕидините на Кирдан и морепловците врвеа горе-долу по брегот кајдисувајќи го непријателот со брзи налети на копно. Но во наредната година, пред да фати зима, Моргот испрати голема војска преку Хитлум и Невраст и се спуштија по реките Бритон и Неннинг и го опустошија сиот Фалас и ги опсадија ѕидините на Бритомбар и Егларест. Ковачи и рудари и спотнувачи на пламен доведоа со нив и поставија големи чаркови; и иако прво јуначки беа одвратувани, најпосле ги пробија ѕидините. Тогаш Пристаните беа испустени и кулата Барад Нимрас срушена; и најголемиот дел на народот на Кирдан беа потепани или поробени. Но некои се качија на бродови и избегаа по морето; и меѓу нив беше Ереинион Гил-галад, синот на Фингон, чија татко го беше пратил во Пристаните по Дагор Браголлахот. Оваа мала дружина заедно со Кирдан доплови на југ до Островото Балар и направија засолниште за сите кои можеа да појдат таму; зашто задржаа и една педа земја крај Устијата на Сирион и многу лесни и брзи бродови оставија скриени во кладенците и водите каде што трските беа густи како шума.

А кога Тургон чу за ова, повторно прати гласници до устијата на Сирион и го помоли Кирдан Бродоградецот за помош. По молба на Тургон, Кирдан изгради седум брзи бродови кои отпловија кон Запад; но во Балар за никој од нив не стигна абер, освен за еден, најпоследниот. Морепловците од тој брод долго време прусаа по морето и најпосле, враќајќи се очајни, батисаа во голема бура на доглед од бреговите на Меѓуземјето; но Улмо спаси еден од нив од гневот на Оссе и брановите го кренаа и го исфрлија врз брегот на Невраст. Името му беше Воронве и беше еден од оние кои Тургон ги испрати како гласници од Гондолин.

На Моргот пак, Тургон севезден му беше во мислите; зашто Тургон му беше побегнал, токму оној кој од сите негови душмани најмногу сакаше да го зароби или сотре. И таа мисла го секираше и му ја скисели победата, зашто Тургон од силната лоза на Финголфин сега со право беше Крал на сите Нолдори; и Моргот се плашеше и ја мразеше лозата на Финголфин, затоа што беа пријатели со Улмо, душманот негов и поради раните кои Финголфин му ги зададе со мечот. А најмногу од неговата рода Моргот се плашеше од Тургон; зашто уште од дамнина во Валинор му беше паднал в очи и секогаш кога тој доаѓаше сенка му се надвиснуваше над душата, слутејќи дека, во некое сѐ уште непознато време, Тургон ќе е оној кој ќе го турне в гибел.

Затоа Хурин беше доведен пред Моргот, зашто Моргот знаеше дека е пријател со Кралот на Гондолин; но Хурин му се спротивстави и го исмеа. Тогаш Моргот ги проколна Хурин и Морвен и нивната пород и положи врз нив судба на темнина и жалост; и земајќи го Хурин од затворот, го седна на стол од камен на едно високо место на Тангородрим. Таму беше врзан од моќта на Моргот и Моргот стоејќи крај него пак го проколна; и рече: „Седи тука сега; и  гледај кон земјите каде што зло и очај ќе ги стигне оние кои ги милуваш. Се дрзна да ми се подбиваш и да ја искушиш моќта на Мелкор, Господарот на судбините на Арда. Затоа со мои очи ќе гледаш и со мои уши ќе слушаш; и никогаш не ќе се мрднеш од местово сѐ дури не се исполни сѐ што треба да бидне, до најсамоти крај.“

И така и беше; но не се кажува дека Хурин некогаш го замолил Моргот за милост или смрт, било за себе, било за некој од неговата рода.

По заповед на Моргот Орките со многу труд ги собраа сите тела на оние кои имаа погинато во големата битка и сета нивна спрема и оружја и ги натрупаа во големо брдо сред Анфауглит; и дојде како рид што оддалеку можеше да се види. Хауд-ен-Нденгин го крстија Вилите, Ридот на Загинати и Хауд-ен-Нирнеит, Ридот на Солзи. Но таму порасна трева која продолжи да вирее, висока и зелена, само таму сред сета пустелија што Моргот ја имаше направено; и оттогаш ниту еден створ на Моргот не стапна врз земјата под којашто мечевите на Елдарите и Едаините рѓосуваа и гниеја.