IX<br></br>За исходот на Нолдорите - Полиграматон

IX

За исходот на Нолдорите


По некое време голема раја се собра околу Судниот Обрач; и Валарите седеа во сенка, зашто беше ноќ. Но сега ѕвездите на Варда мижуркаа над нив и воздухот беше чист; зашто ветриштата на Манве ги беа отерале смртните чуреи и истуркале морските сенки. Тогаш Јаванна стана и се качи на Езеллохар, Зеленото Брдо, кое сега беше голо и црно; и ги положи рацете врз Дрвата, но тие беа мртви и мрачни и секоја гранка што ќе ја пофатеше се кршеше и безживотно ѝ паѓаше пред нозе. И тогаш многу гласови фатија да тажат; и на тажачите им се виде како до последна капка да го испиле горкиот пелин кој Мелкор им го беше налеал. Но не беше така.

Јаванна прозборе пред Валарите, велејќи: „Светлината на Дрвата згасна и сега живее само во Силмарилите на Феанор. Арно стори што ги направи! Дури и за оние што се најмоќни под Илуватар има дела кои можат еднаш и само еднаш да ги постигнат. Јас ја изнедрив Светлината на Дрвата и веќе никогаш нема да можам да го сторам истото во Еа. Сепак, ако имав барем една ронка од светлината ќе можев да ги оживеам Дрвата пред да им изгнијат корените; та да ни се зацелат раните и лошотилукот на Мелкор да се сузбие.“

Тогаш Манве прозборе и рече: „Чу ли Феаноре, сину на Финве, што рече Јаванна? Ќе ѝ го дадеш ли она што го бара?“

Долга тишина фати, но Феанор не рече ни збор. Тогаш Тулкас извика: „Ајде Нолдо зборувај, кандисуваш или не? Па кој би ја одбил Јаванна? И зар не доаѓа светлината на Силмарилите од делата нејзини, на почетокот?“

Но Ауле Занаетчијата рече: „Полека брате! Она што го бараме не е мала работа. Оставете го уште малку, та сетне ќе ни каже.“

Но Феанор тогаш се вдаде и горко извика: „Како и великиот така и понискиот има дела кои може саде еднаш да ги постигне; и во тие дела срцето да си го положи. Јас може и да можам да ги отклучам џеваирите мои, но веќе никогаш не ќе направам други на нив рамни; и ако мора да ги скршам, срцето ќе си го скршам и ќе загинам; прв меѓу Елдарите во Аман.“

„Нема да си прв,“ рече Мандос, но никој не му разбра зборот; и пак фати тишина, а Феанор се стушти во мракот. Му се виде како да е сардисан во круг од непријатели и му се вратија зборовите на Мелкор дека Силмарилите нема да се на сигурно ако Валарите сторат ниет да му ги земат. „Та нели и тој е Вала како нив,“ си помисли во себе, „и нели им ги разбира срцата? Море, арамијата си ги знае побратимите!“ Тогаш гласно извика: „Своеволно јас ова нема да го сторам. Но ако Валарите ме натиснат, тогаш ќе знам дека вистина се од сојот на Мелкор.“

Тогаш Мандос рече: „Така нека биде.“ И Ниенна стана и отиде на Езеллохар и си ја симна сивата качулка и со солзите ги изми погнаштиите на Унголиант; и ужалено запеа за горчината на светот и Нагрдувањето на Арда.

Но како што тажеше Ниенна стигнаа нолдорски гласници од Форменос и донесоа нов лош абер. Зашто рекоа дека некоја слепа Темнина се беше задала кон север сред која чекорела некоја безимена сила и Темнината изливала од неа. А и Мелкор бил таму и влегол во куќата на Феанор и го отепал Финве Кралот на Нолдорите пред портите и ја пролел првата капка крв во Блаженото Царство; зашто само Финве не беше избегал од страв од Темнината. И рекоа дека Мелкор ја разбил крепоста во Форменос и ги зел сите нолдорски џеваири кои таму биле накалапени; и ни Силмарилите ги немало.

Тогаш Феанор стана и кревајќи ја раката пред Манве го проколна Мелкор нарекувајќи го Моргот, Црниот Душман на Светот; и само по тоа име оттогаш го знаеја Елдарите. И го проколна и теклифот на Манве и часот кога беше пристигнал на Таникветил, мислејќи си од бес и од јад дека ако бил во Форменос, ќе ја спотнел силата за да направи повеќе одошто само да загине од рацете на Мелкор, та умислата да му ја исполни. Тогаш Феанор истрча од Судниот Обрач и избега во ноќта; зашто татка си си го сакаше повеќе и од Светлината на Валинор и од ненадмашените творби на рацете си; и имало ли син меѓу Вилите или Луѓето кој повеќе си го уважувал татка си?

Многумина жалеа за страдот на Феанор, но зијанот не беше само негов; и Јаванна плачеше крај брдото од страв да не Темнината засекогаш ги проголта последните зраци од Светлината на Валинор. Зашто иако Валарите сѐ уште не разбираа во целост што се имаше случено, осознаа дека Мелкор беше свикал на помош некоја сила од надвор од Арда. Силмарилите веќе ги немаше и можеби се чинеше сеисто дали Феанор ќе кандиса да ја послуша Јаванна или не; но ако се беше кандисал пред да дојде аберот од Форменос, можеби подоцнежните дела ќе му беа поинакви одошто му беа. Но вака, судбата на Нолдорите почна да ближи.

Во меѓувреме Моргот бегајќи од потерата на Валарите стигна до пустелиите на Араман. Оваа земја беше на север помеѓу Пелорските планини и Големото Море како што Аватар беше на југ; но Араман беше поширока земја и меѓу бреговите и планините се простираа јалови рамнини, сѐ поладни и поладни како што се ближеше Мразот. Низ овие предели минаа Моргот и Унголиант вјасајќи и така низ големите магли на Оиомуре стигнаа до Хелкараксе, каде теснецот меѓу Араман и Меѓуземјето беше исполнет со резлив мраз; и Моргот премина на другата страна и најпосле се врати во северниот дел на Надворешните Земји. Одеа сѐ заедно, зашто Моргот не можеше да ѝ избега на Унголиант во чиј облак уште беше завиен и чии едночудо очи непрестајно го гледаа; и стигнаа до оние краишта кои се на север од Вливот Дренгист. Така Моргот сѐ повеќе наближуваше до рушевините на Ангбанд каде што му беше била големата западна крепост; и Унголиант му го осозна ниетот и ѝ текна дека тука ќе се проба да ѝ избега, па го застана, барајќи му да си го исполни ветеното.

„Црнодушнику!“ рече. „Правев како што повелаше. Но уште му се јаде.“

„Што уште да ти дадам?“ рече Моргот. „Зар со сиот свет сакаш мевот да си го наполниш? Не се заветив тоа да ти го дадам. Со него јас господарам.“

„Не сакам до толку.“ рече Унголиант. „Но големо азно кај зеде од Форменос; сето ќе ми го дадеш. Со две раце има да ме гоштеваш.“

Тогаш Моргот и ги предаде сосила сите бесценети камења што ги имаше понесено еден по еден и мрштејќи се; а таа ги проголта и убавината им витоса од светот. Уште поогромна и помрачна стана Унголиант, но ламтежот ѝ беше незаситен. „Со една рака ме гоштеваш,“ рече; „само со левата. Де отвори ја и десната.“

Во десната рака Моргот силно ги стискаше Силмарилите кои иако беа заклучени во билјурно ковчеже беа почнале да го горат, па со болка ја стегаше раката; но не ја отвараше, „Не!“ рече. „Си го доби што ти следува. Зашто саде со силата која јас ти ја вдахнав успеа да си го завршиш своето. Веќе не ми требаш. Овие ниту ќе ти ги дадам ниту ќе ги видиш. Си ги зедов за мои и мои за навек ќе останат.“

Но Унголиант беше нарасната, а тој намален од силата што се беше излила од него; па се истопори пред него и го опколи со облакот и го замрежи во пајажина од лепливи ортоми за да го задави. Тогаш Моргот испушти ужасен викот кој одекна низ планините. Оттогаш тој предел го завикаа Ламмот; зашто одеците на неговиот глас за навек останаа таму и секојпат кога некој во таа земја гласно ќе извикаше се будеа и сета пустелија меѓу ридовите и морето се исполнуваше со бука како од страдни гласови. Викотот на Моргот во тој час беше најсилниот и најстрашниот што некогаш се расчул низ северниот свет; планините се затресоа и земјата затрепери и карпи фатија да се цепат. До далечни и заборавени места се огласи викотот. Длабоко под урнатите дворови на Ангбанд, во визби каде што Валарите, одошто брзаа со нападот, не се имаа спуштено, сѐ уште чмаеа Балрози, истрајно чекајќи го враќањето на Владарот им; и сега бргу се подадоа и минејќи преку Хитлум како огнена луња стигнаа до Ламмот. Со пламените камшици ги сотреа пајажините на Унголиант и таа стрпна и се вдаде да бега, ригајќи црни чуреи за да се покрие; и бегајќи од север се спушти до Белерианд и се вдоми под Еред Горгорот, во темната долина која отпосле беше наречена Нан Дунгортеб, Долината на Страшна Смрт, поради ужасиите кои таму ги изнакоти. Зашто и други погани створови налик на пајаци живееја таму уште од дните кога се длабеше Ангбанд, па се заплоди со нив и ги проголта; и и откако Унголиант си замина кај очи и гледаа кон заборавените јужни краеви на светот, нејзиниот пород остана да домува таму и да ткае одвратни пајажини. Што судбина ја беше снашло Унголиант, никаде не се кажува. Но некои велат дека одамна битисала, кога во најголемиот глад самата себеси најпосле се проголтала.

И така стравот на Јаванна дека Силмарилите ќе се проголтани и ќе се разнебитат не се оствари; но сепак останаа во рацете на Моргот. А тој одошто беше сега слободен, пак си ги собра слугите што ги најде и појде до рушевините на Ангбанд. Таму одново фати да си ги длаби големите визби и зандани и над нивните порти ги дигна тројните врвови на Тангородрим кои катаден беа овенчани со голем базд од црн чад. Небројни станаа таму неговите свити на ѕверки и демони и сортата на Орките, уште пред тоа искотена, растеше и се множеше во земјината утроба. Темна сенка падна врз Белерианд тогаш, како што сетне ќе се кажува, но во Ангбанд Моргот си искова голема железна круна и се нарече Крал на Светот. Како нишан на ова, во круната ги постави Силмарилите. Рацете му изгореа и се катраносаа од допирот на осветените џеваири и катраносани за навек му останаа; ниту некогаш имаше мир од болката на жештината и од гневот на болката. Таа круна никогаш не ја симна од главата, иако смртен замор чувствуваше од нејзината тежина. Никогаш, освен само еднаш и тоа потајно и накратко, не ја напушти неговата царштина на север; и ретко кај ги напушташе длабоките места на тврдината, повелајќи со војските од северниот престол. И додека царуваше, само еднаш тој самиот се фати за оружје.

Зашто сега, уште повеќе одошто во деновите на Утумно пред да му ја кутнат гордоста, го јадеше омраза, па си ја трошеше душата во господарење со слугите и во будење во нив ламтеж за зло. Но сепак и понатаму си ја задржа величественоста како еден од Валарите, иако му се претопи во ужас и пред лицето негово сите освен најсилните тонеа во мрачна јама на страв.

Кога се дозна пак, дека Моргот беше избегал од Валинор и дека потерата беше залудна, Валарите долго време останаа да седат во темница во Судниот Обрач и Маиарите и Ванјарите стоеја пред нив и липаа; но повеќето од Нолдорите се вратија во Тирион и го жалеа замрачувањето на нивниот личен град. Низ притулената пропаст Калакирја се мушнаа магли од сеништните мориња и ги загрнаа кулите и фенерот на Миндон бледо гореше во мрачнината.

Тогаш Феанор одненадеж се појави во градот и ги свика сите да дојдат до високиот кралски двор на врвот на Туна; но судот да оди сургун кој му беше назначен уште не беше поминат, па така се забунтува против Валарите. И затоа едночудо народ бргу се собраа да чујат што има да каже; и ридот и сите скали и сокаци што се издигаа по него беа осветлени од многуте факли кои насобраните ги држеа во рацете. Феанор беше мајстор на зборови и со јазикот, кога го користеше, повелаше голема моќ над туѓите срца; и таа ноќ пред Нолдорите одржа говор кој им остана вечно да го паметат. Жолчни и свирепи му беа зборовите и полни со лутина и гордост; и како што ги слушаа, лудило се разбуди меѓу Нолдорите. Гневот и омразата најмногу ја фрлаше врз Моргот, а сепак сѐ она што го кажуваше доаѓаше токму од лагите на Моргот; но беше избезумен од смртта на татка си и од страд за пљачката на Силмарилите. Така се прогласи за владетел на сите Нолдори, зашто Финве беше мртов и ги презре грамотите на Валарите.

„Зошто ли, народе нолдорски,“ извика, „зошто да продолжиме да им служиме на зависливите Валари кои ни нас, ни кралството свое не можат да си го извардат од Непријателот им? Сега им е душман, но зар не се од исти сој со него? Од освета сум дојден, но и да не бев, немаше веќе да живеам на иста грутка земја со родата на крвникот на татко ми и арамијата на благото мое. Но не сум саде јас јунак сред овој јуначки народ. И зар и вие не го изгубивте вашиот Крал? И што сѐ не друго изгубивте, стутулени тука во теснава земја сред планини и мориња?

Тука еднаш имаше светлина, која Валарите му ја бранеа на Меѓуземјето, но сега саде мрак натиснал. Зар вечно ќе жалиме тука со скрстени раце, како сеништни авети што низ маглишта сноваат, ронејќи празни солзи во бездушното море? Или ќе си се вратиме дома? Слатко течеа водите под ведрите ѕвезди во Куивиенен и широки земји се простираа, та за народ во слобода да се рашета. Уште се таму и нѐ чекаат нас, ние кои во безумие ги арнисавме. Да одиме! Нека им го градов на кукавиците!“

Долго беседеше и саде ги бодреше Нолдорите да го следат и со нивен бабаитлак да си најдат слобода и големи царства во земјите на Исток пред да е касно; зашто ги огласуваше лагите на Мелкор дека Валарите ги матосале и ги држеле заточени за да можат Луѓето да владеат со Меѓуземјето. Многу од Елдарите тогаш за прв пат слушнаа за Потемдојденците. „Личен ќе е крајот,“ извика, „но долг и тежок ќе е патот! Простете се со робијата! Но простете се и со леснотијата! Простете се со слабите! Простете се со азната! Уште поголеми ќе направиме. Патувајте лесни: но понесете си ги мечевите! Зашто ќе талкаме подалеку од Ороме, ќе истраеме подолго од Тулкас: никогаш нема да ја скршиме потерата. По Моргот до крајот на Светот! Џенг ќе добие од нас и вечножива омраза. Но кога ќе го надвиеме и ќе ги повратиме Силмарилите, тогаш ние и само ние ќе сме владари на ненагрдената Светлина и господари на блаженството и убавината на Арда. Ниедна друга раса нема да нѐ одмени!“

Тогаш Феанор зеде ужасна заклетва. Неговите седум синови веднаш срипаа крај него и и самите го зедоа истиот завет и црвени како крв им светеа извлечените мечеви врз сјајот на факлите. Зедоа заклетва која никој не смееше ниту да ја прекрши ниту да ја земе, свикувајќи во име на Илуватар Вековен Мрак врз него, ако не ја исполни; и за сведоци ги зедоа Манве и Варда и осветената планина Таникветил, заветувајќи се со освета и омраза до крајот на Светот да го гонат и Вала и Демон и Вила и Човек уште нероден или било каква дијанија, голема или мала, добра или лоша, што би дошла низ времињата сѐ до крајот на дните, ако допре, земе или задржи Силмарил наспроти нив.

Така рекоа и Меидрос и Маглор и Келегорм, Куруфин и Карантир, Амрод и Амрас, нолдорските принцеви; и многумина стрпнаа кога ги чуја фрасните зборови. Зашто заклетва така земена, било за арно или лошо, не можеше да се прекрши и до крајот на светот би ги гонела клетводавачите и клетвокршачите. Финголфин и син му Тургон се свртеа против Феанор и жолчни зборови се рабудија и повторно гневот ги понесе кон мечова острица. Но Финарфин им прозборе со арно, како што му беше по табиет и проба да ги смири Нолдорите, велејќи им да застанат и се помислат малку пред да сторат дела кои не ќе можат да ги поништат; а од неговите синови само Ордорет зборуваше како него. Финрод беше со Тургон, пријателот му; но Галадриел, единствената жена меѓу Нолдорите која дента стројно и јуначки застана сред раскараните принцеви беше желна да си оди. Таа заклетва не зеде, но зборовите на Феанор за Меѓуземјето ѝ се беа завалиле во срцето, зашто чезнееше да ги види широките неоградени земји, па и самата да има таму царство и да владее. Со ист ниет како Галадриел беше и Фингон, синот на Финголфин, одошото исто беше понесен од зборовите на Феанор, иако непара го сакаше; и со Фингон беа, како и секогаш, Ангрод и Аигнор, синовите на Финарфин. Но тие си траеја и не им пререкуваа на татковците.

Најнакрај, по долги беседи, Феанор надвладеа и поголемиот дел од насобраните Нолдори ги распали со копнеж по нови нешта и чудни земји. Така, кога Финарфин повторно рече да сопрат и да помислат се чу голем викот: „Не, да си одиме!“ И Феанор со синовите уште веднаш почнаа да се подготвуваат за походот.

Непара знаеја што ги чека, оние кои се осмелија да тргнат по тој темен пат. Но сѐ беше сторено часкум; зашто Феанор ги бодреше од страв да не им истинат срцата и зборовите да им залинеат, па друг совет да надвладее над неговиот; зашто и по сите горди зборови не ја заборави силата на Валарите. Но од Валмар абер не дојде и Манве молчеше. Тој не сакаше ниту да му забрани ниту да го спречи Феанор во умислата; зашто Валарите многу се јадосаа кога ги наклеветија дека им мислеле лошо на Елдарите и дека сосила ги држеле заточени. Затоа само гледаа и траеа, зашто уште не веруваа дека Феанор сам ќе може да ги повела свитите на Нолдорите.

И вистина, кога Феанор почна да ги строи Нолдорите за тргнување веднаш фатија размирници. Зашто иако ги беше кандисал собраните да си отидат, имаше баеги многу кои не сакаа да го прифатат Феанор за Крал. Помили им беа Финголфин со неговите синови и нивната лоза и повеќето од народот од Тирион одбија да се одречат од него, ако само појде со нив; и така најнакрај, во две одделени свити, Нолдорите тргнаа  на горкиот пат. Феанор и неговите следбеници беа на чело, но поголемата свита одеше назад со Финголфин; кој чекореше наспроти сопствениот разум, зашто син му Фингон го бодреше да замине и зашто не сакаше да се отцепи од оние од неговиот народот кои сакаа да заминат, та да ги препушти на непромисленоста на Феанор. А и не ги заборави зборовите пред престолот на Манве. Со Финголфин тргна и Финарфин, со исти себап, но него најнемило му беше да замине. И од сите Нолдори во Валинор кои дотогаш имаа прераснато во голем народ, само еден десеток одби да тргне на пат: некои од љубовта што ја имаа кон Валарите (а најмногу кон Ауле), некои од љубов за Тирион и многуте нешта кои ги имаа направено; но никој од страв од бељите по патот.

Но како што се разгласија трубите и Феанор минеше низ портите на Тирион, најпосле пристигна гласник од Манве и рече: „Против безумието на Феанор ви пуштам само совет. Не си одете! Зашто лоши времиња навасале и патот ве води до жалост каква што не можете да согледате. А Валарите во ова нема да ви пружат помош; но ниту ќе ве сопрат; зашто вака да знаете: како што своеволно дојдовте, своеволно и ќе си одите. Но ти Феаноре, сину на Финве, си протеран по заклетвата што ја зеде. Горка школа ќе ти бидат лагите на Мелкор. Велиш Вала бил. Тогаш напразно си се заколнал, зашто никој од Валарите ти не можеш да надвладееш ни сега ни никогаш во дворовите на Еа, макар и Еру, чие име го споменуваш, трипати посилен би те направил одошто си.“

Но Феанор се засмеа и не му прозборе на телалот, туку на Нолдорите, велејќи: „Нели? Зар народов јуначки ќе го остави наследникот на Кралот им сам со синовите да оди сургун и ќе се врати под робија? А на тие што ќе ме следат им велам: Слутите жалост? Ама во Аман веќе нѐ стигна. Во Аман од блаженство паднавме во таксират. Сега инаку ќе пробаме: низ жалост да најдеме радост; или ако ништо друго барем слобода.“

Тогаш вртејќи му се на телалот извика: „Вака да му кажеш на Манве Сулимо, Врховниот Крал на Арда: ако Феанор не може да го собори Моргот, барем не се плаши да го кајдиса и не седи јадосан со скрстени раце. И можеби Еру беше завалил во мене поголем оган одошто вие си мислите. На такви маки има да го ставам Душманот на Валарите, па и моќниците во Судниот Обрач да се чудат. Море и тие мене ќе ме следат на крајот. Со здравје!“

Во тој час гласот на Феанор беше толку силен и јак што дури и телалот на Валарите се поклони како пред некојшто кажал сѐ што требало да се каже и си замина; а Нолдорите пак се окуражија. И така продолжија со походот; и лозата на Феанор вјасаа напред по бреговите на Еленде; и ниту еднаш не го свртија погледот кон Тирион врз зелениот рид Туна. Поспоро и поневолно по нив чекореше свитата на Финголфин. Кај нив Фингон беше најнапред; а одзади одеа Финарфин и Финрод и многу од најмудрите и најблагородните меѓу Нолдорите; и често се вртеа кон личниот им град, сѐ додека фенерот на Миндон Елдалиева не се изгуби во ноќта. Од сите Сургунџии, тие најмногу во себе ги задржаа спомените на блаженството што го беа арнисале, а некои понесоа со нив и дел од творбите кои ги имаа направено: да им бидат ем утеха, ем товар по патот.

Феанор пак, ги поведе Нолдорите кон север зашто прво намераваше да го следи Моргот. А и Туна под Таникветил беше блиску до појасот на Арда и таму Големото Море беше неизмерно широко, а кон север расцепните мориња сѐ повеќе се стеснуваа како што пустелиите на Араман се доближуваа до бреговите на Меѓуземјето. Но кога умот на Феанор подистина и се разбистри, осозна, макар прекасно, дека целата таа голема тајфа никогаш не ќе ги премине долгите милји кон север ниту ќе може најпосле да го премине морето доколку немаат бродови; а долго време и многу рмбање ќе треба за да се изгради толкава флота, дури и ако имаше некои од Нолдорите што го знаеја тој занает. Затоа се реши да ги убеди Телерите кои отсекогаш им беа биле пријатели на Нолдорите да им се придружат; и во инаетот му се виде како со тоа да ќе може уште повеќе да им се намали блаженството во Валинор, а нему да му се зголеми аскерот против Моргот. И така поита кон Алквалонде и прозборе пред Телерите како што пред тоа зборуваше во Тирион.

Но Телерите со ништо не успеа да ги кандиса. Тие навистина жалеа дека роднините и милите побратими ќе им заминат, но попрво сакаа да ги одвратат отколку да им помогнат; а бродови не сакаа да им дадат ниту пак да им помогнат сами да изградат наспроти волјата на Валарите. А тие самите друг дом, освен ривите на Елдамар и друг владар освен Олве, принцот на Алквалонде не сакаа. А тој никогаш дотогаш не го слушаше Моргот ниту го имаше пречекано во неговата земја и сѐ уште имаше верба дека Улмо и другите Валари ќе ги извидаат раните на Моргот и дека ноќта ќе мине и ќе се прероди во нова зора. Тогаш Феанор се разгневи, зашто сѐ уште имаше страв од запирање; и жолчно му рече на Олве. „Се одрекуваш од пријателството во најголемата ни иктиза,“ му рече. „А збор не рече кога ви дојдовме на помош, кога последни пристигнавте до бреговиве, како слабодушни арамолепци едвај со по некое парталче. Уште во колиби од кал ќе живеевте Нолдорите ако не ви го издлабија пристанов и ако не ви рмбаа по ѕидиштата.“

Но Олве одговори: „Од ничие пријателство не се одрекуваме. Но пријател пријатела треба да го одврати од безумие. И кога Нолдорите нѐ пречекаа и ни пружија помош поинаку зборуваше: дека во Аман ќе домуваме засекогаш како браќа, ѕид до ѕид со куќите. А за белите ни бродови: тие не ни се од вас. Тој занает не го научивме од Нолдорите, туку од Владарите на Морето; и белата јапија со свои раце ја делкавме и белите едра нашите жени и ќерки ги исткајаа. Затоа ниту ги даваме ниту ги продаваме, за кој било сојуз или пријателство. Зашто да знаеш Феаноре, сину на Финве, тие се за нас како бесценетите камења за Нолдорите: творби на срцата наши и други рамни на нив никогаш веќе нема да направиме.“

Тогаш Феанор го остави и седна задуман во мрачни мисли зад ѕидините на Алквалонде додека му се собираше свитата. Кога реши дека има доволно аскер, појде до Пристанот на Лебедите и почна да се качува по бродовите кои таму беа закотвени и сосила да ги зема. Но Телерите му се спротиставија и многу од Нолдорите испофрлија в море. Тогаш заблескаа мечеви и лута битка падна на бродовите и по осветлените кејови и скелиња на Пристанот и дури и врз големиот свод на портата. Трипати беа одвратени воините на Феанор и од обете страни многумина изгинаа; но на претходницата на Нолдорите на припомош им дојде Фингон и челните свити на Финголфин, кои кога втасаа и видоа битка кај што им гинат браќата, се впуштија и тие пред да им е јасно зошто настанала кавгата; и некои дури мислеа дека Телерите сакаат да го пресечат походот на Нолдорите по заповед на Валарите.

И така најпосле Телерите беа совладани и голем дел од морепловците кои домуваа во Алквалонде клето беа покосени. Зашто Нолдорите беа сега жестоки и очајни, а Телерите беа послаби и од оружје повеќето имаа само тенки лакови. Тогаш Нолдорите им ги зедоа белите бродови и се фатија за веслата како што знаеја и умееја и одвеслаа со нив северно по брегот. И Олве го свика Оссе на помош, но тој не дојде, зашто Валарите не дадоа да исходот на Нолдорите со сила биде спречен. Но Уинен заплака за телерските морепловци; и морето гневно се крена против крвниците, та многу бродови се испокршија и тие што беа во нив се издавија. За родоморството во Алквалонде повеќе се кажува во елегијата која е наречена Нолдоланте, Падот на Нолдорите, која Маглор ја напиша пред да го снема.

Сепак, поголемиот дел од Нолдорите се спасија и кога бурата помина продолжија по патот, некои на брод, некои по копно; но патот беше долг и сѐ помачен како што одеа. Откако долго време маршираа низ неизмерната ноќ, втасаа најнакрај до северниот синор на Варденото Кралство, на границите на празната пустелија Араман кои беа планински и ладни. Тогаш одненадеж видоа темен облик како стои високо врз една карпа која висеше над брегот. Некои велат дека не било тоа телал на Манве, туку самиот Мандос кај стоел пред нив. И слушнаа силен глас, трезвен и ужасен, кој им заповеда да застанат и да почујат. Тогаш сите запреа и мирно застанаа и од едниот до другиот крај на нолдорските свити се чу гласот како ја искажува клетвата и пророштвото кое е наречено Северното Пророштво и Судот на Нолдорите. Многу работи се претскажаа низ темните зборови, кои Нолдорите ги разбраа дури потоа откако ги снајде таксиратот; но сите ја слушнаа клетвата која беше изустена врз оние кои не сакаа да останат и да побарат суд и прошка пред Валарите.

„Солзи неброени ќе пролеете; и Валарите ќе го оградат Валинор од вас и ќе ве отсечат, та ни одекот од плачот нема да ви се чуе преку планините. Врз родата на Феанор е залегнат гневот на Валарите, од Запад, та сѐ до најсамоти Исток и врз сите оние кои ќе ги следат исто ќе е залегнат. Заклетвата што ја зедоа ќе ги тера, но ќе ги предаде и вечно ќе им го отме благото кое се заколнаа дека ќе го гонат. Сѐ што со арно ќе започнат со лошо ќе се заврши; и сѐ што ќе бидне, ќе бидне од родопредавство и од страв од предавство. За навек Лишени ќе бидат.

На правдина ја пролеавте крвта на родата ви и го извалкавте Аман. За крвта, крв ќе жнеете и надвор од Аман ќе домувате во смртна сенка. Зашто иако Еру ви предодредил да не умрете во Еа и болест да не ве кајдиса, сепак може да загинете, а ќе гинете: и од силав и од страдание и од јад; и обескуќените ви души ќе ви дојдат во Мандос. Долго време таму ќе седите и ќе чемреете за телата ви и не ќе најдете милост макар и сите кои ги отепавте да би молеле за вас. А оние кои ќе истраат во Меѓуземјето и нема да дојдат во Мандос, ќе се изморат од светот како од големо бреме и ќе замрат и ќе станат како авети на покајание пред помладата раса која отпосле ќе стигне. Од Валарите толку.“

Тогаш многумина стрпнаа; но Феанор си го отрпна срцето и рече: „Не напразно се заколнавме. И ќе ја чуваме заклетвата. Со многу зла ни се фалат па уште и со предавства; но едно не ни се пишува: да патиме од кукавичлук, од плашливци, или од стравот на плашливци. Затоа велам дека нема да запреме, а и ваков иљам додавам: за делата кои ќе ги сториме има да се пеат песни сѐ до последните денови на Арда.“

Но во тој час Финарфин го арниса походот и тргна за назад, одошто беше исполнет со јад и горчина кон лозата на Феанор поради побратимлукот што си го имаше со Олве од Алквалонде; и многумина од народот појдоа со него ужалено враќајќи се чекор по чекор сѐ додека пак не го здогледаа далечниот зрак на Миндон врз Туна кој сѐ уште сјаеше во ноќта и така се вратија во Валинор. Таму Валарите ги помилуваа и го ставија Финарфин да владее со остатокот на Нолдорите во Блаженото Царство. Но неговите синови не го следеа, зашто не сакаа да ги арнисаат синовите на Финголфин; и сиот народ на Финголфин продолжи по патот одошто беа врзани за кралот си и за волјата на Феанор и одошто им беше страв од судот на Валарите, зашто не беа сите без кабает во Родоморството во Алквалонде. А Фингон и Тургон беа смели и со жешки срца и не им даваше душа да остават работа која ја беа отпочнале, па и горка да би испаднала на крајот. И така главната свита продолжи и злото што беше претскажано бргу почна да се исполнува.

Нолдорите најпосле стигнаа до крајниот север на Арда и ги видоа првите заби на мразот кој пловеше во морето и видоа дека се ближат до Хелкараксе. Зашто помеѓу земјата Аман која на север се свиваше на исток и источните брегови на Ендор (а тоа е Меѓуземјето) кои посигаа кон запад, имаше теснец низ којшто заедно се слеваа студените води на Опкружното Море и брановите на Белегеир и имаше недогледни облаци и магли на кобен студ и морските струи беа полни со залетани ридови мраз и резлив мраз длабоко потонат. Таков беше Хелкраксе и таму уште никој се немаше осудено да мине, освен само Валарите и Унголиант.

Затоа Феанор застана и Нолдорите почнаа да се советуваат по кој пат да фатат. Но почнаа да патат од ладното и од лепливите магли низ коишто ни најмал ѕвезден зрак не можеше да продре; и многумина се попишманија и почнаа да мрморат, особено тие што ги следеа Финголфин, колнејќи го Феанор и назначувајќи го за изворот на сите таксирати на Елдарите. Но Феанор, знаејќи за сѐ што се зборуваше се посоветува со синовите; и видоа дека има само два начина да избегаат од Араман и да стигнат до Ендор: преку теснецот, или со брод. Но Хелкараксе им се виде како непрооден, а бродови имаа малку. Многу загубија по долгиот пат и не им останаа доволно за цела свита заедно да може да премине; но никои не сакаа да останат на западниот брег за другите да преминат пред нив: одошто стравот од предавство веќе се имаше разбудено меѓу Нолдорите. И им текна на Феанор и неговите синови да ги грабнат сите бродови и да заминат наеднаш; зашто уште од битката во Пристанот тие повелаа со флотата во која беа само оние кои таму се бореа и кои беа врзани за Феанор. И доаѓајќи како порачан, задува ветар од северозапад и Феанор потајно се издудна со сите оние кои чинеше дека му се верни и се испокачија по бродовите и отпловија и го оставија Финголфин во Араман. И зашто морето таму беше тесно, пловејќи кон исток со по малку на југ, успеа да премине без зијан и прв од сите Нолдори повторно стапна врз бреговите на Меѓуземјето; и симинањето на Феанор беше на устието на вливот кој го викаа Дренгист кој течеше кон Дор-ломин.

Но кога се симнаа, Меидрос, најстариот од синовите кој на времето беше пријател со Фингон пред лагите на Моргот да ги раскараат, прозборе со Феанор велејќи му: „Кои бродови и веслачи ќе ги пратиш сега да се вратат и кој прво ќе го пренесат? Фингон јунакот ли?“

Тогаш Феанор се засмеа небаре на мајтап и извика: „Никои и никој! Она што го оставив зад себе не ќе ме стави в зијан; ненужен товар саде ни беше по патот. Нека тие што ме колнеа и понатаму ме колнат и нека се вратат гурелави во кафезот на Валарите! А бродовите ќе ги запалиме!“ Тогаш Меидрос се тргна настрана, но Феанор заповеда да се опожарат белите бродови на Телерите. И во тоа место кои го викаа Лосгар, на работ на Вливот Дренгист, битисаа најличните галии кои некогаш пловеле по морето во голем јанган, светол и ужасен. И Финголфин со народот ја видоа далечната светлина како се црвенее под облаците; и сфатија дека се предадени. Ова беше првиот бериќет од Родоморството и Судот на Нолдорите.

Тогаш Финголфин, гледајќи дека Феанор го беше оставил да витоса во Араман или да се врати посрамотен во Валинор се исполни со горчина; но дури тогаш најмногу му се присака да изнајде пат до Меѓуземјето, та пак да се сретне со Феанор. И тој и неговата свита долго талкаа како клетници, но јунаштвото и закаленоста им раснеа низ аловите, одошто беа силен народ, постарите вековечни чеда на Еру Илуватар, скоро дојдени од Блаженото Царство и сѐ уште неналегнати од земниот умор. Огнот во срцата им беше млад и предводени од Финголфин и неговите синови и од Финрод и Галадриел се осудија да преминат кон најлутиот Север; и одошто не најдоа друг пат, најпосле го пребродија ужасот на Хелкараксе и суровите ридови од мраз. Малку од делата на Нолдорите од потоа можат по срчавост и таксирати да се токмат со тоа очајничко преминување. Таму битиса Еленве, жената на Тургон, а и многу други витосаа; и со намалена свита Финголфин кај напосле стапна врз Надворешните Земји. Очи на Феанор и неговите синови не сакаа да му видат оние кои најпосле втасаа по него и ги разгласија трубите во Меѓуземјето при првиот изгрев на Месечината.