ВАЛАКВЕНТА - Полиграматон

ВАЛАКВЕНТА


Записи за Валарите и Маиарите според преданијата на Елдарите


На почетокот Еру, Тој, кој на вилинскиот јазик е крстен Илуватар, ги створи Аинурите од мислата своја; и тие твореа голема Музика пред Него. Во оваа Музика беше започнат Светот; зашто Илуватар ја олицетвори песната на Аинурите и тие ја видоа како светлина во мракот. И многу од нив беа понесени од нејзината убавина и нејзината историја која ја видоа како започнува и се разгрнува како на слика. Затоа, Илуватар ѝ вдахна на нивната слика Битие и ја постави сред Небиднината и Тајниот Оган беше испратен да гори во срцето на Светот и тој беше наречен Еа.

Тогаш оние Аинури кои посакаа, станаа и влегоа во Светот на почетокот на Времето; и нивна задача беше да го доспеат и со својот труд да ја исполнат сликата која ја беа виделе. Долго време ’рмбаа низ пределите на Еа, чија широчина ни Вилите ни Луѓето не можат да ја замислат, сѐ додека во времето што беше назначено не никна Арда, Земното Кралство. Тогаш се обвија во земјина руба и се спуштија на Земјата и во неа домуваа.



За Валарите


Најголемите меѓу овие духови Вилите ги викаат Валари, Силите на Арда, а луѓето често ги викале богови. Владарите на Валарите се седум; а Валиерите, Кралиците на Валарите, се исто седум. Ова беа нивните имиња на вилинскиот јазик кој се зборуваше во Валинор, но имаат и други имиња на говорот на Вилите во Меѓуземјето, а меѓу Луѓето пак, имињата им се едночудо. Имињата на Владарите подредени по ред се: Манве, Улмо, Ауле, Ороме, Мандос, Лориен и Тулкас; а имињата на Кралиците се: Варда, Јаванна, Ниенна, Есте, Ваире, Вана и Несса. Мелкор веќе не се вбројува меѓу Валарите и неговото име не се изговара на Земјата.

Манве и Мелкор беа побратими во мислите на Илуватар. Најсилен меѓу оние Аинури кои дојдоа на Светот во почетокот беше Мелкор; но Манве му е најмил на Илуватар и најјасно му го разбира ниетот. Беше назначен, кога би време, да е првиот од сите кралеви; владар на царството Арда и владетел на сите што живеат во него. Во Арда ќеф му прават ветриштата и облаците и сите воздушни предели, од височините до длабините, од најсамоти граница на Превезот на Арда, до развигорите што дуваат низ тревата. Прекар му е Сулимо, Владар на Здивот на Арда. Сите брзи птици силнокрилни ги милува и одат и идат кога тој ќе им заповеда.

Со Манве домува Варда, Дамата на Ѕвездите, која ги познава сите предели на Еа. Преголема е нејзината убавина за да се зајави со зборовите на Луѓето или на Вилите; зашто светлината на Илуватар сѐ уште ѝ живее во лицето. Неа моќта и радоста ѝ се во светлината. Од длабините на Еа кај му дојде на помош на Манве, зашто го познаваше Мелкор уште пред да се иствори Музиката и го имаше одбиено, а тој неа ја мразеше и ѝ се плашеше повеќе од на сите други кои Еру ги беше создадал. Манве и Варда ретко се делат и седат во Валинор. Дворовите им се над вечните снегови врз Оиолоссе, највишната кула на Таникветил, највисоката од сите планини на Земјата. Кога Манве таму се качува на престолот и прогледува, ако ја има Варда при себе, гледа подалеку од сите други очи и низ магла и низ темница и преку морските далечини. А ако Манве е со неа, Варда го слуша појасно од сите други уши звукот на гласовите кои се разгласуваат од исток до запад, од ридовите и долините и од темните места кои Мелкор ги има створено на Земјата. Од сите Великани кои домуваат на светот Вилите Варда најмногу ја уважуваат и ја сакаат. Елберет ја викаат и ѝ го довикуваат името од сенките на Меѓуземјето и ѝ го величаат во песни при осамнувањето на ѕвездите.

Улмо е Владар на Водите. Тој е сам. Никаде не останува долго, туку се движи кај што ќе посака низ сите длабоки води низ Земјата или под Земјата. Прв е по сила по Манве и пред да се создаде Валинор му беше најблизок пријател; но потоа почна ретко да оди на советите на Валарите освен ако не се зборуваше за големи работи, зашто цела Арда ја има во мислите и нема потреба од почивалиште. А и не сака да чекори по земјата и ретко кај се облекува во тело по тертипот на неговите врсници. Кога Чедата на Еру ќе го погледнеа, се исполнуваа со голем фрас; зашто воздигањето на Кралот на Морето беше ужасно, како вишен бран кој чекори по земјата со темен шлем пенозасртен и зарубен во блескава спрема од сребро што надолу се преточува во зелени сенки. Трубите на Манве се гласни, но гласот на Улмо е длабок како океанските длабини коишто само тој ги има видено.

Сепак, Улмо ги милува и Вилите и Луѓето и никогаш не ги напушта ниту кога гневот на Валарите е врз нив. Напати ќе дојде потајно до бреговите на Меѓуземјето или ќе дотече длабоко во копното по вливовите на морето и ќе твори музика со големите рогови, Улумурите, кои се створени од бели школки; и сите оние до кои ќе продре музиката засекогаш им останува да ја слушаат во срцата и копнежот по морето никогаш не ги напушта. Но најчесто Улмо на тие што живеат во Меѓуземјето им говори со гласови што се слушаат само како музика на водата. Зашто сите мориња, езера, реки, шадрвани и кладенци се под негова управија; и Вилите велат дека душата на Улмо тече низ сите жили на светот. И така на Улмо му стигнуваат вести, дури и во длабочините, за сите иктизи и јадови на Арда кои инаку би останале скриени од Манве.

На Ауле силата му е малку помала одошто на Улмо. Негово господство е над сета твар од којашто Арда е направена. Во почетокот многу нешта беше изнедрил здружен со Манве и Улмо; и обликувањето на сите земји е негово создание. Занаетчија си е и мајстор на сите занаети и најмногу ќеф му прави мајсторлукот, било правел ситни нешта, било грамадни зданија како во дамнина. Негови се бесценетите камења што лежат длабоко во земјата и златото што на рацете лично стои; но и планинските ѕидини и морските корита. Нолдорите од него научија најмногу и отсекогаш им беше пријател. Мелкор му љубомореше, зашто Ауле беше најсличен со него во мисла и во моќ; и долго имаше раскол меѓу нив при што Мелкор секогаш ги нагрдуваше или расипуваше творбите на Ауле и на Ауле му стана мачно да ги поправа превирањата и нередите на Мелкор. И двајцата исто сакаа да прават свои ракотворби што ќе се нови и неосмислени од другите и голем ќеф им се правеше кога ќе им го пофалеа мајсторлукот. Но Ауле му остана верен на Еру и сé што правеше положуваше пред неговата волја и не им завидуваше на творбите на другите, ами бараше и даваше совет. А Мелкор си ја истроши душата сé на завист и омраза и така на крајот веќе не можеше да створи ништо, освен нешта кои беа како подбив на мислите на другите, чии творби гледаше саде да ги уништи.

Друшка на Ауле му е Јаванна, Дарителката на Плодови. Таа ги љуби сите нешта кои растат на земјата и сите нивни небројни облици ги има на ум, од дрвата како кули во шумите од дамнина, до мовот врз камењата или ситните и тајни нешта во мувлијата. Меѓу Кралиците на Валарите Вилите ја уважуваат Јаванна веднаш по Варда. Кога е во облик на жена е висока и наметната во зелено; но напати има и други облици. Има некои кои ја виделе како стои како дрво под небесата, крунисана со Сонцето и од сите гранки кај истура златна роса врз јаловата земја и ја раззеленува со жито; но корените на тоа дрво се во водите на Улмо и ветровите на Манве зборуваат низ неговите лисја. Кементари, Кралица на Земјата ѝ е прекар на елдаринскиот јазик.

Феантурите, господарите на душите, се браќа и најчесто ги викаат Мандос и Лориен. Но поправо ова се имињата на нивните жилишта, а нивните вистински имиња се Намо и Ирмо.

Намо, постариот, домува во Мандос, кој се наоѓа најзападно во Валинор. Тој е чувар на Куќите на Мртвите и повикувач на душите на загинатите.  Ништо не заборава; и ги знае сите нешта кои допрва ќе бидат, освен оние кои уште лежат во слободата на Илуватар. Тој е Судникот на Валарите; но зајавува судови и иљами само по заповед на Манве. Ткајачката Ваире му е друшка, која ги ткае сите работи што биднале низ времињата во нејзините испеани мрежи и дворовите на Мандос кои постојано се шират со течењето на раздобјата се изнаметнати со нив.

Ирмо, помладиот, е господар на привиденијата и соништата. Во Лориен му се нему градините во земјата на Валарите и се најлични од сите места на светот,  исполнети со многу души. Нежната Есте му е друшка, исцелителката на рани и умор. Сива ѝ е рубата; а дарба ѝ е почивката. Дење не шета, туку спие на еден остров во ладините на езерото Лореллин. Од шадрваните на Ирмо и Есте сите кои живеат во Валинор црпат свежина; а Валарите често и самите доаѓаат во Лориен каде што наоѓаат почин и олеснување од бремињата на Арда.

Посилна од Есте е Ниенна, сестрата на Феантурите; таа домува сама. Знае што е јад и жали за секоја рана со која Арда се здобила од нагрдувањето на Мелкор. Толку голема ѝ беше жалоста додека се разгрнуваше Музиката, што песната уште долго пред да сврши ѝ се претвори во тажачка и звукот на ужаленост се проткаја низ мелодијата на Светот пред тој да започне. Но не плаче таа за себе; а тие што ја слушаат се учат на сочувство и истрајност во надежта. Нејзините дворови се на запад од Западот врз границите на светот; и ретко доаѓа во градот Валимар кај што сѐ е радост. Почесто оди во дворовите на Мандос кои се блиску до нејзините; и сите кои чекаат во Мандос неа ѝ се плачат, зашто таа ѝ дава сила на душата, a жалоста ја претвора во мудост. Прозорците на куќата ѝ гледаат надвор од ѕидините на светот.

Најголем по јачина и бабаитлак е Тулкас на кој прекар му е Асталдо, Јунакот. Тој во Арда дојде последен, за да им помогне на Валарите во првите борби со Мелкор. Ќеф му се прави кога се бори и си ја покажува силата; и не јава на ат, зашто може да наттрча сѐ што оди на нозе и е неуморен. Косата и брадата му се златни, а снагата румена; оружја му се рацете. Не ги есапи многу ни минатото ни иднината и не го бива за советник, но е бодар пријател. Друшка нему му е Несса, сестрата на Ороме и и таа е жилава и леконога. Сака елени, кои ѝ одат по чекорот секојпат кога шета низ дивината; но таа може да ги наттрча, зашто е брза како стрела со ветерот во косата. Ќеф и се прави кога игра и игра во Валимар на тревници од неизбледно зеленило.

Ороме е моќен големец. Не е јак колку Тулкас, ама затоа лутината му е пострашна; зашто Тулкас постојано се смее, било во натпревар, било во војна и дури и на Мелкор му се смееше в лице во битките пред да се родат Вилите. Ороме ги милуваше пределите на Меѓуземјето и нерадо ги напушти и последен дојде во Валинор; и во дамнина често преминуваше на исток преку планините и со својата свита се враќаше до ридовите и рамнините. Ловец е на чудовишта и свирепи ѕверки и ќеф му прават коњите и загарите; и сите дрва ги сака, па е наречен Алдарон, а Синдарите го викаат Таурон, Владарот на Шумите. Нахар му се вика коњот, кој е бел на сонце и сјано-сребрен навечер. Валарома му се вика рогот, чиј звук е како зажареното кревањето на Сонцето или како острите громови што ги цепат облаците. Над сите други рогови од свитата негова се слушаше во кориите кои Јаванна ги изникна во Валинор; зашто таму Ороме го обучуваше својот народ и ѕверки да ги гонат злобните створови на Мелкор. Друшка на Ороме му е Вана, Вечно Младата; таа ѝ е помала сестра на Јаванна. Сите цвеќиња цветаат кога таа мине и се отвараат ако им се испули; и сите птици пејат при нејзиното доаѓање.

Ова се имињата на Валарите и на Валиерите и тука накратко се кажува за нивната лика, како што Елдарите ги знаеја во Аман. Но колку и лични и благородни да им беа облиците низ коишто се имаа олицетворено пред Чедата на Илуватар, сепак беа како превез врз нивната убавина и нивната моќ. И она малку што тука е кажано од сето она што Елдарите го знаеја на времето, е небаре ништо во споредба со нивното право битие кое се подава до предели и раздобја предалечни за нашите мисли. Меѓу нив Девет беа први во сила и уважение; но еден е изваден од тој број и останаа Осум, Аратарите, Великаните на Арда: Манве и Варда, Улмо, Јаванна и Ауле, Мандос, Ниенна и Ороме. Иако Манве им е крал и под Еру му се верни нему, во величество се сите врсници и нема никој што им е рамен, ни Валари ни Маиари ни никој друг ред кој Илуватар го пратил во Еа.



За Маиарите


 Со Валарите дојдоа и други духови чие битие исто така почна пред Светот, од ист еснаф како Валарите, само пониски. Ова се Маиарите, поданиците на Валарите и нивните слуги и помошници. Вилите не им го знаат бројот и малку од нив имаат имиња на некои од јазиците на Чедата на Илуватар, зашто иако во Аман е поинаку, во Меѓуземјето Маиарите ретко се појавуваат во облици видливи за Вилите и Луѓето.

На чело меѓу Маиарите во Валинор чии имиња се паметат во приказните за Дамните Дни се Илмаре, служанката на Варда и Еонве, бајрактарот и телалот на Манве, чија моќ со силав е ненадмината во Арда. Но од сите Маиари, Оссе и Уинен им се најдобро познати на Чедата на Илуватар.

Оссе е вазал на Улмо и е господар на морињата што ги квасат бреговите на Меѓуземјето. Не оди во длабочините, туку ги сака крајбрежјата и островите и му се радува на ветрот на Манве; зашто ќеф му прават бурите и се смее сред татнежот на брановите. Друшка му е Уинен, Дамата на Морето, чија коса е распослана низ сите води под небото. Сите дијании кои живеат во солените потоци ги сака и сите треви кои таму растат; неа ја довикуваат морепловците, зашто таа може да ги смири брановит, кротејќи ја дивоста на Оссе. Нуменорците долго живееја под нејзина закрила и ја уважуваа неа исто колку и Валарите.

Мелкор го мразеше Морето, зашто не можеше да го потчини. Се вели дека во обликувањето на Арда се пробал да го придобие Оссе ветувајќи му ја сета царштина и моќ на Улмо, ако се кандиса да му служи. И така многу одамна фатија големи превирања во морето кои многу го испустија копното. Но Уинен, по молба на Ауле, го скроти Оссе и го доведе пред Улмо; па му простија и пак му стана верен на Улмо и оттогаш верен и му остана. Верен остана, ама ќефот за насилство никогаш целосно не му помина и напати кога ќе го фати бесот, знае да вилнее без заповед од Улмо, владарот негов. Затоа тие што живеат крај морето или што патуваат со бродови го сакаат, но не му веруваат.

Мелиан беше името на Маиата која им служеше и на Вана и на Есте; долго време домуваше во Лориен грижејќи се за дрвјата кои цветаат во градините на Ирмо пред да дојде во Меѓуземјето. Славеи пееја околу неа каде и да одеше.

Најмудар меѓу Маиарите беше Олорин. И тој домуваше во Лориен, но работата често го носеше во куќата на Ниенна и од неа научи милосрдност и трпение.

За Мелиан се зборува многу во Квента Силмарилионот. Но Олорин во таа приказна не се споменува; зашто иако ги сакаше Вилите, меѓу нив шеташе потајно или преправен како еден од нив и тие не знаеја од каде доаѓаат убавите слики и мудрите поттикнувања што тој им ги ставаше во срцата. Во подоцните денови им беше пријател на сите Чеда на Илуватар и им се смилости на жалостите и тие што го слушаа се будеа од очај и се тргаа од привидите на темнината.



За Непријателите


Најпоследно од сите е забележано името на Мелкор, Оној Кој со Моќ се Воскрева. Но тоа име веќе не важи; и Нолдорите, кои од сите Вили најмногу страдаа од неговиот лошотилук не го изустуваат, туку го викаат Моргот, Темниот Непријател на Светот. Голема моќ му беше дал нему Илуватар и беше акран со Манве. Имаше дел од моќта и знаењето на сите други Валари, но ги користеше за да прави саде пакости и си ја испусти силата во насилства и зулуми. Зашто се имаше заблазнето за Арда и сета нејзина содржајност, желен за владарството на Манве и за владение над сите царства на врсниците негови.

Од раскош, преку вообразеност, стигна да ги презира сите нешта освен себеси, дух расипнички и немилосрден. Проникливоста ја претвори во префриганост за извитоперување кон својата волја на сите оние кои беше со ниет да  ги искористи, па постана лажго без срам. На почетокот сакаше да ја најде Светлината, но кога виде дека не може само за себе да ја има, преку оган и гнев пропадна во голем јанган во Мракот. И мракот го користеше најмногу во неговите злобни творби низ Арда и го исполни со страв за сите живи суштества да се плашат.

Но толку голема беше моќта на неговото воскревање што во заборавените дамнини се држеше во костец со Манве и сите Валари и долги години во Арда господареше со поголемиот дел на Земјата. Но не беше сам. Зашто од Маиарите многу беа привлечени од раскошот во дните кога беше велик и му останаа верни дури и откако влезе в мрак; а и други потоа расипа за да му служат, со лаги и предавнички дарови. Страшни меѓу овие духови беа Валараукарите, огнените зулумџии кои во Меѓуземјето ги викаа Балрози, демони на ужасот.

Меѓу неговите слуги кои имаат имиња најсилен беше духот кој Елдарите го викаа Саурон, или Гортаур Суровиот. На почетокот беше еден од Маиарите на Ауле и остана кадар во мајсториите на тој народ. Во сите дела на Мелкор Морготот низ Арда, во огромните творби и во измамите на неговата препреденост Саурон имаше удел и не беше злобен колку господарот му само поради тоа што долго време му служеше на друг наместо на самиот себеси. Но во подоцнежните години се воскрена како сенка на Моргот и како дух на неговиот лошотилук и одеше по него по истиот гибелен пат, право кон Небиднината.


ТУКА СВРШУВА ВАЛАКВЕНТАТА